Неолиберализмот иницираше низа промени во образовните системи. Меѓународните институции, како што се Организацијата за економска соработка и развој или Светската банка, како и моќните транснационални корпорации, промовираат глобални реформи во образованието со намера да се усогласат националните образовни системи со барањата на транснационалниот капитализам и елитните економски и политички интереси. Поголемиот број истражувања упатуваат на сознанието дека, во текот на последните три децении, доминацијата на неолиберализмот во јавната политика имаше тенденција да ги преобликува образовните системи и вредности на начин којшто ја поткопува идејата за образование како јавно добро и, генерално, ги еродира демократските односи, институциите и јавните сфери, коишто промовираат дијалог, култура, критичко истражување и соработка, неопходни за демократскиот живот во училиштата и надвор од нив
Терминот „цитирачки картели“ за првпат, според моите сегашни сознанија, се среќава во трудот „Цитирачките картели им помагаат на некои математичари – и нивните универзитети – да се искачат во рангирањето“ (Citation cartels help some mathematicians – and their universities – climb the rankings), од 20 јануари 2024 г., во списанието „Наука“ (Science) и означува група математичари, кои, за жал, успеваат вештачки да го зголемат бројот на цитати на нивните колеги со постојано цитирање на нивните работи во неквалитетни списанија. Цитатите на еден истражувач не се добар показател за научниот квалитет, дури мислам дека е понижувачко за научниот квалитет да се зборува само преку бројки, уште помалку преку една бројка – тврдење со кое, мислам, ќе се сложат сите истражувачи. Меѓутоа, фактот дека некој истражувач е многу пати цитиран не имплицира дека неговата научна работа не е квалитетна, што ќе го илустрирам со примерот на двајца истражувачи од Германија (изборот е случаен): физичарите Јирген Куртс и Клаус Хаселман. Трудовите на професорот Куртс, член на МАНУ надвор од работниот состав, кои се цитирани повеќе од сто илјади пати, и на професорот Хаселман, добитник на Нобеловата награда по физика во 2021 години, инаку чест гостин во МАНУ во период од 2010 г. до 2014 г. кога беше ангажиран од Европската комисија за рецензент на проектот со кој раководев, а беше финансиран од Европската комисија, поседуваат извонредни научни квалитети, коишто, за многумина, ќе остават неизбришлива и безвремена трага во физиката и науката.
Иако цитираноста не е ниту најважна ниту единствена компонента на образованието, оттука не е одраз на научниот квалитет, сепак, за цитираноста може да се пишува многу: од тоа што цитираноста во различни научни подрачја се манифестира различно до цитираноста на „професорите“ чијашто научната активност се регистрира до Табановце (забелешка на професорката Ванковска – светски реномирана научничка и една од најцитираните македонски научници во дел од општествените науки). Меѓутоа, во денешниов текст ќе говорам за образованието.
Неолиберализмот иницираше низа промени во образовните системи. Меѓународните институции, како што се Организацијата за економска соработка и развој или Светската банка, како и моќните транснационални корпорации, промовираат глобални реформи во образованието со намера да се усогласат националните образовни системи со барањата на транснационалниот капитализам и елитните економски и политички интереси. Поголемиот број истражувања упатуваат на сознанието дека, во текот на последните три децении, доминацијата на неолиберализмот во јавната политика имаше тенденција да ги преобликува образовните системи и вредности на начин којшто ја поткопува идејата за образование како јавно добро и, генерално, ги еродира демократските односи, институциите и јавните сфери, коишто промовираат дијалог, култура, критичко истражување и соработка, неопходни за демократскиот живот во училиштата и надвор од нив.
Во суштина, реформите на образованието се карактеризираат со неколку клучни трендови. Прво, стандардизација на образовните системи и ставање акцент врз критериумите со кои се мерат резултатите и успехот во образованието – еден мал дел од оваа стандардизација се изразува преку цитираноста, при што критериумите за отчетност се базираат на различни индикатори, што е тесно поврзано со наградувањето и казнувањето и на наставниците и на универзитетите. Второ, поттикнување државите да се фокусираат кон наставните програми за математика, природни и техничките науки и основна писменост за сметка на пошироките форми на либерални уметности и прогресивните форми на наставни програми, реализација на наставата и учењето. Трето, трансформација на образованиот систем врз основа на менаџерски модели увезени од бизнис-секторот, при што моделите се водени од пазарните пристапи што го привилегираат максимизирањето на ефикасноста, профитот и конкуренцијата, наспроти целите коишто ги промовираат човековиот развој и зајакнувањето на демократските општествени односи.
