Неодоливиот шарм на локалните заедници

Исклучителното културно-историско и природно богатство што го поседуваме нѐ обврзува посветено да се грижиме за неговата опстојба и за одржливоста во целина. Важна препорака до културните институции, локалната самоуправа и до владините институции е да се зачува културното наследство во својата автентичност и оригиналност (и не само на локалитетот Стоби) и да се промовира неговиот автентичен туристички изглед, во кој се вградуваат повеќе културни миксови како карактеристични цивилизациски културни споеви и дополнително да се даде можност да дознаеме повеќе за начинот на живот во регионот

Популаризацијата на македонското културно наследство ќе биде еден од приоритетите на Министерството за култура, кое од неодамна доби во надлежност уште една област – туризмот, особено културниот туризам, кој има за цел афирмација токму на културното наследство. Според современите пристапи, третманот на наследството подразбира хибрид од повеќе елементи: културни, економски, политички, научни, популарни… Всушност, новата тенденција од почетокот на 21 век е на културното наследство да се гледа како на одраз на прогресивната глобализација, од наследство идентификувано со висока култура кон антрополошки аспект на сфаќањето на наследството; од движно и недвижно кон нематеријално; од национално кон локално и глобално наследство; од културно наследство кон природно културно наследство. Нашата земја и нејзиното зачувано духовно и културно наследство и природните реткости се предизвикувачка дестинација за развојна перспектива на културниот туризам. Токму разновидноста на културното богатство на определена територија, произлезено од природните и климатските услови, од општествената и економската состојба, од карактеристичните и специфични културни наративи сврзани со богатството на изразните елементи во сакралните и профаните градби од различните историски периоди, е вградена во идентитетот. Сите тие аспекти се особено атрактивни за развој на културниот туризам во еден одреден регион. Еден таков регион е општината Градско, која има уникатните можности за привлекување туристи и промоција на природните убавини, културното богатство, црквите, манастирите, гастрономијата, нашите локални производи и специјалитети.
Но колку правиме на ова поле и што недостига? При неодамнешната посета на овој регион, министерот за култура Зоран Љутков посочи дека Стоби како еден од највпечатливите локалитети во општината е од особено значење за развојот на транзитниот туризам, но, како што нагласи, во изминативе години не ги добил потребното внимание и финансиски средства за програма и за капитални проекти и инвестиции. Тој најави дека во програмата што следува во 2025 година ќе се обрне многу поголемо внимание на овој локалитет, особено на влезот на локалитетот бидејќи на времето постоеше тука и една сувенирница, каде што транзитните туристи можеа да запрат, имаше и кафетерија, можеа да испијат кафе, да го посетат локалитетот, да купат дел од сувенирите, да се запознаат со историјата на Македонија и особено на Вардарскиот Регион… Имено, програмата на Стоби била најслабо финансирана откога постои институцијата, туристичката презентација на локалитетот била запоставена, а продавницата за сувенири до изминатата година била целосно празна. Поради сево ова, Министерството за култура и туризам, како што беше најавено, во следниот период ќе работи на враќање на сјајот на овој археолошки локалитет, кој годишно го посетуваат околу 20 илјади посетители.

Меѓу најавените активности ќе бидат и планински тури со коњи, како и винската тура „Дионис“, која ќе опфати посета на познатите винарници. Во рамките на посетата на овој регион беа претставени и можностите што ги нудат винските патеки, долгата традиција во производство на висококвалитетни вина во винарницата „Стоби“, но и во семејните винарници околу Градско, кои се гордост на македонската винска индустрија, а туристите сè повеќе покажуваат интерес за винските тури, дегустации и за запознавање со процесот на производство на виното.
Со афирмација на карактеристичните културни претпоставки и добра маркетинг-стратегија, овој регион може да се промовира како позитивна туристичка бренд-дестинација, која ќе привлекува уште повеќебројни гости од странство, како со културното наследство така и поради рекреативниот туризам со извонредните природни одлики и културно-историските вредности. Исклучителното културно-историско и природно богатство на регионот нѐ обврзува посветено да се грижиме за неговата опстојба и за одржливоста на регионот во целина. Ова е и препорака до културните институции, локалната самоуправа и владините институции да се зачува културното наследство во својата автентичност и оригиналност (и не само на овој локалитет) и да се промовира неговиот автентичен туристички изглед, во кој се вградуваат повеќе културни миксови како карактеристични цивилизациски културни споеви и дополнително да се даде можност да дознаеме повеќе за начинот на живот во регионот. Тоа е еден од начините патниците да пристапат до шармот на традициите, фолклорот, просторите и вредностите на локалните заедници во нашата земја.