Во Европскиот Рајхстаг се одржа нирнбершки собир (не процес, тоа е нешто друго), на кој се обратија оберштурмфирерите Халицки, Ван Бремпт и Барна, кои побараа спроведување холокауаст врз македонскиот идентитет кој ја загрозува европската ариевска раса потврдена од врвните расни биолози на институтот „Јозеф Гебелс“, по што беше донесен таканаречениот „Овластувачки акт“ преку кој започна и операцијата „БАРАБАроса“ предводена од бугарски и грчки СС-дивизии кои, со „сила преку радост“, спроведоа „кристална ноќ на долги ножеви“ врз македонските идентитетски обележја, пеејќи ја „Песната на Хорст Весел“. За време на овој демократски цивилизациски напад против озлогласениот македонизам, ЕУ-оберштурмфирерите, како и бугарските и грчки СС-преставници ги изрекоа зборовите што прогресивниот Европски Рајхстаг никогаш нема да ги заборави: „Да живее победата“, „Македонците се нашата несреќа!“, „Денес ЕУ, утре светот!“ и „И Македонецот е човек, но и болвата е животно“.
Обичниот, нормален Македонец ја слушна оваа вест што пристигна од Европскиот Рајхстаг и логично заклучи, на Европската Унија дефинитивно ѝ е потребна темелна денацификација.
Заврши седницата на Европскиот парламент. Тоа веќе е минато. Ние треба да се завртиме кон иднината. А таму, во иднината, оваа цивилизациска седница преполна европски вредности, треба да стане лекција по историја. Што научивме? На пример, грчките Хелени родени во Тракија се чисти и оригинални Македонци. За разлика од нив, вештачките Македонци се Бугари кои зборуваат бугарски дијалект. Поинаку кажано, Македонците се Грци, а оние што себе се нарекуваат Македонци пред Грците да станат Македонци, всушност едно се со Бугарите, ама одбиваат да се наречат Бугари. Или, наједноставно, вештачките Македонци кои се Бугари сакаат да го украдат идентитетот на вистинските Македонци кои се Грци. За оние на кои дури и ова им звучи малку комплицирано, лекцијата ќе ја сведеме на кратка дефиниција: Бугарите што сакаат да бидат Грци се нарекуваат себеси Македонци.
Обичниот нормален ученик што ќе ја прочита оваа историска лекција полна европски вредности, колку и да е млад, веднаш може да заклучи дека на Бугарите и Грците им треба стручна психијатриска помош, а на Европската Унија прецизна денацификација.
Освен историја, постои и географија, уште една корисна наука. На Пиринејскиот Полуостров се наоѓа државата Португалија. Лисабон е нејзина престолнина. Овој прекрасен град е познат по фантастична храна, фадо, фудбал и една фашистичка декларација. Фашизмот како и нацизмот се дел од модните трендови што ги измислила модерна Европа. Во таа нацифашистичка Лисабонска декларација, инаку моден крик на Европската Унија, пишува дека не смее да постои држава што се вика Македонија, со што ја побива онаа демоде Повелба за човекови права која вели дека секој има право на име и идентитет. Со својата Лисабонска декларација, Унијата сака да каже дека не може секој во каков сака идентитет да се облекува, туку мора да ги слуша грчките и бугарските модни гуруа обучувани на врвниот европски институт „Доктор Менгеле“ за идентитетска мода и генетика.
Обичниот и нормален македонски трендсетер, среде ваква идентитетска модна ревија која се фрцка на модната писта на Европската Унија, уште од 1992 година, може само да заклучи дека царицата ЕУ е сосема разголена, па затоа веднаш ѝ треба ново руво изработено од врвни раце на кројачи што користат моден стил наречен денацификација.
Покрај општествени, постојат и природни науки. Една од нив е хемијата. По тридецениско идентитетско етничко чистење, Европската Унија сега се фати и со хемиско чистење на нашето битисување. Освен оној страшен македонизам кој Унијата сака по секоја цена да ни го исчисти од ДНК, во нашите молекули сега пронајдоа и руски, кинески и српски атоми кои мора да бидат отстранети. Проблем е што такви атоми не постојат, односно ЕУ ги халуцинира, а тоа се случува при хемиска реакција кога во дрогата некој ќе ти подметне безумна реторика која нема никаква логика, освен ако не мислат на српска сланина, руска салата и кинески нудли кои можеби ја вознемириле Марта Кос оти ѝ се вмешале во мастрафот кога спремала полнети пиперки.
Обичниот и нормален гастроном од Македонија, по ваква налудничава кулинарска презентација, може мирно да заклучи дека на европската кујна под итно ѝ е потребен десерт наречен денацификација.
И фантастиката знае да биде научна, ем поучна. Научната фантастика има измислено временска машина со која многумина сакаат да патуваат. Проблем е што при овие патувања може да се измешаат времињата, што ќе ни донесе стварност што тешко се поднесува. Такво нешто веќе се случува. Деветнаесетвековниот грчки и бугарски шовинизам се измеша со европските нацифашистички движења на дваесеттиот век и сега тоа се нарекува цивилизирана западна демократија. Не се поднесува дури ни по три пива испиени пред гранапче. Јас, како не баш обичен и нормален Македонец, можам да заклучам, колку и тука да се правиме наудрени, по она што го видовме и чувме во Европскиот парламент, на ЕУ ништо друго не ѝ преостанува освен темелна денацификација.
А добро е ова што се случи во Европскиот Рајхстаг, како јаготка на шлагот што три децении ни го сервираат во идентитетската гасна комора. Сеедно што веднаш се појавија тукашни толкувачи на „нирнбершката средба“ (не процес, тоа е нешто друго) во Стразбур кои од петни жили се обидуваат да ни објаснат дека кај нас е вината. Добро е како доказ за иднините генерации Македонци. На нив останува да ја воскреснат македонската приказна наспроти евронацистичката нарација. Ние, сегашниве, кои дозволивме нацистичка нордистанизација, сме обезглавени кокошки што трчаат кон бездна наречена интеграција мислејќи дека ќе ги зачуваме крилата. А сега извинете ме! Во четвртото пиво си подметнав љубовна халуцинација. Ја запознав Афродити родена од пена… за бричење. Сака да ми го избричи секое македонско влакно накострешено пред нејзината убавина. Јас бел намќор, таа темна убавица. Јас, Русјаков, таа, Латинопулу, како Маркес да раскажува магичен реализам за Ромео и Јулија, оти на читателот, според презимињата, ликовите ќе му се видат како јас да сум од Русија, а таа од Америка, онаа латинската, ама двајцата од земјата на алхемичарите наречена Македонија, окупирана и поделена со граница. Нејзината окупирана во северна Грција, а мојата, една третина од целината, од нордистанска безумност, освоена. И тука доаѓа конфликтот, оти јас ѝ се радувам на убавината, а таа сака да ми ја убие суштината.