Реформите во образованието се толкуваат многу повеќе како средство за постигнување определени економски и политички цели отколку како механизам за негување на демократските општествени односи, промоција на граѓанското општество, интелектуалноста и колективниот одговор на глобалните кризи коишто се длабоко вкоренети во нашите економски, социјални и политички системи. Овие реформи, всушност, имаат тенденција да ги намалат вредноста и значењето на уметностите, хуманистичките и општествените науки, како и општествено ангажираните форми на настава и учење во корист на стандардизираните и испишани наставни програми насочени кон создавање усогласени работници.
Образованието не треба да се сфати само како ефикасно или неефикасно средство за едукација на учениците, студентите или постигнување на националните образовни цели. Напротив, реформите во образованието треба да бидат сместени во пошироките економски, политички и културни рамки и движења. Во последните неколку години, како противтежа на негативните ефекти од глобалните реформи во образованието, ЕУ почна да поддржува проекти, во рамките на програмата „Хоризонт 2020“, кои имаат холистички, трансдисциплинарен пристап, водејќи сметка и за науките (природните, техничките, општествените и хуманистичките) и за уметностите. За жал, колку што мене ми е познато, овој пристап сè уште не е општо прифатен во образованието. Со други зборови, кога станува збор за образовните системи, тие треба да бидат системи во кои има динамичка рамнотежа (еквилибриум) меѓу математиката, природните и техничките науки од една страна и општествените и хуманистичките науки, вклучувајќи ги етиката, вредностите и културата, од друга страна.
Глобалните реформи во образованието, иницирани од неолиберализмот, го уништија македонскиот образовен систем. Образовните системи се комплексни системи во кои реформите треба да се прават внимателно, водејќи сметка не само за определениот степен на општествен развој во земјата туку и за образовните системи во соседството и пошироко во светот. Во моментов, образованиот систем во Македонија го тресат голем број скандали, од голем број несоодветни и неквалитетни универзитети (и професори) до нефункционалност на одборите за акредитација и евалуација, од обелоденувањето на квазинаучни трудови и препишување, трудови што се целосно плагијати, до непотребните заеми од Светската банка за небулозни, беспредметни и некорисни проекти. Всушност, образовниот систем во Македонија само ја отсликува македонската општествената стварност. Така, во многу сегменти од образованието, сведоци сме на неспособност, беззаконие, неорганизираност, корупција, малверзација, злоупотреба, сервилност, дефетизам (во однос на нешто или некого), недостиг од контрола, непотизам и задоволување на партиските интереси. Образованието во Македонија е во криза, а деградацијата на образованието, особено на високото образование, е застрашувачка.
Потрагата по одговорите поврзани со нашите приоритети треба да започне токму од секторите образование и наука. Рамките во кои треба да се постават реформите во овие сектори се јасни. Од тоа дали ќе собереме сили да ги реализираме овие реформи што поскоро ќе зависат, а во тоа сум и повеќе од убеден, условите за живот и благосостојбата на граѓаните во нашето општество. Да се потсетиме дека латинскиот збор за школа: schola, којшто е позајмен од грчки σχολή [skhole], не се однесува само на местото каде што луѓето одат да учат, туку значи и „слободно време за учење“ и „дебата, предавање“, па дури и „научен разговор“. Со тек на време, за жал, значењето се стесни и денес поимот школо се поврзува со нешто сосема поразлично. Затоа, поетот во групата „Пинк Флоид“ (Pink Floyd) пее: Нас не ни треба контрола на мислите, ниту мрачниот сарказам на училниците. Каде одиме? Quo vadis? На тоа прашање, Исус одговорил: „Одам во Рим за повторно да бидам распнат“. За Македонија да не биде „распната“, нејзе ѝ требаат вистински реформи и во образованието и во науката.