Ми фали Скопје, ми фали едноумието

Ми фали Скопје. Не ова денешново што има повеќе камери од деца и повеќе аларми од мајки. Ми фали Скопје кога градот не се заклучуваше, а децата не се отклучуваа со „фејс ај-ди“ (Face ID).
Како деца излегувавме сабајле. Не „ајде малце“, туку сабајле – и нè нема до вечер. Родителите не прашуваа кај сме, затоа што сите беа на исто место: пред зграда. Најточната локација во државата, без ГПС, без вајфај. Ако мајка ти викне од тераса – тоа не беше повик, тоа беше јавна објава. Соседите замолчуваат. Другарите се тргаат. А ти имаш точно три минути да се појавиш, инаку следува санкција што не ја признава ни Уставниот суд.
Клупите пред зградата беа Фејсбук, Инстаграм, Тикток и суд за прекршоци во едно. Имаше лајкови – ако си фаца. Имаше блокирање – ако зезнеш. Имаше и воспитна мерка: „Ај не играш денес“. Немавме мобилни, ама имавме маалски интернет – глас. Сè се знаеше. Кој паднал, кој се заљубил, кој направил. А ако направиш беља – е тука доаѓа најјакото.
Во школо, ако згрешиш, прво учителот ќе те изнатепа воспитно. Без записник. Без тужба. Без „трауми“. Едно кратко „да ти дојде памет“. После – бонус рунда дома. Родителите дознаваат и велат: „Што направи“? Ти: „Ништо“. Тие: „а ха, ништо значи“. И ете ти уште еден ќотек – за да не заборавиш што си научил.
Немаше пријавување на наставници. Немаше „суровост“. Имаше едно правило: ако си крив – крив си на сите фронтови. И знаеш што? Повеќето од нас преживеаја. И не станавме сериски убијци. Станавме луѓе што знаеја дека постои граница.
Државата беше толку сигурна што на 15 години одевме сами на Јадран. Не екскурзија, не агенција. Ранец на грб, нешто пари и премногу самодоверба. Без телефони. Ако стигне честитка по пошта – тамам. Ако не – „ај ќе се јави“. Родителите спиеја мирно. Денес родителите спијат со аларм, камера и апликација за анксиозност.
Денес ако видиш три деца пред зграда – тоа е културен настан. Ми доаѓа да ги фотографирам и да напишам: „Редок вид, заштитен со закон“. Сите се дома. Се дружат онлајн. Се караат со емотикони. Се сакаат со филтри. А во живо – „ај не, интроверт сум“.
И после ќе ти кажат: „Па ова е напредок“. Да, напредок е. Имаме паметни телефони и глупави маала. Кога ќе речеш „ми фали едноумието“, одма мислат дека сакаш назад во пештера. Не, брат. Сакам назад во маало. Едно правило за сите: децата надвор, возрасните мирни, а клупата жива.
Затоа ми фали Скопје. Ми фали кога маалото беше социјална мрежа без лозинка. Клупата – парламент. А гласот од тераса – најјаката нотификација.
И да, ми фали едноумието. Не затоа што било строго туку затоа што било јасно.
Сè друго денес е тишина со фул сигнал.