Европските денови на правдата се предизвик да се анализира и да се истражи какви се околностите на овој план во и околу Македонија. Зашто има голем број примери од минатото што покажуваат како (не)правдата се прекршува токму врз грбот на Македонија пред очите на Европа и на целокупната меѓународна заедница. Во таа насока, предизвиците на Македонија во остварување на правдата се на повеќе нивоа, и тоа да се избори за рамноправен третман и еднаква правда на меѓународно-политички план, но и за спроведување на законите на внатрешен план за сите граѓани еднакво. Во серијалот текстови за тоа до каде е правдата во и околу Македонија ќе разговараме со истакнати правници, судии, извршители, нотари, адвокати…
СЕРИЈАЛ ТЕКСТОВИ ПО ПОВОД ЕВРОПСКИТЕ ДЕНОВИ НА ПРАВДАТА (2)
Барањето правда во меѓунaродните односи многумина политички аналитичари го квалификуваат како наивност спротивна на реалната политика, но сепак сѐ уште постојат и принципиелни легалисти што инсистираат дека меѓународното право и понатаму е најсилниот инструмент и аргумент за малите народи и држави, кои постојано треба да им се „плескаат в лице“ на големите сили насочени исклучиво кон сопствените интереси. Неодамна, на 24 октомври беше одбележана 77-годишнината од основањето на Организацијата на Обединетите нации, односно усвојувањето на Повелбата на ООН, а еден ден подоцна, 25 октомври беше посветен на Европскиот ден на правдата. Во Македонија, Европскиот ден на правдата се одбележува пригодно со отворени денови за граѓаните во судовите и правните институции. Сепак, одбележувањето на деновите што ги афирмираат правдата и праведноста како водечки принцип во меѓународните односи и интернационалните организации, наведува на преиспитување на придржувањето до нив во практиката на реалната политика. Во нашиот случај, прашањето е колку меѓународната и европската правда биле праведни спрема Македонија.
– Најголемиот срам на меѓународната право, односно најголемата неправда што меѓународните организации ја имаат направено врз европска земја е со Македонија. Спрема неевропските земји биле правени (по)големи неправди од меѓународната заедница, но Македонија е земјата што трпи најголема неправда од таа заедница во Европа Меѓународните организации, како Обединетите нации и Европската Унија, кои се повикуваат на принципите на меѓународното право, во суштина се конципирани да ги штитат интересите на четири-пет големи сили, или на земјите-членки. Според тој концепт, воспоставен уште од Черчил, другите земји-членки на ООН треба да бидат послушници на интересите на големите сили, а правдата и демократијата во ЕУ се исклучиво привилегија на земјите-членки, додека спрема оние што претендираат да станат дел од организацијата (ЕУ), дозволено е тие (правдата и демократијата) да бидат манипулирани и злоупотребувани.
Таа „шега“ од францускиот предлог за преговарачката рамка на ЕУ за Македонија, во кој се вградени сите непристојни бугарски уцени, претставува кршење на сите права и сета правда на кои се повикува и со кои се гордее Европската Унија. Застанувајќи зад еден таков документ, ЕУ поддржува и станува директен соучесник во деидентификацијата на еден европски народ, на македонскиот народ, јазик и историја. Кога ЕУ дозволува една нејзина земја-членка (всушност две – Бугарија и Грција), која не признава никакви малцинства во својот устав, да ја уценува Македонија за почеток на преговорите со менување на Уставот за да го внесе бугарското малцинство, тоа повеќе личи на изнуда отколку на правда и принципиелност. Цената на европската и меѓународната правда за Македонија се националната чест и достоинство, а тоа значи уцена и неправда. Во однос на Македонија, ниту ООН ниту ЕУ не можат да се пофалат со правда и праведност – вели филозофот и универзитетски професор Ферид Мухиќ.
Во однос на правдата и правичноста, како базични принципи на Европската Унија, за кои е особено строга во преговарачкиот процес на земјите-кандидати (поглавјето 23, за фундаменти на ЕУ и владеење на правото, прво се отвора и последно се затвора во преговарачкиот процес), професорот по меѓународно право Игор Јанев смета Унијата е особено лицемерна во македонскиот случај. Според Јанев, додека ЕУ инсистира на унапредување на човековите права во Македонија, поддржува деноминација на македонскиот национален идентитет.
