Миладинов и „Т’га за југ“ во моето срце

Македонецот Константин Миладинов со антологиската песна „Т’га за југ“ го воспеваше својот копнеж за сончевата татковина Македонија, таму на југот… А јас, пак, на оние што копнеат денес за ЕУ, заборавајќи колку пак таа ЕУ „копнее“ да нѐ прими во своите редови, ќе им посочам дел од стиховите од „Т’га за југ“, „европски парафразирани“: В Брисел сега сâнцето за Македонија зајдвит и „евроинтеграциски“ мрак Македонците ги обвиват! Тамо, во ЕУ на Лајен, Калас, Кос, Кошта, зората не греит душата македонска, ниту је Божева хубавина за Македонците. Туку тамо за нив силни ветришта и вијулици вијат, и темна мâгла вистинска европска иднина им покриват! Дури во новата суверенистичка Европа сâнцето нас ќе нѐ стретит. Само во новата реформирана ЕУ можит нас сâнцето да нѐ угревјат!

Се разбира дека кај читателите ова ќе предизвика различни чувства… Некој ќе се насмее, некој и ќе исмее… некој ќе се загрижи, некој ќе замижи… Ете повторно поетично се искажувам… Но се разбира дека ова ќе предизвика коментари. Е па, токму затоа е напишан мојот коментар. Да предизвика коментари!
Но да одам по ред и временски и содржински. Република Македонија е ставена повторно пред крстопат, повторно е забревтан силно „меѓународниот политичко-дипломатски булдожер“ за дробење на „ѕидот“ на македонскиот отпор кон менување на Уставот и за ставање на „бугарскиот државотворен народ“ во него. Повторувам и нагласувам: „бугарскиот државотворен народ“, без оглед на сите можни катаклизмични последици за архитектурата на македонската држава и идентитетско-историскиот комплекс на македонскиот народ.
Заради „забрзување“ на македонското „чекорење на европскиот пат“, појасно кажано, за да се издејствуваат уставните промени, се навестува можно или веројатно изгласување во Европскиот парламент извештај, во кој ќе се признае засебноста на македонскиот идентитет и јазик, а потоа ќе биде донесена и таква соодветна декларација. Можеби некој ќе рече дека нема потреба воопшто туѓ парламент, туѓа институција, па нека е и европски, да расправа за нашиот македонски јазик и идентитет, да ни ги признава, наместо во својот македонски парламент ние сами да расправаме за сопствените идентитетски белези, ако има и за тоа воопшто потреба? Идентитетот и јазикот на еден народ се прашања за кои нема за што кој било друг да расправа за тоа. Но други, пак, ќе се спротивстават дека – не е баш така. Иако е извештај, или резолуција на Европскиот парламент и иако во праксата на Европскиот парламент би имало третман само на правно необврзувачки документ, „non-legally binding instrument“, со таков донесен документ „Европскиот парламент ја изразува својата политичка позиција, својот став околу односната тема на неговата резолуција“! Тоа можеби е малку, според некого, но тоа е значаен исчекор на ЕУ преку законодавниот дом на Унијата. Попусто Софија (Бугарија) не ги вклучи сите формално-правни и логистички (па и неправни) механизми за да го опструира носењето на официјалниот извештај на ЕП во кој ќе се признае засебноста на македонскиот идентитет и јазик… Веќе во овие моменти официјална Софија ја подготвува сета своја најтешка „политичко-дипломатска артилерија“, за да „распука“ кон Европскиот парламент и европратениците во него во обид да спречи можно усвојување на таквиот споменат извештај за Македонија, а потоа и декларација за македонскиот јазик и идентитет.

