Никому нема да му биде лесно против Македонија

Одбраната е клучен сегмент, дополнета со суперискусниот Митревски на голот, дополнет со двоецот од Алкалоид, Кизиќ и Галевски. Клучен затоа што од нејзината успешност ќе зависи колку и во која мера ќе имаме шанса да ја користиме транзицијата, како главно оружје, да им „трчаме во грб“ на Бодо, Анчин, Жита, да не дозволиме измена на Банхиди да има директни „контри“ за близнакот и Костески, да му дадеме на Фитиљ да ја одигра својата индивидуална полуконтра на врвно ниво… да постигнеме 7, 8 или 10 погодоци од таа транзиција, како би сметале на бројка од 30 гола, доволна за бод или два

Македонија во почетокот на СП 2025 против фаворитот Унгарија

На пазар, во маркет, пред зграда, во сала, в кафеана, или на улица… Сѐ повеќе луѓе, пријатели, познаници, знајни и незнајни уште пред да се каже здраво-живо, ми пристапуваат со прашањето што ќе направиме на Светско, колку далеку можат да стигнат момците, групата ќе ја поминеме, но може ли да пренесеме бодови…
Полека се крева атмосферата во македонската спортска јавност, како што се доближуваме до уште еден голем спортски настан, секако ракометен, Светското првенство, 29-то воопшто, а за Македонија седмо по ред или деветто вкупно. Исклучувајќи го учеството во 1999 година, како инцидент во период од небаре две децении, од СП во Хрватска во 2009 година до претстојното, исто така во Хрватска (и во Вараждин), македонскиот машки национален тим има страшна низа учества на светските првенства, во голема мера со пласмани во втората рунда и конечен пласман според рејтингот и можностите. Во воведната колумна, како нотирање на една убава коинциденција, споменав дека сето ова како едно дежа ви се врти во главата на многу Македонци, кои од трибина или пред телевизор ја бодреа македонската ракометна репрезентација таа 2009-та, до тоа 11-то место, кое, во услови на тешки фрустрации и комплекси од повеќегодишна апстиненција и неколку неуспешни обиди во бараж-дуели со селекции од прв шешир, имаше тежина на освојување медал. Многу работи коинцидираат со таа 2009-та, но и доста работи се различни. На ова СП, Македонија, иако веќе комплетно „исчистена“ од играчи што тогаш, во Вараждин, Задар и во Загреб, имаа поголема или помала улога, и составена доминантно од играчи што уште не го достигнале својот зенит, сепак, е селекција што има одличен континуитет од настапи, составена е од играчи што во измината полусезона играа во Европа, играчи што комплетно доаѓаат од три домашни клуба.

Момците што се селектирани ќе гинат за државата

Токму затоа одговорот на моето прашање, поставено погоре, како парафраза или како сублимат на прашањата на многуте Македонци, е дека никому нема да му биде лесно против оваа Македонија. Затоа што, според мене, момците што се селектирани ќе „гинат“, и за себе но и за државата, оваа Македонија е сериозно уиграна, има одлична транзиција, „јунаци“ за делот во зоната, голмани што одлично се дополнуваат, играчи што уште не постигнале цена и не се етаблирале во светот на ракометот и тактички (барем од она што го видовме со Хрватска) е добро поставена. Секако дека има и свој лимит, но важно е дека оваа Македонија има и глава и опаш!
Добре дојдовте на мојата колумна „Читај ракомет со Горан Ѓоргоноски“ за настапот на македонскиот национален тим на СП 2025 во Хрватска, со назнака на првиот дуел со, на хартија, големиот фаворит Унгарија.
Македонскиот национален тим е дел од групата Д, заедно со селекциите на Унгарија, Холандија и на единствениот дебитант на ова СП, африканска Гвинеја. Група што не е ништо полесна, но и потешка од преостанатите, со изземање на групата А, која е можеби таа т.н. група на смртта. Во ситуација кога јавноста е малку збунета, затоа што раководството на матичната федерација „бара“ три победи (во двете фази се разбира), а селекторот „смирува“ и нѐ става во ситуација да сме под прашалник за втора рунда, треба да се биде реален и да се остават Унгарија и Холандија да уживаат во улогата на фаворити. Мојот личен став го кажав погоре, иако секако шансите во првите два дуела, како процент на веројатност, налегнуваат на страна на противникот. Накратко, ниту Унгарија ниту Холандија можат да сметаат на сигурни бодови со нас, а ниту ние, доколку не сме на ниво, може да сметаме на успех, против која било селекција на ова СП, па таа се викала Гвинеја и првпат била на еден мундијал.
Но, да одиме по ред!

