Македонскиот јазик според Уставот е прв и службен јазик во Македонија. Тој е мајчин јазик на мнозинскиот народ во државата и кохезивен елемент на општеството, јазик на кој се разбираат сите граѓани во државата, независно од нивната етничка припадност и нивниот мајчин јазик. Според соговорниците со кои се консултиравме, доколку се дерогираат таа кохезивност и службеност на македонскиот јазик, тогаш како држава и општество одиме кон дезинтеграција и се движиме кон оние идеи што како застрашување лебдат во македонскиот политички простор за бинационалност, федерализација, кантонизација
Парадоксот на државните институции и зачестената појава да ги игнорираат Уставот и Законот за употреба на македонскиот јазик!
Предизвик на секоја држава се законите и нивната доследна примена и почитување во практиката. Тоа е еден основен облик на суверенитет, односно обележје на државата.
Во еден таков контекст, да се потсетиме дека на крајот од 2023 година во Собранието беше усвоен (подновениот) Закон за употреба на македонскиот јазик, според кој, попрецизно е одреден ареалот на службеноста, односно каде во јавниот живот и во институциите се задолжителни употребата и познавањето на македонскиот јазик! Навистина и според стариот закон, а пред сѐ и според Уставот – македонскиот јазик е единствениот службен јазик на територијата на целата држава Македонија, иако според други, но точно одредени состојби во дадени правни акти, се употребуваат и други јазици.
Но во реалноста, уставните и законски обврски за употреба и познавање на македонскиот јазик често се доведени до апсурдна нефункционалност на државните и јавните институции! Состојбата е повеќе од апсурдна, парадоксална до нефункционалност (на институциите, а со тоа и на државата).
Здравството загубено во преводот
Неодамна, во медиумите беше „откриен“ случајот на новоназначената економската директорка на Клиниката за токсикологија, Бесија Илјази, која според сведоштвото на колегите, воопшто не знае македонски јазик!? Директорката е назначена на тоа место на 14 февруари, годинава, па во текот на едномесечното директорување, кога мора да соработува со колегите, преведувачи ѝ се двете секретарки вработени во оваа клиника. Како момент што ја засилува апсурдноста на ситуацијата со непознавањето на македонскиот јазик на новоименуваната директорка на една државна клиника е информацијата дека таа многу често на работа доаѓа со својот татко, кој постојано е со неа (инаку не е ниту вработен на клиниката). Покрај тоа што со овие информации се доведува под сомнение деловната способност на економската директорка, секако се доведени во прашање и функционалноста и довербата на една висока државна здравствена институција во државата.
Македонскиот јазик е оној на кој службено се кому ницира и се разбираат сите граѓани во државата, независно од нивниот мајчин јазик
Службениот јазик во една држава е кохезивниот елемент на општеството, своевидна „лингва франка“, на кој комуницираат и се разбираат сите граѓани во државата, независно од нивниот мајчин јазик. Во Македонија, таквата општествена улога, според Уставот и законите, ја има македонскиот јазик.
– Во случаите за (не)употреба на македонскиот јазик во државните и јавните институции не мора дури ни веднаш да се повикуваме на законите за употреба на јазиците, туку првичен и најрелевантен е Уставот. Според амандманот 5 од Уставот, „на целата територија на Република Македонија и во нејзините меѓународни односи, службен јазик е македонскиот јазик и неговото кирилско писмо“. Навистина, политичарите од албанскиот блок, си го толкуваат поинаку, делот од амандманот каде што се вели дека „друг јазик кој го зборуваат најмалку 20 отсто од граѓаните, исто така е службен јазик, како и неговото писмо, како што е определено со овој член“. Таа одредба, а повикувајќи се и на Законот за употреба на јазиците, најчесто ја толкуваат дека граѓаните на Македонија од албанска етничка припадност не мора да го знаат македонскиот јазик, што секако е погрешно. Македонскиот јазик според Уставот е прв и службен јазик во Македонија. Тој е мајчин јазик на мнозинскиот народ во државата и кохезивен елемент на општеството, јазик на кој се разбираат сите граѓани во државата, независно од нивната етничка припадност и нивниот мајчин јазик. Во унитарна држава, каква што (исто според Уставот) е Македонија, треба да постои еден службен јазик и други јазици што се употребуваат. Доколку се дерогираат таа кохезивност и службеност на македонскиот јазик, тогаш како држава и општество одиме кон дезинтеграција и се движиме кон оние идеи што како застрашување лебдат во македонскиот политички простор за бинационалност, федерализација, кантонизација… – вели универзитетската професорка по уставни право Татјана Каракамишева- Јовановска.
Ситуацијата, во која познавањето на македонскиот јазик се покажува како „непотребна вештина“ (!?) за висока раководна позиција во висока државна здравствена и образовна институција, наликува на кулминација на тој административен парадокс на позитивната дискриминација вградена во алатките „бадентер“ и „балансер“…
Критериумот за познавање на македонскиот јазик при вработување во државна и јавна администрација најчесто е игнориран од „административните алатки“ како „балансер“ и „бадентер“, во кој најголемо внимание се посветува на „правичната етничка застапеност“, а потиснати се дури и мерит-критериумите за професионална способност и соодветност на образованието на вработените
Македонските граѓани речиси секојдневно се соочуваат со предизвици во институциите токму поради непознавање или лошо знаење на македонскиот јазик на вработените во администрацијата
Случајот со новоименуваната директорка на Клиниката за токсикологија, за волја на вистината, не е ниту преседан, ниту досега непозната појава во македонските државни и јавни институции. Македонските граѓани речиси секојдневно се соочуваат со предизвици во институциите токму поради непознавање или лошо знаење на македонскиот јазик на вработените во администрацијата, претежно од албанска етничка припадност. Критериумот за познавање на македонскиот јазик при вработување во државна и јавна администрација најчесто е игнориран од „административните алатки“ како „балансер“ и „бадентер“, при што најголемо внимание се посветува на „правичната етничка застапеност“, а потиснати се дури и мерит-критериумите за професионална способност и соодветност на образованието на вработените. Така, со текот на дведецениската примена на „бадентер“ и „балансер“, Македонија постојано добива забелешки во извештаите на Европската комисија за преобемност на администрацијата, а намален е квалитетот на услугите што ги добиваат граѓаните. Ситуацијата, во која познавањето на македонскиот јазик се покажува како „непотребна вештина“ за висока раководна позиција во висока државна здравствена и образовна институција, наликува на кулминација на тој административен парадокс на позитивната дискриминација вградена во алатките „бадентер“ и „балансер“.
– Право и обврска на секој граѓанин на Македонија е да го говори македонскиот јазик – и според Уставот, и според стариот закон за македонски јазик и според новиот закон, изгласан пред неколку месеци. Логично е дека основен услов за вработување во државна институција во Македонија, а особено за раководна позиција е познавање на македонскиот јазик. Новиот закон за употреба на македонскиот јазик предвидува и формирање инспекторат за негова доследна примена, кој во овој краток временски период од изгласувањето сѐ уште не е формиран. Ваков случај, како назначување на раководна позиција во државна институција на лице што не го познава македонскиот јазик, би требало да биде предмет на интерес на тој инспекторат и би требало да биде санкциониран. Имено, според членот 41 од Законот за употреба на македонскиот јазик, овој закон е примарен и надреден над сите закони од слична материја (како Законот за употреба на јазиците). Соодветно на тоа, сите други закони од слична јазична материја треба да бидат усогласени со Законот за употреба на македонскиот јазик, секако и со Уставот – вели Елка Јачева–Улчар, научна советничка при Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“.