Не може и во оваа пригода, а да не потсетиме дека вториот протокол кон Договорот за добрососедството со Бугарија, кој ја наложува обврската за „вметнување бугарски народ“ во Уставот на Македонија, е правно ништовен и спротивен на редица резолуции на Обединетите нации и на Договорот на ЕУ од Мастрихт, како и на Виенската конвенција од 1969! И тоа од два клучни аспекта: прво, во судир е со перемпторните, задолжителни, норми за идентитетот јус когенс, на кој се повикувам: на врховниот универзално важечки принцип на меѓународното право. Второ, обврската за „вметнување бугарски народ“ во македонскиот устав и од аспект на недозволивоста на нарушувањето на уставната еднаквост на државите и на недозволивоста за интервенирање и присилно влијаење врз домашниот уставноправен и политички систем на Македонија, што е категорично наведено во споменатите меѓународни акти од највисок ранг. Оттука, Македонија нема никаква обврска да менува повторно устав, а соодветните барања на Бугарија и ЕУ се меѓународноправно нелегални, недозволиви и неприфатливи.
Ајде да потсетам на уште нешто… На 7 мај 2025 година Зоран Милановиќ, претседателот на Хрватска, ќе ги предупреди Република Македонија и македонскиот народ, но и сите нејзини граѓани: „Немојте да бидете жртва на изнуда во замена за членство во ЕУ!“
Веќе вчера Милановиќ ќе биде уште поконкретен дека „ниту една земја повеќе нема да влезе во ЕУ, освен можеби само Црна Гора“.
– Проширувањето на ЕУ е само илузија. Никој повеќе нема да влезе во Европската Унија, можеби уште Црна Гора, а државите се мамат со лажни ветувања дека ќе станат членки на ЕУ, за да се изнудат од нив некои отстапки. Од другите се очекува сопствената надворешна политика да ја подредат на европските интереси, а тоа е пресметка со Москва. Европската Унија оцени дека повеќе не е сила каква што се смета. Таа е исцрпена и без енергија. ЕУ повеќе не е глобална сила и нејзината улога на светската сцена е маргинализирана. Главните играчи на светската сцена се САД и Кина – нагласи шефот на хрватската држава Милановиќ завчера во предавањето пред студентите на Универзитетот „Север“ во Копривница.

Во екот на сегашната хипнотизираност со ЕУ и „рајските европерспективи“ што ѝ се нудат на Македонија, во замена да си го „бугаризира“ уставот, овој пат посебно ќе ѝ ја предочам на македонската јавност научната студија со наслов „Концепти за реформи на Европската Унија и нејзината позиција за идна интеграција во Европа“, објавена во 2023 година. Нејзиниот автор Jозеф Маќеј Фишер, професор по меѓународни односи, евроинтеграција и прашања на ЕУ од Институтот за политички студии при Полската академија на науките, предупредува дека Европската Унија се соочува дури и со опасност да доживее колапс.
„За да одбегне да ѝ се случи тоа, на ЕУ ѝ се потребни нов интеграциски импулс, нова атрактивна визија, која ќе ја обедини повторно Европа и ќе ѝ обезбеди соодветно место во новиот светски поредок, а на сите нејзини граѓани слобода, демократија и просперитет. Денес Европската Унија е соочена со тешка и екстремно важна дилема – натамошен развој и продлабочување на интеграцијата, или ќе ѝ се случи намалување на важноста на меѓународната сцена“.
Наведувам уште еден став од оваа студија на професорот Фишер, кој е важен за Македонија и нејзината евроинтеграција.

– ЕУ мора да биде отворена за сите држави, да го надмине демократскиот дефицит, да го зајакне владеењето на правото, еднаквоста и слободата на сите европски граѓани и на сите европски држави нејзини членки. Потребно е да им се придаде неспоредливо поголема улогата на средните и малите држави каква што тие ја заслужуваат, па дури и на оние што се надвор од ЕУ. Во спротивен случај, ако ЕУ не се реформира, ќе мора да се размислува дури и за изготвување и усвојување сосема нов договор за ЕУ наместо постојниот Договор од Мастрихт, кој е темелен акт за формирањето и функционирањето на ЕУ – заклучува професорот по политички науки Jозеф Маќеј Фишер од Полската академија на науки.
Дали постојнава ЕУ ќе успее да создаде нов интеграциски импулс, нова атрактивна визија, која ќе ја обедини повторно Европа? Ако се наслушнат внимателно гласовите на незадоволства на европските народи и европските граѓани, да не ги споменувам и граѓаните на Македонија, колку тие (не) се задоволни од бриселската елита на ЕУ, ако се имаат предвид барањата да си заминат и Урсула фон дер Лајен и Каја Калас и Марта Кос и други еврофункционери – тогаш ќе ми преостане само да кажам – од оваа ЕУ толку може да се очекува, време е за нови алтернативи, за нови патишта на развојот и просперитетот.

Свето Тоевски