Неолиберална Европа ја нема на полагањето на камен-темелникот на светскиот мултиполарен поредок

Немаат поим ниту Кошта, ниту Урсула фон дер Лајен, ниту Марта Кос, ниту Каја Калас дека повеќе нема иднина за оваа неолиберална и лицемерна Европа, „спакувана“ во нејзиниот „најблескав а најгнил концентрат“ – ЕУ. Денешниот самит во Пекинг и присуството само на Словачка и Фицо им е најјасен сигнал и порака каква ѝ е иднината и кај ѝ е местото на ЕУ. Ама дали тие го сфаќаат тоа?

Во главниот град на Кина, Пекинг, денес ќе биде одбележана 80-годишнината од „победата во Кинеската народна војна на отпор против јапонската агресија и Светската антифашистичка војна“, како што е наведено официјално. Но, ова ќе биде едновремено и уште едно „положување камен-темелник“ на новиот светски поредок со белези на мултиполарност, но во кој постојнава неолиберална политичка Европа, олицетворена во Европската Унија, ќе биде геополитички актер од најнизок ранг. Поточно, Пекинг, сигурно во содејство и во координација со рускиот претседател Владимир Путин, ги фрла ЕУ и нејзините водечки членки на најдалечната меѓународна периферија. По покана од кинескиот претседател Си Џинпинг, денес во Пекинг присуствуваат 26 шефа на држави или влади, но меѓу нив од Европската Унија е застапена само Словачка, преку нејзиниот премиер Роберт Фицо, кој вчера изјави дека „се гради новиот светски поредок, нови правила на мултиполарниот свет, нова рамнотежа на моќ. Тоа е исклучително важно за стабилноста на светот“.
Претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, оној што мораше во ноември 2023 година да поднесе оставка на позицијата португалски премиер, поради сериозни сомнежи и обвинувања за „литиумската корупција“ и злоупотребите на службените овластувања, е истиот тој што сега на „стратегискиот форум во Блед“ лицемерно им изјавува на „Западнобалканците“ дека „Европската Унија не е затворен клуб, туку е заедница на вредности и проект за мир и просперитет што сѐ уште не е завршен“. Ќе се најде ли некој да му „потшепне“ на Кошта дека Пекинг им е и порака дека се веќе „затворени вратите на европскиот клуб“ и да не ги манипулира „Западнобалканците“?
Изгубен во просторот и времето, основано осомничениот за корупција и морално-политички девалвираниот Кошта, кому ниеден збор повеќе „ни пет пари не му кошта“ во Блед зборува за „европски вредности – демократија, човекови права, слобода и владеење на правото“! Човекот што беше, во суштина, набркан од Португалија, поради невладеење на правото, и потоа удобно сместен, како награда, во бриселска раководна фотелја – тој сега вели (читај: лаже!) дека „пристапувањето на Западен Балкан, Молдавија и Украина кон ЕУ не е само ветување туку приоритет, бидејќи тие се дел од иднината на Европа“.
Немаат поим ниту Кошта, ниту Урсула фон дер Лајен, ниту Марта Кос, ниту Каја Калас дека повеќе нема иднина за оваа неолиберална и лицемерна Европа, „спакувана“ во нејзиниот „најблескав а најгнил концентрат“ – ЕУ. Денешниот самит во Пекинг и присуството само на Словачка и Фицо им е најјасен сигнал и порака каква ѝ е иднината и кај ѝ е местото на ЕУ. Ама дали тие го сфаќаат тоа?
На денешната воена парада во Пекинг присуствуваат рускиот претседател Владимир Путин, лидерот на Северна Кореја, Ким Јонг-ун, потоа претседателите на Виетнам, Лаос и на Куба, но и претседателите на сите пет централноазиски соседи на Кина – Казахстан, Киргистан, Узбекистан, Таџикистан и Туркменистан. Исто така и лидерите на Белорусија, Ерменија и Азербејџан, што значи дека девет од 15-те поранешни републики на СССР, кои колективно ја водеа Големата патриотска војна против нацизмот, ќе бидат претставени на највисоко ниво. Други национални лидери од земји со долга и значајна историја на пријателство со Кина присутни денес во Пекинг се лидерите на Камбоџа, Монголија, Непал, Зимбабве, Република Конго, Иран, Србија и Словачка, при што последната спомената е единствената членка на Европската Унија и НАТО што е претставена на највисоко ниво.