УНГАРИЈА Е ФАВОРИТ, НО НЕ Е НЕДОПИРЛИВА

Унгарија, земјата што многу години инвестира огромни средства во спортот, кој како ретко каде е пред неговото величество фудбалот, земја што многу години очекува медал со машкиот национален тим или титула со еден од двата високобуџетни клуба, која има огромна база на навивачи, „жедни и гладни“ за успех, е нашиот прв противник на претстојното СП. Предводена од Чема Родригес, како еден од многуте селектори на ова СП што доаѓаат од Шпанија, со систем добропознат на ракометната фела, селектор што (треба да) ги „заузди“ унгарските бекови со далекуметен дострел, (да) донесе повеќе дисциплина и одговорност, но и самодоверба за (нај)високи дострели. Унгарија е екипа на играчи со габарит на кој можат да му позавидат и селекции од т.н. прв ешалон, со веројатно најдоминантен играч на линијата од шест метри, одлични млади играчи што дојдоа до подиум во изминатите две години во јуниорски категории, цврста одбрана, суперискусни Лекаи, Миклер, Бодо и Банхиди… Но и селекција што, во одредени фази, е релативно бавна и инертна, која знае да биде „опструирана“ од голман, која има проблем со организација на напад и нестрпливост да се решава истиот тој во прва фаза, селекција што прави падни-стани на големите настани, која во последните години нема победено селекција од првите 4-5 и не е недопирлива, како на пример Франција и Данска.
Како против таков противник, во ситуација кога килограмите и сантиметрите не се на наша страна?

ЕФИКАСНИ КРИЛА, ИГРА „ЕДЕН НА ЕДЕН“ И УПОТРЕБЛИВИ ТОПКИ ЗА ПИВОТИ ПРИ ФОРМАЦИЈА 7-6

Нема да се измисли топла вода ако се каже дека Македонија на поставен напад, доколку не одигра максимално дисциплинирано, не успее да пробие „еден на еден“ и не ја отвори зоната со погодоци од полудистанца, ќе има доста проблеми да ја „разбие“ зоната 6-0 на Унгарија, со Лигетвари, Бодо и Шипош. Очекуваме трпеливост од наша страна и игра „еден на еден“, по изолација на една страна, пред сѐ Митев и Павле Атанасиевиќ, очекуваме да го „заобиколи“ жолтата минута Кузмановски и да чека да се создаде шанса за него како единствен што може од девет метри да погоди, да ја „отворат“ зоната Костески и Петар Атанасиевиќ, да „испратат“ Серафимов и Велковски како играчи што се технички одлично подготвени и на крајот, во таа формација 7-6, која на секвенци ја користи Лазаров, Лазаревски и Пешевски, како едни од ретките што можат физички да се носат со унгарскиот бедем, да добијат и да реализираат дузина употребливи топки. Звучи како да треба многу работи да се поклопат. И така е, ако сакаме да добиеме селекција од ранг на Унгарија, која многу години нѐ фрустрираше во бараж-дуели за големи смотри.

КАКО ПРОТИВ БАНХИДИ, СО 5-1 ИЛИ СО АГРЕСИВНА 6-0?

