Влијанието на технолошките промени е најголемо врз помладата генерација. Децата не можат да ги препознаат сите замки на интернет, па често сѐ прифаќаат здраво за готово. Иако тие најлесно се приспособуваат на новите уреди, во исто време се и најранливи, затоа што ги немаат потребните знаења за да ги предвидат опасностите од нив. Затоа тука треба да се вклучат родителите и образовниот систем, кои треба да се
обидат заедно со децата да ги совладаат предизвиците, велат стручњаците
Децата поминуваат премногу време во виртуелниот свет
Интернетот од корен го смени начинот на кој мислиме, читаме и паметиме. Дигиталната технологија навлезе во сите пори на нашите животи и сосема го измени начинот на нашата комуникација, а брзо и темелно ги менува и нашите умови, велат научниците. И додека интернет-ентузијастите ја застапуваат тезата дека вебот има големи предности и оти секоја нова медиумска револуција досега имала свои противници, но промените не можат да се запрат, „песимистите“ тврдат дека компјутерите и социјалните мрежи ги заглупавуваат луѓето, кои не сакаат веќе интелектуално да се напрегнуваат.
Од една страна, знаењето никогаш не било подостапно, но, според многу показатели, во светот има сѐ повеќе необразовани луѓе. Промените се навистина брзи, а особено треба да ѝ се посвети внимание на помладата генерација. Децата не можат да ги препознаат сите замки на интернет, па често сѐ прифаќаат здраво за готово, велат стручњаците.
Децата се најприспособливи и најранливи
Според комуниколозите, технологијата, сама по себе, не е ниту добра ниту лоша, таа е тука за да ни го олесни или да ни го усложни животот.
– Дали ја употребуваме за добро или за лошо, дали таа ќе влијае позитивно или негативно на нашите животи е ситуација во која секојдневно сите се бориме. Децата најлесно се приспособуваат на новите уреди, но во исто време се и најранливи, затоа што ги немаат потребните знаења за да ги предвидат опасностите од нив. Затоа тука треба да се вклучат родителите и образовниот систем, кои не треба да се плашат и да забрануваат, туку да се обидат заедно со децата да ги совладаат предизвиците. Многубројни истражувања покажале дека децата што играат игри побрзо стекнуваат серија знаења и вештини што подоцна им се корисни во животот. Никогаш не треба да се гледа негативно на работите, секако дека постојат екстремни ситуации, но тие се тука за да го потврдат спротивното, корисноста на новите технологии и интернет – вели комуникологот Дарко Булдиоски.
Татјана Гогоска, магистерка по комуникации, акцентот го става на неподготвеноста на денешните деца да се справат со сите предизвици на технологијата.
– Според емотивниот развој, кој е основа за нивниот севкупен развој, до 12-та година тие не знаат како самите да излезат накрај со замките на новата технологија, па затоа родителите треба правилно да ги насочуваат. Но сѐ почесто гледаме тригодишни деца пред компјутер, шестгодишни што не тргнуваат на училиште без мобилен, 12-годишни што ги имаат најновите модели на таблети и ајфони и тинејџери што прават видеоснимки со различни содржини и потоа ги „шернуваат“ меѓу своите врсници. Технологијата како неминовен дел од развојот на светот е неопходна. Но родителите, барем додека нивните деца сѐ уште се мали, треба почесто да го минуваат времето со нив, а не да ги оставаат пред компјутерите и со мобилните во рака, во некои виртуелни светови сами да го градат својот емотивен развој – смета Гогоска.
Средство, а не цел
Педагогот Весна Пецева својот работен век го минува со најмладите, со децата во градинките. Според неа, кај нас брзата технолошка експанзија е неколку чекори пред едукативниот процес.
– Младите го прифатија чекорот со технологијата, но го загубија со етиката и со вредностите – вели Пецева.
Имајќи го предвид фактот дека првите седум години се најважни, бидејќи тогаш развојот на детето е најрапиден, таа посочи дека процесот на компјутеризација во образованието треба да се води од принципот на постапност и системност, што соодветствува со развојниот степен на детското мислење, но и со технолошките карактеристики на информатичките системи.
– Компјутерите треба да бидат само средство со чија помош родителите ќе ја збогатат својата заемна комуникација со децата, помош во развојот, учењето и дружењето, а не главен предмет на интерес и активност. Тие треба да го следат и правилно да влијаат врз детскиот интерес, задоволувајќи ја неговата љубопитност – објаснува Пецева.
Насочено користење
Според Елизабета Ивановиќ, психолог во ОУ „Јан Амос Коменски“ во Скопје, сите заедно, и родителите и наставниците и општеството, треба да вложат максимални напори и доследност во спроведување и почитување на правилното користење на современите технологии, за да се овозможи правилен раст и развој на детската личност.
– Секако дека неконтролираното користење на интернет, разните апликации на мобилните телефони, играњето игри со несоодветна содржина… може да предизвикаат негативно влијание врз детскиот развој. Тоа се пресликува преку несоодветното однесување кон врсниците, асоцијализација, искривени ставови и мислења за решавање различни животни ситуации, неможност за контрола на времетраењето на посетата на одреден портал и интернет-медиум, зголемено агресивно поведение кон околината, како и затворање во свој свет со свои правила – вели Елизабета Ивановиќ.
За да се надминат овие состојби, голема е улогата на родителите и, секако, на наставниците.
– Во семејството треба секогаш да има определени правила и временски интервали на користење компјутер и интернет-апликации на мобилните телефони, кои сите ќе ги почитуваат. Наедно, училиштата преку различни проекти, делење пораки, летоци и организирање презентации, постојано ќе ги информираат и поучуваат учениците за предностите на користењето на новите технологии, како и за последиците од нивната несоодветна употреба – предлага Ивановиќ.
Промени во однесувањето
Како се манифестира прекумерното користење на новите технолошки изуми врз средношколците ни откри Марина Лотевска, писателка и професорка по македонски јазик во средното училиште „Георги Димитров“ во Скопје.
– Напредната технологија го олеснува животот, но го забавува мисловниот процес кај младите. Кога сѐ им е достапно со еден „клик“, се губи етичноста, па без оглед на тоа дали станува збор за туѓи зборови, мисли, решенија, тие се присвојуваат од интернет. Во последните години кај новите генерации се забележуваат промени во однесувањето, позатворени се, имаат недоверба еден кон друг, страв за слободно искажување став, за да не бидат исмеани… А највоочливи се нетрпението и апатичноста за сериозни животни прашања. Последица на виртуелната реалност се единки што го глумат животот без емотивна зрелост – категорична е Лотеска.