Мерко е на црна листа, кому му е редот

Одлуката е голем удар кон ДУИ. Таа доаѓа многу кратко по помпезното барање на ДУИ преку Бујар Османи за „ветинг“ на политичарите, за еднаш засекогаш да престанат обвинувањата против ДУИ за корупција и криминал. Еве странски ветинг, сега што
правиме?

По многу исчекувања, но истовремено донекаде затекната македонската јавност го дозна новото име на „црната листа“ на санкции. САД објавија дека ги санкционираат Рамиз Мерко и неговото семејство за „значајна корупција“. Рамиз Мерко е долгогодишен градоначалник на Струга, министер во Владата на Зоран Заев и функционер на ДУИ. Објавата доаѓа точно на две години, јуни 2021 година, од дополнувањата на одлуката за санкции со корупција и криминал, а малку повеќе од една година кога на листата беа додадени Никола Груевски и Сашо Мијалков, исто така за „значајна корупција“. За потсетување, „црната листа“ е поставена со одлука на Џорџ Буш во 2001 година за Македонија, Косово и БиХ, а во случајот на Македонија за лица што ги „загрозуваат националниот интерес и безбедноста на САД со поттикнување насилство во Македонија“. Тогаш на листата се најдоа најмалку 11 лица, и тоа Мендух Тачи, лидерот на ДПА, Љубе Бошковски, тогашен министер за внатрешни работи, Џеват Адеми, повеќепати пратеник на ДУИ, Гафур Адили, Нури Беџети, Невзат Халили, првиот претседател на ПДП, Џеват Хасани, Кастриот Хаџиреџа, Џемаил Хисени, Даут Реџепи и Џезаир Шакири. Разликата меѓу тогашните и сегашните е дека тие беа за поттикнување на насилство, а сега се за значајна корупција.
Уште тогаш, пред две години, во „Црни листи за кратко памтење“ пишував за значењето на „црните листи“. Во македонскиот случај тоа не значеше прекин на политичките кариери, а уште помалку кривично гонење на лицата од листите. Ниту еден од единаесеттемина на листата не одговараше пред македонските судови и сите продолжија со своите политички кариери. Мендух Тачи сѐ уште е лидер на ДПА, како што Љубе Бошковски е лидер на ОМ, а и двајцата се коалициски партнери на оваа власт на ДУИ и СДСМ. Во 2018 година, по именувањето на Џезаир Шакири за владин советник, за ТВ 21, Амбасадата на САД изјави: „Ние ја изразивме нашата загриженост до Владата на РМ бидејќи сметаме дека назначувањата на одредени функционери претставува проблем“. Од друга страна, тоа не е ненадминлива пречка за работните односи меѓу амбасадата и Владата и на претставниците на амбасадата не им се забранува да имаат работа со лица што се на листата. Уште повеќе, високи американски дипломати, како Хојт Ли или Метју Палмер, се среќаваат со лица од црната листа или истите тие се канат на приеми за 4 Јули во Амбасадата на САД, што се смета за нивна територија.
Од друга страна, на повеќето лица од црната листа иако политичките кариери не им биле прекинати, тие биле маргинализирани. Но црната листа има силна политичка порака. Доколку се погледне листата на земји и лица, станува збор за авторитарни земји или земји со хибриден режим, со ниско владеење на правото, каде што лицата може да избегнат одговорност за криминал, корупција или насилство. Пораката на САД е наменета за тие лица, „неказнивите“, дека САД имаат вонсудска моќ да ги санкционираат. Црната листа е повеќе превентивен механизам и предупредување до моќниците дека не се неказниви.
Кои се последиците од додавањето на Рамиз Мерко на црната листа? Тоа е чекор на САД во правилна насока, но влијанието на одлуката ќе зависи и од постапувањето дома. Прво, одлуката е голем удар кон ДУИ. Таа доаѓа многу кратко по помпезното барање на ДУИ преку Бујар Османи за „ветинг“ на политичарите, за еднаш засекогаш да престанат обвинувањата против ДУИ за корупција и криминал. Еве странски ветинг, сега што правиме? ДУИ има две можности, да глуми лудило „ние сме од тука“ или веднаш да побара оставка од Рамиз Мерко и своите советници во Струга.
Од претходните постапки на ДУИ, претпоставувам дека ќе избере да глуми лудило, односно шокираност, ќе бара објаснување од САД и, доколку мора, ќе го исклучи Рамиз Мерко од партијата. Оставки, „мало морген“! Доколку САД се сериозни во намерите, тогаш ќе следува ново име на црната листа. Доколку ДУИ е навистина „фронт за ЕУ“, ќе оди по друг пат, патот на оставки. А ако Рамиз Мерко не сака, тогаш суспензија на финансирањето на Струга.
А Македонија? Сега се на потег Љубомир Јовески, јавен обвинител на Македонија, и Ислам Абази, јавен обвинител за гонење на организираниот криминал, да ја издигнат довербата во правосудството. Веднаш да ги побараат од САД доказите врз основа на кои Рамиз Мерко е санкциониран за значајна корупција, да формираат случај и да поднесат обвинение. И обвинението да го води Ислам Абази, да ја потврди неговата независност од ДУИ. Доколку не се случи тоа, нема да тоне само довербата во правосудството, ќе потоне европската иднина на Македонија, ќе потонат интеграциите во ЕУ, бидејќи црната листа на САД ја категоризира Македонија во хибридни режими, без владеење на правото и со неказнивост на недопорливите. Доволна причина за ново вето!
Авторот е аналитичар* 
*Член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ  / Ставовите се лични
Блог www.megjutoa.mк @sklek