Еден мал протест организиран од Македонската православна црква донесе голем број негативни реакции. Црквата за првпат во својата историја организира протест, но не за првпат доби по тој повод неоправдани, изнасилени, некултивирани, невкусни, дури и навредливи коментари на раб на омраза.
Како што е познато, пред извесно време пред Соборниот храм во Скопје се одржа протест во организација на Македонската православна црква – Охридска архиепископија против законите за родова еднаквост и матична евиденција. Говореше поглаварот господин господин Стефан. Зад него и со него беше помладата генерација од сегашни и идни митрополити, слика што покажува дека МПЦ се потпира и на пообразована, попосветена и понапредна мисла и идеја.
Црквата бара да се повлечат законите што, наводно, биле доставени до Собранието и ако се прифателе такви какви што се предложени со нив ќе се редефинирало целокупното општество. Дали е така е друго прашање, но свештените лица ја искористија пригодата јавно да го искажат својот став. Ако секој во оваа држава има право на протест зошто да нема и Црквата, религиски составен дел на нацијата.
Како критичари на протестот се јавија неколку бледи државни службеници, како и некои новинарски гуланфери, некои афирмирани неверници, познати злобници, тазе испилени аналитичари, политички акробати и анационални типови. Критички оцени дадоа и неколкумина личности од други религии. Сите тие го искористија моментот, не само да го оцрнуваат протестот туку да се нафрлат врз целата наша црква, врз нејзиното свештенство, а со тоа и на илјадниците православни верници, нејзини припадници. И да ја распнат на крст без да му мислат на последиците.
Во тој ред, облечен со други, шарени мантии, се наредија и невладини и други цивилни организации. Не се мешаат во литургијата, но се мешаат во внатрешните работи на црквата, божем тие ќе го составувале општественото мени на македонската црква. Не помалу критички во опречните ставови изразија и Платформата за родова еднаквост и Мрежата за заштита од дискриминација, организации на кои им прилега да бидат контра Црквата, заборавајќи притоа дека и Црквата го има правото на глас како што го имаат тие разгранети полутајни платформи и мрежи, малку познати на обичните граѓани. Верата и Црквата се тие што му го одржале духот на народот, не се тоа, ниту пак ќе бидат невладините, таа совршена американска измислица за да се меша во сите држави во светот.
На страниците на нашиот весник („Нова Македонија“) сум пишувал повеќепати за Македонската православна црква. Ќе си ја земам слободата некои мои мислења да ги повторам, со молба до читателите да не ми го ставаат тоа на душа.
Не е првпат, најверојатно нема да биде ни последен, Македонската православна црква да биде цел на напади од страна на поединци од сопствениот народ. Таквите напади не ја изместуваат, ниту може да ја изместат нејзината суштинска улога во македонското општество, но секако дека дејствуваат вознемирувачки и подривачки. Повеќе им одат на рака на сите оние што ја распнуваат МПЦ на крст, негирајќи и не признавајќи ги автокефалноста, вековната историска заснованост, нејзината улога во развојот и цементирањето на македонската национална свест, сега доведувана не само во прашање туку во загроза.
Македонската православна црква можеби не заслужува химнични акатисти, таа е подложна на критики како што се подложни сите цркви во светот. Но неправедно е нејзе да ѝ се припишуваат туѓи гревови, си има и свои. Сигурно дека таа ја губи вербата кај народот, кој гледа како нејзините митрополити живеат во раскош и хедонизам, како возат скапи џипови и удираат високи цени за нивните услуги, кои наместо со божја промисла се исполнети со висока смисла за бизнис. Сепак, тие инцидентни појави не се сржта, не се суштината на нивната улога за доближување на луѓето до бога, до божјите врати и до надежите за спасение, за избавување од неволји.
Македонската црква е голема историска хронологија. Црквата не ја сочинуваат само црквите, манастирите, митрополитите, свештениците. Не е нивна. Таа е на светите Кирил и Методиј, на Свети Климент, чие име и круна ги носи. Црквата е на Исус и Богородица, на Божиќ и Велигден, на Петровден и Павловден, на сите светители и светителки, на радосните вести и празниците. Таа е храм на личните молитви, на крштевањата и венчавките, на простувањата од земниот свет и на вечните помени во него. И на народот со нив, на верниците во словото Божјо.
Со сите нејзини покажани слабости таа сѐ уште го држи местото на еден од столбовите на македонскиот национален идентитет, на слободната волја на македонскиот народ. Македонската православна црква – Охридска архиепископија има долг да се грижи за судбината на своите верници. Глупаво е да се рече по секоја цена, зашто се виде дека ништо свето нема цена. Сакала не сакала, таа е должна да го чува идентитетот на својот народ, по цена да биде прогласувана за конзервативна, националистичка и слични измислени и злонамерни квалификативи.
Грубите, безобразни и погрдни зборови упатени на адреса на поглаварот, архиепископот г.г. Стефан, не може да се протолкуваат поинаку, освен како израз на нетрпеливост и омраза кон него лично и кон црковното водство. Овие погрди нема да му ја намалат белината на камилавката, ниту може да му ја поткастрат брадата, иако не се пријатни по општиот авторитет. Но ако господин Стефан нема харизма на испосник и страдалник, се покажа и се потврди дека ќе остане запишан во историјата на МПЦ како еден од најуспешните поглавари. Не најхаризматичен, најценет и најсакан, но најуспешен секако.
Во негово време, под негово водство, е решен во македонска корист вековниот спор со Српската православна црква, во негово време Охридската архиепископија е на прагот да го добие томосот за целосна автокефалност. Тој е оној што Македонската црква, Охридската архиепископија ја воведе во екуменската заедница на христијанскиот православен свет по децении чекање. И го разврза јазолот, го смири внатрешниот раскол што го кинеше единството на Црквата две и повеќе децении. Тоа ќе биде запишано во историјата, а не дали имал долга или кратка брада, дали бил фотогеничен, хуман или непристапен.
Нема религија во светот што не е конзервативна, нема црква во светот што во основа не е националистичка, што не се грижи за своите верници. Ако ги погледнеме црквите на нашите соседи, српската, грчката и бугарската и ако правиме некаква споредба уште од далеку ќе се види дека македонската е загубено јагне што не може ни да допре до потокот.
Од овие и од други причини, Македонската црква заслужува поддршка во овие времиња кога од исти надворешни и домашни центри упорно и видливо се уриваат темелите на кои почиваат минатото и иднината на овој народ, неговиот идентитет и јазик, неговото писмо. Таа ќе се обраќа и моли кон Бога во секакви околности, се моли за Македонците зашто ним како народ не им се наклонети ѕвездите, не им се наклонети околностите, како било да гледаме на нив.
И да не заборавиме. Сите истражувања, поранешни и сегашни, покажуваат дека граѓаните најголема доверба искажуваат кон верските институции. Во тие истражувања довербата во Македонската православна црква кај Македонците е далеку поголема одошто е во Владата и во Собранието. Можеби тоа некому не му се бендисува, но таква е реалноста.