Игор Василев, композитор
Игор Василев е музичар и композитор на театарска и филмска музика.
Пред десетина дена се одржа промоција на неговиот саундтрак за филмот на Милчо Манчевски, „Бикини мун“. Василев има богато музичко портфолио. Неговата музика провејува во македонските филмови „Кајмак“ и „Мајки“, „Врба“ на Милчо Манчевски, „Сестри“ на Дина Дума, „Змија“ на Андреј Волкашин, претставата „Оливер Твист“ на Срѓан Јаниќиевиќ, насловната на „Зоки Поки“, „Дајте музика“…
Каква музика создадовте за „Бикини мун“?
– Во овој филм важната разлика во однос на другите филмови што сум ги работел е во тоа што музиката е користена како „сорс“, односно лажно доаѓа од самата звучна заднина на сцената, на пример во една од сцените е маскирана како баскер на улица, во друга оди на радио во автомобил и слично.
Би ја опишал како еклектична, опфаќа разни стилови и е направена со својата атмосфера, боја и инструментариум да одговара на местото каде што се одвива дејството, а тоа е градот Њујорк.
Поконкретно би рекол дека во неа доминира џез, особено дум-џез, базиран на дувачки соло-инструменти, но исто така има и африкански перкусии, хипхоп, трап, индирок, хаус, авангардна музика и друго.
Зошто беше важно филмската музика на „Бикини мун“ да добие цеде?
– Цедето е медиум што сѐ поретко се користи за слушање музика, но сѐ уште има некои предности пред стриминг-начинот на слушање. Цеде-форматот е некомпресиран, го дава целиот спектар на фреквенции што самата музика ги содржи и дава кристален квалитет. Повеќето од стриминг-платформите ја пуштаат музиката во мп3-формат, кој поради компресијата крати доста од фреквентниот опсег на музиката. Исто така, со цедето добивате уметнички дизајнирана обвивка со сите информации поврзани со изданието. И со сето тоа предвид, не преферирам цеде пред стриминг, јас сум долгогодишен корисник на една од платформите и сум презадоволен од пристапноста до музиката и алгоритмите за препорака, затоа ова издание ќе се најде на сите стриминг-платформи, како што се објавени и некои од другите саундтраци што сум ги работел.
Која е нишката на која внимавате музиката да се спои со филмот?
– Музиката е делот од филмот чија емоција гледачите прва ја препознаваат, режисерот одредува која емоција треба да нѐ води во одредена сцена и, имајќи го предвид тоа, јас ги правам предлозите што потоа му ги праќам на режисерот. Она на што најмногу внимавам е музиката во ниеден момент да не презема повеќе од потребното внимание, кога се заокружува оркестрацијата одам во најситните детали на артикулација, за музиката да биде комплетно интегрирана во дејството и секогаш се трудам аранжманите да немаат повеќе од тоа што е потребно, иако можеби ако додадам повеќе елементи, самата музика за себе би звучела подобро. Веројатно затоа некои ја опишуваат мојата музика како деликатна.
Каков е процесот на создавање филмска музика?
– Процесот на работа на филм секогаш поаѓа од разговор со режисерот. Во првите разговори дознавам приближно каква идеја има тој за музиката, потоа правам неколку демоа, од кои некои се прифаќаат, а некои не, оттаму преку многу предлози и измени се стигнува до заокружување на скорот.
Kаков е предизвикот да се најде соодветната музика за секоја сцена?
– Во тоа музиката да ги носи правото чувство, соодветната боја и темпо, а пред сѐ да ја поддржува динамиката на филмот од почетокот до крајот, сите кјуа колку и да се различни, треба да имаат елементи што ги поврзуваат и треба да им се пристапи како да претставуваат едно парче музика. Сензибилитетот е личниот творечки печат што го носи секој автор. Тој е често најважната причина зошто режисерите се одлучуваат да соработуваат со конкретните автори.
Какви истражувања правите за да ја споите музиката со филмот?
– Јас користам различни видови музика, во зависност од проектот. Некои од филмовите што сум ги работел имаат обработки на народни теми, како филмот „Мајки“ на пример, други повеќе се базираат на атмосфера, трети на електроника, џез и слично, а некои се спој од тие елементи. Но, главно, за сите филмови, со исклучок на неколку, е дека најчесто користам класичен гудачки оркестар, затоа што тој може да го изведе целиот спектар на емоции и бои што ми е потребен во музиката. Како соло-инструменти најчесто користам виолончело и дувачки инструменти, исто така и вокали, а користам и синтисајзери, перкусии, гитари и друго.
Сте работеле и на ТВ-серии, театар, ТВ-вести, на видеоспотови… Дали пристапувате на различен начин?
– Да, иако не постојат пишани правила, различните формати бараат различен пристап, сите тие треба да имаат соодветен карактер, во зависност од содржината, вестите на пример заедно со нивните рубрики треба да имаат драматичен карактер, детските серии полесен, можеби весел и слично.
Ме инспирираат различни работи, најчесто се наративот и пораката што ја носи тој, но понекогаш е и ритамот на монтажата.
Која е линијата што ги разделува филмската и театарската музика?
– Во суштина не постои цврста линија што ги дели филмската и театарската музика, можеби во некои случаи функцијата на музиката е различна, но поголема разлика има кога станува збор за мјузикл, зашто во театрите тој најчесто се изведува во живо. Таков е случајот со мјузиклите за кои сум правел музика, како што е „Оливер Твист“ во режија на Срѓан Јаниќиевиќ, кој беше поставен во Театарот за деца и младинци во Скопје
Како ја оценувате музиката во македонскиот филм, се посветува ли доволно внимание на овој елементарен елемент од филмот?
– Мислам дека музиката во македонскиот филм напредува исто како и сите други аспекти на нашата кинематографија. Колку се обрнува внимание на музиката е секогаш индивидуално и зависи од пристапот на режисерот. Јас навистина имам среќа поради тоа што режисерите со кои сум соработувал ѝ посветувале исклучително внимание на музиката и дури навлегувале во најситни детали. Има една изрека во филмската индустрија, која гласи „Music can make or break a film“ (музиката може да го направи или да го расипе филмот), таа е есенцијален дел од филмот и често може да ја направи разликата помеѓу добар и лош филм.