Не се предава Македонија, од сите страни сардисана

Како и револуционерот Ѓорѓи Сугарев, кој бил цврсто решен да не им се предаде на душманите што го опколиле, така и Македонија сѐ почесто ја изразува цврстата определба за непопустливост пред непринципиелни и наметнати барања. За Сугарев се вели дека бил тивок, спокоен и прагматичен, со цврст карактер и силна волја, при што никогаш не отстапувал од еднаш земеното решение на дадено прашање. Македонија треба да се угледа на него и да не отстапува од националните позиции, кои се јасно дефинирани и кои во секоја пригода ги повторуваме, како на домашен така и на меѓународен план

Од сите страни Ѓорѓи сардисан. Овој стих од народна песна посветен на македонскиот револуционер Ѓорѓи Сугарев, кој и повеќе од еден век по неговата смрт останува симбол на македонскиот непокор, може да ја опише и сегашната ситуација со која се соочува Македонија. Историјата навистина се повторува. Продолжуваат силните притисоци врз земјава опколена од сите страни, со цел да нѐ принудат да направиме големи отстапки на сопствена штета.
Бугарија и натаму притиска за уставни измени наметнати како услов во преговарачката рамка, со што ги блокира македонските евроинтеграции со билатерални прашања, поттикната и од водечките функционери на Европската Унија, кои отворено се ставаат на нејзина страна. Притисокот што доаѓа од Брисел, пак, јасно е изразен и преку најновите заклучоци на Советот на ЕУ во кои уште еднаш се повторува дека земјава мора да ги исполни билатералните договори со Грција и со Бугарија заради напредок во евроинтеграциите, наспроти принципите на меѓународното право, со што самата Унија се негира себеси. Ова е последна во низата (збунувачки) препораки, заклучоци, апели, предупредувања, па дури и закани однадвор, без разлика во кој облик и да доаѓаат, во обид да се издејствуваат отстапки од Македонија. Меѓу нив спаѓа и неодамнешната изјава на еврокомесарката за проширување на ЕУ, Марта Кос, во која таа бара „ништо повеќе и ништо помалку од промена на македонскиот устав“, додека не е сигурна дека уставните измени би биле последно бугарско барање кон Македонија?!
Сега трпиме притисок и на црковно-духовен план каде што преку една задоцнета телеграма на сочувство, која треба да претставува вообичаен протокол, Македонската православна црква – Охридска архиепископија индиректно беше потсетена на барањата што се поставени пред неа од страна на Вселенската патријаршија, првенствено за откажување од името, како и од епархиите надвор од земјава, покрај бараното признавање на Украинската православна црква – Киевска патријаршија, за да може да го добие томосот за автокефалност.
Но како и Ѓорѓи Сугарев, кој бил цврсто решен да не им се предаде на душманите што го опколиле, така и Македонија постојано ја изразува определбата за непопустливост пред непринципиелни и наметнати барања.
Тоа го потврдуваат и јасно изречените ставови од македонските носители на највисоки функции, кои порачуваат дека билатералната соработка за идентитетски прашања не доаѓа предвид, како и дека меѓународните спогодби треба да се толкуваат правилно, при што никаде во Договорот за добрососедство со Бугарија не стои ниту една реченица што ја обврзува Македонија на уставни измени. Ние сме должни да ја потсетиме ЕУ што значи меѓународното право додека ги браниме сопствените ставови.
По последниот самит во Брисел слушнавме дека и дел од членките на ЕУ веќе се изморени од објаснување зошто пристапниот процес не треба да се билатерализира. Сѐ погласни стануваат и повиците од европски политичари што се на страната на правичноста, а кои бараат Македонија да не биде условувана од билатерални прашања, што може да се протолкува и како резултат на повеќемесечните засилени активности на македонската дипломатија за претставување и одбрана на националните позиции. Во ЕУ моментно постојат голем број внатрешни несогласувања за политиките на блокот, во однос на трговските договори, снабдувањето со руски гас, поддршката за Украина, распределбата на функции…, па добро е да се забележи дека постои одредена поделба и кога е во прашање билатеризацијата на пристапните преговори во случајот со македонските евроинтеграции.
Затоа може да се насети нервоза кај бугарските политичари, кои забележуваат дека со поддршката што Македонија ја стекнува во европски рамки, официјална Софија е тргната настрана, особено додека се соочува со длабока институционална и политичка домашна криза поради неможноста да состави влада.
За Сугарев се вели дека бил тивок, спокоен и прагматичен, со цврст карактер и силна волја, при што никогаш не отстапувал од еднаш земеното решение на дадено прашање. Така и Македонија треба да се угледа на него и да не отстапува од националните позиции, кои се јасно дефинирани и кои во секоја пригода ги повторуваме, како на домашен така и на меѓународен план. Затоа, да го следиме светлиот пример на непокорот на македонските револуционери и национални херои и да не отстапиме од нашите национални интереси при соочување со притисоци, колку тие и да се засилуваат.