Од друга страна, нашата зона, како клучен сегмент од играта, кој треба да биде на супервисоко ниво, ако сакаме егал-натпревар и можност за изненадување, треба да одигра против бекови како Жита и Бодо, кои „пукаат“ од 10 или од 11 метри, одлични средни играчи како Лекаи и младиот Фазекаш и двајца супердоминантни пивоти, во името на Рошта и особено Бенце Банхиди. Реално, многу тешка задача за Лазаров, да постави зона што нема да биде плитка за да дозволи добар залет и „решетење“ од високите бекови, но и нема да биде премногу длабока, како би оставиле простор за Лекаи и особено за Фазекаш да продираат низ истата таа, носејќи се во ситуација Банхиди да биде оставен на „црта“ само со еден играч.
Одбраната е сегмент каде што Лазаров треба да го изненади својот некогашен соиграч и пријател, селекторот на Унгарија, Родригес, со евентуална зона 5-1, со Петар Атанасиевиќ како преден играч. Зона што сме свесни дека ќе остави повеќе простор на линија од шест метри, но ќе донесе длабочина, агресивност, можност за повеќе принудни технички грешки на противникот, или зона 6-0 со агресивна „двојка“ кај Велковски или Серфимов, како поверојатна опција. Лазаров, доколку можеме да забележиме, требаше да го има во Хрватска Аларов, како суперпартнер на Лазаревски на позициите три и четири, во ситуација кога уште бара играч што ќе може да му ги покрие централните позиции. Стојковиќ, како суперпотенцијал, треба уште да „расте“, Карасманакис, кој добива повеќе доверба од селекторот, со Хрватска покажа дека ќе треба да почекаме за да може да сметаме сериозно на него, а Маркоски не ни даде за право да веруваме дека ќе може да одговори на предизвикот. Во оваа ситуација, сепак, Маркоски и Лазаревски се првата опција против релативно бавната Унгарија.

ЗОНАТА И ГОЛМАНИТЕ ЌЕ НИ ДАДАТ МОЖНОСТ ДА МУ „ТРЧАМЕ ВО ГРБ“ НА ПРОТИВНИКОТ

Спомнавме дека одбраната е клучен сегмент, дополнет со суперискусниот Митревски на голот, дополнет со двоецот од Алкалоид, Кизиќ и Галевски. Клучен затоа што од нејзината успешност ќе зависи колку и во која мера ќе имаме шанса да ја користиме транзицијата, како главно оружје, да им „трчаме во грб“ на Бодо, Анчин, Жита, да не дозволиме измена на Банхиди, да има директни „контри“ за близнакот и Костески, да му дадеме на Фитиљ да ја одигра својата индивидуална полуконтра на врвно ниво… да постигнеме 7, 8 или 10 погодоци од таа транзиција, како би сметале на бројка од 30 гола, доволна за бод или два.
Толку засега.
Ќе видиме вечерва на терен колку е реално да се надеваме на успех против Унгарија.
Јас сум оптимист и верувам дека ќе одиграме добар натпревар.
Дали ќе биде доволно, ќе видиме.
Напред, Македонија!


СП 2025, ПРВО КОЛО

Група А
Чешка – Швајцарија 18 ч.
Германија – Полска 20.30 ч.
Група Б
Италија – Тунис синоќа
Данска – Алжир синоќа
Група Ц
Франција – Катар синоќа
Австрија – Кувајт синоќа
Група Д
Холандија – Гвинеја 18 ч.
Унгарија – Македонија 20.30 ч.
Група Е
Португалија – САД 18 ч.
Норвешка – Бразил 20.30 ч.
Група Ф
Шпанија – Чиле утре, 18 ч.
Шведска – Јапонија утре, 20.30 ч.
Група Г
Словенија – Куба утре, 18 ч.
Исланд – Зеленортски О. утре, 20.30 ч.
Група Х
Египет – Аргентина 18 ч.
Хрватска – Бахреин 20.30 ч.

Авторот е поранешен ракометен репрезентативец и основач на
проектот „Ракомет за секое дете“