Се случи еднаш Месечината сериозно да се натажи.
– Зошто си тажна, сестричке? – ја запраша Сонцето.
– Заради децата – шмркна со носето Месечината. – Само што ќе се заиграм со нив, тие мора да одат на спиење. Тогаш останувам сама цела ноќ. А наутро, кога ќе се разбудат, на небото те гледаат тебе, затоа што јас сум веќе замината дома.
– Кажи како да ти помогнам?
– Кога би сакал барем една вечер да се замениме.
– Ако сакаш така, важи – се согласи Сонцето.
Но што се случи дента кога огреа Месечината? Нешто особено или, ако сакате, нешто необично.
Изутрината, наместо да се повлече на починка, Месечината остана да свети на небото. Децата продолжија да спијат во своите постели, а истото тоа го направија и нивните родители. Оти никој од нив не беше навикнал да си ја напушти постелата додека од небото ги милува бледата светлина на Месечината.
Навистина, некои будилници ѕвонеа, но попусто: луѓето сонливо трепкајќи, под смирувачката светлина на Месечината, веднаш помислуваа дека будилникот им се расипал, па бргу го запираа и му се враќаа на убавиот сон.
Зошто тогаш сите, без исклучок, сонуваа долго, долго? Наместо шест или осум, луѓето спиеја дваесет и осум или триесет часа. А децата? Тие просто се растурија од спиење! Спиеја дури цели триесет и шест часа.
Месечината само што не заплака.
– Што ми вредеше што сето ова копнежливо го чекав, кога сите деца, до едно, останаа под јорганчињата?
– Мила сестричке – ја прегрна Сонцето. – Ти не можеш да си претпоставиш колку прекрасни приказни, благодарение на тебе, отсонуваа малите сонувачи. Колку богати и разновидни сништа им подари додека милно ги галеше по обравчињата со твоите нежни зраци. Многу од тие приказни децата ќе ги прераскажуваат меѓу себе, а многу и ќе си ги запишат во книгите, зашто се исткаени од најслободната и најразиграната мечта. Ти, Месечинке, моја срамежливке, ќе бидеш саканата кралица на тоа чудесно царство!
Автор: Александар Прокопиев