Натаму, од Југоисточна Азија ќе бидат претставени во највисок формат и од Индонезија, Малезија и Мјанмар, што значи дека шест од десетте членки на Асоцијацијата на земјите од Југоисточна Азија, АСЕАН, ќе бидат претставени на највисоко ниво, додека Пакистан и Малдивите му се придружуваат на Непал во претставувањето на соседите на Кина од Јужна Азија.
Дополнително, по покана од кинеската влада, шефови на парламенти, вицепремиери и високи претставници од различни земји, шефови на меѓународни организации и поранешни политички достоинственици, исто така, ќе присуствуваат на одбележувањата на Денот на победата денес во Пекинг. Зошто го наведувам овој целосен список на државите и нациите застапени денес во Пекинг? Затоа што е ова показ и потврда дека светот денес е собран во Кина! Со исклучок на Соединетите Американски Држави. Кој како сака нека каже, ама САД се сепак светска сила и еден од столбовите и главните полови на новиот светски мултиполарен поредок, а Македонија, која има стратегиско партнерство со САД, мора да се држи настрана од ривалството меѓу Доналд Трамп и Си Џинпинг и нивните земји.
Македонија исто така ја нема, не е повикана во Пекинг. Но, откако ќе се спуштат завесите на големиот воено-политички спектакл во Пекинг ќе мора да се извлечат соодветни поуки од него: дека македонската надворешна и државна евроинтеграциска политика ќе мора и ќе може дополнително да ја престрои македонската држава на овој мултиполарен колосек, заедно со другите земји, кои веќе го фатиле патот кон новиот мултиполарен светски поредок, во кој секој народ е еднакво вреден со својот идентитет и јазик и во кој секоја држава си го остварува својот внатрешен и надворешен државен суверенитет. Нешта, работи, кои ЕУ масовно и во континуитет ги гази.
Пекинг е своевидна потврда дека имало поправо побаеги вистина во мајтапите на сметка на Фон дер Лајен, Макрон, Мерц и другите европски лидери, кои му коленичеа неодамна на Доналд Трамп во Вашингтон, за да го молат да се „заземе за војната во Украина“.

Снежана фон дер Лајен и седумте европски геополитички џуџиња не ги мирисаат, ниту ги бендисуваат низ Европа, па сега колку треба нив да ги милуваат и Македонците, „сардисани“ од постојаните евроултиматуми „Пикнете Бугари во Устав, ништо помалку и ништо повеќе!“?! Чудно ли е зошто шефицата на Европската комисија во неделата беше дочекана во Сопот, Бугарија, со тешки навреди, скандирања „нацисти“ и пцости при посетата на тамошната воена фабрика? Тешко ли е да се сфати зошто германскиот адвокат и публицист Јоаким Николаус Штајнхефел ќе ги нападне во јуни годинава еврочелниците дека „ја злоупотребуваат институционалната моќ на Европската комисија, манипулираат со неа заради местење на политичките процеси и прават политички скандали, што директно удира во срцето на демократскиот кредибилитет на ЕУ“?
Сакам да нагласам уште една важен момент од денешната воена парада во Пекинг: кинескиот помошник-министер за надворешни работи Хонг Леи на 28 август изјави дека „претседателите Си и Путин испраќаат силна порака оти историската вистина од Втората светска војна не може да се искриви, а победничкиот исход не може да се негира“.
Токму Европската Унија, поддржувајќи ја безрезервно Бугарија, се обидува да ја изврти историската вистина од Втората светска војна дека македонските партизани сами, без ничија помош, ги поразија бугарскиот, германскиот и талијанскиот фашизам и ја создадоа македонската држава Македонија. Бугарија се обидува својата докажана улога како фашистички окупатор на Македонија и македонскиот народ во Втората светска војна да ја прикаже како „администрирање и ослободување на заробените територии“.
Обидите за инженеринг врз историјата од страна на ЕУ и Бугарија, во случајов и со Македонија и македонската историја, се уште една од низата причини поради кои ЕУ ја нема денес во Пекинг, но и поради кои ЕУ и милитаризираната Снежана фон дер Лајен и нејзините геополитички евроџуџиња веќе сѐ помалку ги има и во новото геополитичко поглавје на Европа на суверените нации и во новиот светски мултиполарен поредок. На Република Македонија само таму ѝ е местото…

Свето Тоевски