– По Преспанскиот договор (ПС), со кои се наметнува лимитиран идентитет, пред сѐ за нашето национално малцинство во Грција, кое според договорот (ПС) нема идентитет, лицемерно е од ЕУ да се зборува и инсистира за „унапредување на човековите права“. Со Преспанската спогодба ние, а исто така и Грција, ја отфрливме егзистенцијата на македонското малцинство во таа држава, со што се кршат основните човекови права на нашето малцинство во Грција. Имено, Преспанскиот договор не признава националното малцинство со својот идентитет („македонски“), малцинството без идентификацијата, по дефиниција, правно не постои. Сите права на нашето малцинство се одземени и, според интерпретацијата на Министерство за правда, ова прашање е во строга „внатрешна надлежност на Грција“! Во врска со овој проблем ќе потсетам дека, според меѓународното право, наша должност и право е да им даваме заштита на нашите малцинства во соседните држави. Спротивно на овие одговорности, ние со Преспанскиот договор, заедно со Грција, отворено негираме постоење на македонско малцинство во Грција, со што придонесуваме во негирањето и асимилацијата на оваа наша етничка група во таа земја (Грција) – смета Јанев.
Од фактот што нормите за негацијата на идентитетот содржани во Преспанскиот договор се применуваат ерга омнес, произлегува дека ние не го признаваме нашето малцинство, поради општонепризнаениот идентитет во сите соседните држави и во сиот свет! Со ваквото универзално непризнавање, кое е дел од Преспанскиот договор, ние ги кршиме правата на сите наши национални малцинства во светот. Со ваквата практика се кршат речиси сите норми од Рамковната конвенција за малцинските права на Советот на Европа (1995).
Понатаму, од фактот што ние активно не го признаваме правниот идентитет на малцинствата, ние ерга омнес не го признаваме ни идентитетот на нацијата во сопствената држава.
На овој начин правото на националниот идентитет (како етничка група) флагрантно е повредено и во сопствената национална држава!
Според Министерство за правда, ние и во сопствената држава немаме право во официјалната комуникација да го користиме националното име, односно националниот идентитет. Овој идентитет е модифициран со „модификаторот“, кој задолжително мора да биде вклучен пред основната национална дезигнација (Македонија), со која оваа се менува! На овој начин националниот идентитет е непризнаен, а ваквото политичко непризнавање заштитува и обезбедува држава што не признава и дерогира национален идентитет. Од држава (националната држава) што треба да има дефиниран национален идентитет, правно не се признава и се отфрлува и негира идентитетот и дома и во странство. На овој начин со спонзорирањето на Преспанскиот договор со кој се врши асимилацијата и негација на македонската нација, власта во Македонија флагрантно врши повреда на основните човекови права, пред сѐ правото на националниот идентитет и избор на истиот тој.
Оваа нелегална состојба со асимилаторскиот Преспански договор, кој им ги ускратува правата на малцинствата, ќе трае сѐ додека еден ден некој субјект, Македонец од Грција (односно група Македонци во таа држава, со ускратени човекови права), не ја тужи „оваа држава“ („Република Северна Македонија“) за кршење на универзално прифатените човекови права.
За мене лично, неразбирливо е како нашиве политичари од фактот што не смеат да го спомнат името на државата (па користат „оваа држава“) не деривираат едноставен заклучок дека ваквата состојба не е одржлива на подолг рок.
Ним не им е јасно дека по Преспанскиот договор оваа држава без суверенитетот и дигнитетот стана фактички нов меѓународен субјект, кој не е идентичен со претходниот. Без суверенитет овој ентитет правно веќе не е ниту држава, која по дефиниција е суверен субјект. Имено, ентитетот што настана има нецелосни државни белези! Деноминацијата „Северна“ е срамен жиг (или вечна стигматизација) со кој јавно се признава дека ние НЕ СМЕ (ВЕЌЕ) МАКЕДОНЦИ, и натаму дека НИКОГАШ и не бевме Македонци. Во спротивното, зошто би правеле ваква ревизија на ИДЕНТИТЕТОТ! – вели професорот Игор Јанев.