Ниту србизација ниту бугаризација на Македонците

Празникот 29 Ноември цели 55 години беше најголемиот државен празник на Социјалистичка Република Југославија, а со самото тоа и на Македонија. Денес е заборавен, живее само во сеќавањата на постарите генерации

Дваесет и деветти ноември – еден голем заборавен празник

По распадот на бивша, Титова Југославија, преиспитувањето на историската слика и промената на погледот за поблиското минато во заедничката држава не одмина ниту една од поранешните републики, сега независни држави. Низ еден таков процес се сакаше, некаде прикриено, некаде намерно, да се оцрни заедничката федерација, при што пообилно беа користени негативните страни на владејачкиот еднопартиски комунистички систем, кој, се разбира, како и секое нешто, не беше без слабости и аномалии. На крајот се покажа дека „поминува ако се менуваат дотогашните формулации и констатации, но никако не може да се менуваат вистината и фактите“. Може да се занемаруваат, но не може да се избришат.
Како и во другите држави така и во Македонија се направија обиди не само да се измени туку и да се осуди нејзиното комунистичко-социјалистичко минато, иако тоа ги немаше одликите на сталинистичка диктатура, какви што беа системите во Бугарија и во Романија, на пример. Обидите да се преобликува минатото, да се прикаже поинакво одошто било не наидоа на прием ниту во научната ниту во граѓанската јавност. Тоа беше пуста желба од времето на Љупчо Георгиевски и структурата околу него, не поради неможноста да најдат нови сознанија и формулации туку од немоќта да се судрат со фактите. Рестлови од таа политика постојат и денес, но се во ефемерна позиција во општеството и во политичкиот живот.
Меѓу повеќето историски настани на удар се најде и определбата на македонскиот народ да се поврзе со другите народи на Југославија, определба што била изразена и потврдена на заседанието на АВНОЈ во 1943 година. Неколку месеци претходно КПМ (Комунистичката партија на Македонија) беше донела одлука македонските комунисти да се припојат кон југословенските, а конечно да се отклонат од бугарската партија на болшевици.

Реминисценција за АВНОЈ, врзано за Македонија и за Македонците

Датумот 29 Ноември беше славен како ден на раѓањето на Народна Република Југославија. На тој ден во 1943 година, во виорот на Втората светска војна, кога Југославија беше окупирана од Германија, Италија и Бугарија, во босанското гратче со име Јајце се одржа Второто заседание на антифашистичкото собрание на народното ослободување на Југославија (АВНОЈ). На него е решено по ослободувањето заеднички, во една држава, да живеат народите на Србија, Хрватска, Словенија, Црна Гора, Македонија и Босна и Херцеговина и другите што беа малцинства во дотогашната држава. АВНОЈ е од историско значење за Македонија и за Македонците. На тој партизански собир територијата на сегашна Република Македонија (претходно Вардарска Бановина, Јужна Србија) е прогласена за територија што му припаѓа на македонскиот народ и се признава постоење на македонска нација, македонска национална свест и македонски јазик. Може да се рече дека преку актите на АВНОЈ на некој начин е спроведена Резолуцијата на Коминтерната од 1934 година со која на Македонците им се признава посебната националност различна од српската и од бугарската. Таа резолуција од Москва соопштена пред 90 години, денес се користи од Бугарија како аргумент дека македонската нација е создадена вештачки од Коминтерната и Сталин. Без лично присуство на македонските делегати, но со нивна мнозинска согласност, Македонија била прогласена за држава, конститутивна, рамноправна членка на идната југословенска федерација. По АВНОЈ дојде АСНОМ (Антифашистичко собрание на народното ослободување на Македонија), со што се таксира реалната потврда за самобитноста на Македонците, кои го официјализираа својот национален идентитет во југословенски и меѓународни рамки.

Македонски развојни историски скокови

Од 1944 до 1990 година, кога беа во составот на југословенската федерација, Македонија и македонскиот народ направија историски скокови, прескокнаа повеќе од еден век во својот национален, социјален, економски, индустриски, образовен, културен, спортски и друг развој. Се кодифицира јазикот, се отворија училишта, факултети, универзитети. Во тој комунистичко–социјалистички систем, сосема различен од другите диктаторски држави што беа на Исток, зад железната завеса, Македонија ги оформи сите национални институции на кои сега им е одземен атрибутот – македонски. Се создаде автентична македонска култура, се формираа Македонски народен театар, Македонска опера и балет, македонски Универзитет, Македонска академија на науките и уметностите. Се формираа македонска полиција, македонска УДБА, македонско судство, медиуми на македонски литературен јазик, македонска музика, народна и забавна, македонска книжевност, сликарство. Иако верата беше строго одделена од државата, Македонската православна црква, со обилна политичка помош, се избори за самостојност од Српската, првин за автономија, потоа за автокефалност. Достигнувања за кои на некои народи им требале векови, Македонија ги оствари за дваесет-триесет години. Сите тие реализации се неодминливи историски факти.

