Полицајци проверуваат пред да почне наставата, а присутни се и додека трае, нема влегувања без најава, се запишуваат посетите, а се прават и ноќни патроли… Ова се некои од новите упатства за заштита од бомби во училиштата што може да се обелоденат. Дел од протоколот е строго доверлив
Како функционираат протоколите за превенција по добиени закани за поставени бомби во училиштата
Деновиве екипа на „Нова Македонија“ посети повеќе основни и средни училишта во Скопје и во земјава, следејќи го практикувањето на усвоените протоколи во училиштата во случај на евентуални нови закани за подметнати бомби и експлозивни материјали. Генералниот заклучок е дека во сите училишта стриктно се спроведуваат протоколите, а кај учениците, наставниците и кај родителите се забележува спокој дека децата конечно се вратија на нормална настава.
По пет месеци редовни дојави за бомби, неколку дена едноподруго наставата во училиштата се одвива непречено, учениците и наставниот кадар работат во училишните објекти, родителите се спокојни. Дали има дојави за подметнати експлозивни направи во основните и во средните училишта, но и во други објекти во земјава, јавноста нема да биде информирана, освен ако за тоа не одлучат стручните лица, а ова е еден дел од новите протоколи што ги воведе Министерството за внатрешни работи. Со новите протоколи паниката и нервозата треба да се сведат на минимум, а секојдневието на учениците, наставниот кадар и на родителите да биде без непотребни стресови. Директорите на училиштата велат дека се работи според протоколите и досега сѐ е во ред.
Во практика функционира и протокол што се води како доверлив.
– Протоколите добро функционираат. Се намали и нервозата. Полицијата прави проверки пред почетокот на наставата, во училиштето не смее да се влезе без најава, приватното обезбедување ги проверува надворешните лица и при влез и при излез од училиштето, камерите се постојано вклучени, како и досега. Има определено лице што ќе ја информира полицијата доколку има потреба за тоа. Мислам дека добро функционираат протоколите – вели Митко Димовски, директор на гимназијата „Орце Николов“.
Александар Сибиновски, директор на средното училиште „Владо Тасевски“, вели дека новите протоколи се почитуваат.
– Наставата се одржува најнормално. Имаме приватно обезбедување, а во текот на целото траење на наставата има присутни полициски службеници во училиштето. Има ноќни патроли, функционира видеонадзорот, ние имаме и ноќна чуварска служба. Се евидентира секое движење на надворешни лица – вели Сибиновски.
Во некои основни училишта за новите упатства директорите по телефон ги известиле родителите. Упатствата, како што велат директорите, се наменети за безбедност на децата и се однесуваат на родителите, а не се разликуваат многу од оние препораки што важеа за време на пандемијата на ковид-19, но и потоа. Родителите не смеат да влезат во училиштето без да се најават или без да се евидентира нивниот влез. Децата ги оставаат пред влезната врата на училиштето, каде што ги преземаат наставниците од одделенската настава.
За поголема безбедност, училиштата ги заклучиле и споредните врати за влез.
Овие протоколи беа донесени по пет месеци во кои имаше редовни дојави за поставени експлозивни направи во објекти, а сите се покажаа како лажни.
– Ќе се пренесуваат информации до степенот до кој треба да бидат пренесувани. Основата на тероризмот е токму сензационалноста. Ако ја сузбиете сензационалноста, вие го намалувате и нивото на овие закани – изјави пред неколку дена министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.