Арктичкиот морски мраз природно варира во зависност од годишните времиња, се намалува во потоплите летни месеци, за да достигне минимум во септември, околу 50 проценти од својот зимски обем, пред да се зголеми во постудената зима

Пловечкиот морски мраз на Арктикот доживеа една од своите најниски години досега, со петта најниска покриеност со мраз од почетокот на сателитските снимања во 1979 година, според Националниот центар за податоци за снегот и мразот (NSIDC).
Неодамнешните податоци од центарот покажаа дека зимската ледена покривка го достигнала својот врв на 6 март и ќе продолжи да се намалува додека северната хемисфера се загрева кон летото. Обемот на мраз во текот на денот беше 14,60 милиони квадратни километри, околу еден милион квадратни километри помалку од просечниот максимум од 1981 до 2010 година. За споредба, мразот оваа година беше под просекот за површина поголема од цел Египет.
Арктичкиот морски мраз е мраз што лебди во Арктички Океан северно од Русија, Канада и Северозападна Европа. Арктичкиот морски мраз природно варира во зависност од годишните времиња, се намалува во потоплите летни месеци за да достигне минимум во септември околу 50 проценти од својот зимски обем, пред да се зголеми во постудената зима.

Меѓутоа, во последниве години, морскиот мраз во зимските и летните месеци се намалува. Сите 10 најниски максимуми се случија од 2006 година, а во изминатите 16 години (2007 до 2022 година) се забележани 16 најниски падови, според НСИДЦ.
Некои мислат дека тоа е затоа што летната сезона на топење станува подолга во последните децении поради климатските промени, кои повеќе ги загреваат океаните и затоа дозволуваат помалку мраз да се формира во следните зими.
НСИДЦ објави дека најнискиот регистриран максимум на мразот се случил на 7 март 2017 година, со само 14,40 милиони квадратни километри мраз, по што следува вториот најнизок во 2018 година, каде што се измерени 14,47 милиони квадратни километри мраз. Третата и четвртата најниска година беа 2016 и 2015 година.
Тоа ги имитира трендовите забележани во температурите на океаните како резултат на климатските промени, а податоците од НАСА покажуваат дека има нагорен тренд во последните децении. Според нејзините податоци, 2020 и 2016 година биле најтоплите години досега, а 2022 година била најтоплата година во океанот.

Во меѓувреме, морскиот мраз обезбедува живеалишта и критична поддршка за широк спектар видови, од поларни мечки и фоки до риби и морски птици. Без мраз, може да има разорни ефекти врз арктичкиот екосистем.
Обемот на морскиот мраз веќе е намален за речиси 200.000 квадратни километри од неговиот максимум на 6 март, првенствено поради загубата на мраз во Лабрадорско Море, заливот Свети Лаврентиј и Баренцово Море, според НСИДЦ.
Според НАСА, количеството на мраз присутен во летните месеци исто така се намалува, за 12,6 отсто по деценија. Студијата објавена во списанието „Комјуникејшнс еарт енд енвајормент“ покажа дека е веројатно дека во текот на летните месеци, морскиот мраз може целосно да исчезне од Арктикот, и тоа наскоро.
– Климатските модели сугерираат дека летниот морски мраз во овој регион ќе се стопи во наредните децении, но неизвесно е дали тоа ќе се случи за 20, 30, 40 или повеќе години. Овој проект покажа дека сме многу блиску до ова сценарио и дека температурите треба само малку да се зголемат пред да се стопи мразот – вели Кристоф Пирс, доцент по геонауки на универзитетот „Архус“ во Данска и коавтор на студијата.
Тој додава дека студијата е повик за будење, бидејќи знаеме дека ќе се случи. Оваа вест не ја прави ситуацијата подепресивна, само поитна. Треба да дејствуваме сега за да ја промениме.

М.К.