Да се победи на фудбалски натпревар за балканските политички водства значи повеќе од престиж. Победата за нив значи надмоќност и понижување за нивните вечни противници и „непријатели“. Оттука полесно може да се разбере претераната еуфорија што владее на овие простори секогаш пред почнувањето на некој голем спортски настан
Некој рекол дека фудбалот е игра во која 22 играчи трчаат по топката деведесет минути и на крајот победува Германија. Ова „дефиниција“ за најпопуларната игра траеше до последново фудбалско првенство во Русија, на кое германската репрезентација, која е последен носител на шампионската круна, мораше да го напушти натпреварувањето по поразот од националниот тим на Јужна Кореја. Со ова се урна и митот за непобедливоста на германската фудбалска репрезентација, што имаше и цел да влијае демотивирачки на противниците и да ја промовира супериорноста на еден народ.
Спортот, а тоа најмногу важи за фудбалот како најважна споредна работа во светот, отсекогаш се користел за јакнење на единството на една нација, но и за остварување одредени политички цели. Многу влијателни политички групи и организации се обидуваат да ги пласираат своите идеи и пораки и да ја искористат популарноста на оваа спортска игра. Се чини, оваа можност за глобална промоција, што ја нудат современите системи за комуникација, ја имаат најдобро разбрано од малите држави, кои преку фудбалските натпреварувања сакаат да ги потврдат својата независност и национален идентитет.
Сето она што му претходеше на фудбалското првенство во Русија и она што се случуваше во натпреварите од првата фаза, гледано низ наш балкански аспект, покажа зашто овој спорт е погоден за манипулација со широките народни маси. Уште еднаш се потврди тезата дека спортот е продолжување на политичката борба меѓу раскараните балкански народи, но овој пат со други средства. Да се победи на фудбалски натпревар за балканските политички водства значи повеќе од престиж. Победата за нив значи надмоќност и понижување за нивните вечни противници и „непријатели“. Оттука полесно може да се разбере претераната еуфорија што владее на овие простори секогаш пред почнувањето на некој голем спортски настан. Во тоа секако придонесуваат и функционерите, кои во желбата на себепромоција облечени во националните дресови се фотографираат со фудбалерите посакувајќи им успешни игри и остварување нови историски победи за сопствената држава и народ.
Во балканските земји одамна е премината границата меѓу спортското навивање и патриотизмот, и политиката и национализмот. Мешањето на спортот, во овој случај на фудбалот и политичката пропаганда, е можно само во земји без долга демократска традиција, со ниска политичка култура и во земји во кои граѓаните имаат низок животен стандард. Поради тоа на државните елити на Балканот полесно им е на граѓаните да им понудат „леб и игри“ отколку подобри животни услови
На овој мундијал имаше многу примери за тоа дека фудбалската игра беше искористена за политички маркетинг и за пласирање евтин популизам и ако сакате и евтин патриотизам. Медиумите и колумнистите во Србија го коментираа однесувањето на претседателот Александар Вучиќ пред заминувањето на српската репрезентација на светското првенство, кој по вообичаените желби за успех и по ветувањето богати награди (како и изградба на национална фудбалска арена) ги замоли своите фудбалери да посветат посебно внимание на натпреварот против Швајцарија! Секако, победата над оваа екипа би имало посебно значење, поради тоа што за швајцарскиот тим играат и двајца Албанци со потекло од овие простори, односно и од Косово. За иронијата да биде поголема што српските орли беа поразени токму од головите на двајцата албански фудбалери. Слични слики имаше и во соседната Хрватска каде што целиот министерски кабинет на премиерот Андреј Пленковиќ заедно го следеа настапот на „коцкестите“, а тоа задолжително беше архивирано со објавување фотографија на социјалните мрежи. Ова предизвика низа коментари од граѓаните што им се потсмеваа на министрите, кои преку белите кошули облекуваа дресови на хрватската репрезентација. За еуфоријата што владее во Хрватска говори и начинот на кој беа испратени нивните репрезентативци од претставниците на армијата, кои им подарија и реплика од знамето што се веело по ослободувањето на Книн од српската војска. „Едно срце, една душа, една Хрватска“, беше пораката од хрватската војска со надеж „огнените“ фудбалери на теренот да предизвикаат вистинска „олуја“ (под ова име се одвиваше завршната воена акција на Татковинската војна во Хрватска).
За жал, на ова првенство има уште примери за водење параполитика во фудбалот, како изјавата на српскиот министер за надворешни работи Ивица Дачиќ, кој за победата над Костарика рече дека тоа е „слатка одмазда на Србија затоа што тие први ја признаа независноста на Косово“. Во политичката вербална војна на зелениот терен се вклучија и играчите од албанско потекло во тимот на Швајцарија, кои головите против српската репрезентација ја прославија со симболичното формирање на двоглавиот орел со рацете. Ова беше веднаш санкционирано од ФИФА со изрекување парична казна за двајцата фудбалери. Но тука не прекинаа меѓусебните провокации и за тоа се погрижи и премиерот на Албанија, Еди Рама, кој отвори жиро-сметка за собирање донации за плаќање на оваа казна.
Во балканските земји одамна е премината границата меѓу спортското навивање и патриотизмот, и политиката и национализмот. Мешањето на спортот, во овој случај на фудбалот и политичката пропаганда, е можно само во земји без долга демократска традиција, со ниска политичка култура и во земји во кои граѓаните имаат низок животен стандард. Поради тоа на државните елити на Балканот полесно им е на граѓаните да им понудат „леб и игри“ отколку подобри животни услови. Големите спортски настани се идеална можност за наместо поголеми плати да им се понуди повеќе патриотизам. Во оваа општа балканска фудбалска еуфорија малкумина го забележаа и го прочитаа коментарот на еден хрватски граѓанин, даден по блокадите на сообраќајниците поради високите цени на горивото, кој напиша: „Сега со победата над Мексико полесно ќе плаќате поскап бензин“.