Со АВНОЈ и со АСНОМ Македонците добија „тапија“ за својата самобитност, за својот јазик и за суштествувањето на мапата на народите во светот

Едно од клучните прашања од АВНОЈ и од АСНОМ е македонското национално прашање поврзано со идентитетот на македонскиот народ. И во двата случаја Македонците добија „тапија“ за својата самобитност, за својот јазик и за суштествувањето на мапата на народите во светот. Самиот тој факт предизвика да се јават силите, домашни и соседски, што не беа задоволни со таквите решенија, наметнувајќи обвинувања кон македонските воени и цивилни власти за југословенизација и србизација на Македонија и за наводна национална преориентација на Македонците – од Бугари во Срби.
По завршувањето на Втората светска војна, бугарското влијание во Македонија беше минорно и со горчливи последици. Српското беше присутно, но не доминантно, како што некои сакаат да го прикажат денес, во што предничат Бугарите и македонските Бугари.
Политичките случувања и статистичките податоци од тие години сосема јасно и чисто го покажуваат националното расположение на граѓаните на Македонија. Станува збор за национално изјаснување, а не за влијанието на српската турбофолк-естрада, за навивање за Црвена звезда или Партизан, за Бата Живоиновиќ или Оливера Катарина. Тие имаат влијание во расположението на народот, но не прават политика. Политичките процеси се помалку видливи и многу посложени.
Имено, демографската слика на Македонија образована со пописите на населението до прогласувањето на независноста ги дава следниве податоци. Во 1948 година од 789.448 (68,5 отсто) се Македонци, а 29.721 (2,6 отсто) Срби. Во 1953 година Срби биле 35.112 (2,69 отсто); во 1961-та – 42.728 (3,03 отсто); во 1971-та – 46.465 (2,82 отсто); во 1981-та – 44.468 (2,32 отсто). Не треба многу да се гледа и пресметува за да се заклучи дека во Македонија никогаш не живееле повеќе од 3,2 отсто Срби. Што се однесува до оние што се изјаснувале како Југословени, таму предните бројки се со нула. Во 1971 година, кога за првпат на пописните листи се појавила графата Југословени, се изјасниле 0,22 отсто. Најголема бројка е забележана на пописот во 1991 година (0,77 отсто), а по последниот попис има само 344 Југословени, односно 0,02 отсто.

Во времето на Тито македонската политика беше навистина промакедонска, со јасен став за националните позиции на Македонија и Македонците во југословенската федерација

Податоците ја покажуваат статистичката слика. Политичката е слична, но помалку позната. Македонските комунистичко-социјалистички раководства од Лазар Колишевски, преку Крсте Црвенковски до Киро Глигоров не дозволија да се развијат обидите за србизација или за бугаризација на македонската држава. Не беше во прашање некаква еквидистанца колку внимателност од една и одбранбеност од друга страна. Во времето на Југославија и Тито македонската политика беше навистина промакедонска, со јасен став за националните позиции на Македонија и Македонците во југословенската федерација.
Малку е познато дека во некои архиви, тука кај нас, постојат документи, заклучоци и директиви на македонското партиско и државно раководство во пописите да се зачуваат македонските национални интереси. Во текот на подготовките за пописите, во седумдесеттите и осумдесеттите години од минатиот век, биле испраќани писмени и усни тајни пораки до комитетите и до медиумите да се спречат агитациите што пропагираат запишување на Југословени на сметка на Македонци. Паролата беше – ние прво сме Македонци, а потоа Југословени. Некои и денес зборуваат дека македонските политичари се клањале во Белград, мислејќи на Србија и на српското раководство. Не се исклучени такви случаи, но генерално во југословенската внатрешна и надворешна политика, во сојузните партиски и извршни органи, особено се внимаваше на македонските ставови. Во многу пригоди, кога тема биле националните прашања, односите со Грција и со Бугарија, сојузните претставници ги почитувале и спроведувале македонските ставови.
Постојат низа стенограми во кои може да се прочита таа македонска настојчивост во заштитата на интересите на Македонците во рамките на Југославија и на Македонците во соседните земји. За таков однос сведочат и резолуциите што беа донесувани на конгресите на СКЈ (Сојузот на комунистите на Југославија). Во тие дебели книги секогаш се нагласуваше обврската за поддршка на правата на Македонците во Софија и во Атина.
Сликите од масовното славење на 29 Ноември не секогаш беа одраз на реалната ситуација во државата. Минуваше Југославија, а со неа и Македонија, низ политички и економски кризи, но редовно покажуваше стабилност и им гарантираше безбедност на нејзините граѓани од сите националности и религии. Поголемиот дел граѓани беа (и сѐ уште се) на мислење дека Македонија беше просперитетна држава. За други, што не ги трпеа комунизмот и југословенството, тој период е победа на тоталитаризмот персонифициран преку ликовите на Тито и Лазо Колишевски.
Нема држава и систем без поддржувачи и без противници како што нема општество без задоволници и несреќници. Во Македонија на црна листа беа идеалистите што сонуваа за обединета Македонија, а блиску до нив и оние што наместо Југославија ја бараа назад „мајка“ Бугарија. Некои од тие лица беа судени за таквите ставови, меѓутоа се искажуваат претерувања за нивната бројка и за нивната судбина.

Македонија нема причина да се срами од овој датум

Југославија веќе ја нема, братството и единството заврши во крв, вистинските револуции се заменуваат со шарени, национално повеќе штетни одошто корисни. Пропадна една држава за која генерации мислеа дека ќе трае вечно. Сепак и натаму има ентузијасти и југоносталгичари што живеат со спомените за еден подобар, поубав, посигурен, пооптимистички живот во големата земја.
Празникот 29 Ноември е насекаде укинат, веќе и заборавен. За постарите генерации неповратен, за младите поколенија сосема безначаен. Република Македонија (сега Северна) ја живее својата самостојност, си има други, свои автентични државни празници. Но Македонија, онаа до пред 1990 година, па и сегашнава, нема причина да се срами од овој датум. Напротив. Без него историјата на македонскиот народ, неговата територија, неговата национална, јазична, културна историја, ќе беше сосема поинаква, полоша сигурно.

[email protected]