Фото: Илустрација: Никола Ристевски, „Нова Македонија“

Македонија во старите книги, патописи, карти, мапи, документи и весници (10)

  • Како член на Кралското учено друштво, Браун применува емпириски метод на набљудување, што неговите записи за Македонија ги прави релевантни за денешната историографија, етнологија и географија

Патописот на англискиот лекар Едвард Браун, објавен во Лондон во 1673 година, претставува еден од клучните секундарни извори за проучување на Балканот во XVII век. За разлика од претходните средновековни записи, кои често се потпираа на религиозни догми или патнички митови, делото на Браун е производ на раната научна револуција. Како член на Кралското учено друштво (Royal Society), Браун применува емпириски метод на набљудување, што неговите записи за Македонија ги прави релевантни за денешната историографија, етнологија и географија.
Во втората половина на XVII век, европските кралства покажуваат зголемен интерес за внатрешноста на Отоманската Империја. Тој интерес не е само од научна природа туку и од чисто стратешка. Македонија, како централен дел на Балканот, претставувала клучна транзитна зона за трговските карвани и воените движења. Браун ја посетува Македонија во 1669 година, во период на релативна стабилност, но и на интензивна фискална активност на империјата.
Тој прецизно го бележи движењето на даноците, што е видливо од неговиот запис во Велес: „Во ова место сретнавме многу луѓе што беа дојдени од WALLACHIE (Влашко) и кои го носеа данокот што беа принудени да му го платат на султанот, а со него носеа доброволно и еден подарок како доказ на добрите чувства“.
Овој податок е значаен бидејќи ја потврдува улогата на македонските патни правци како примарни канали за трансфер на капитал од вазалните територии кон центарот на моќта во Истанбул.

Браун го документира својот пат низ Македонија преку низа топоними, кои денес се предмет на лингвистичка и историска анализа. Неговата белешка на првата страница од дневникот наведува: „wien, August 23, 1669. Fünf grossen. Jagodina. Krushevatz. Scopia. Procupli“. Споменувањето на Scopia (Скопје) е од исклучително значење, бидејќи го потврдува Скопје како незаобиколна станица на патот кон југ.
Куманово (Comonava): Браун го дефинира како „блиското гратче“ по влезот од Врање. Неговото набљудување дека на планината се гледа „манастир на Старите Грци“ укажува на неговата перцепција за византиското и православното наследство како „грчко“, што било вообичаена терминологија меѓу западните едуцирани луѓе од тоа време.
Катланово (Kaplanlish): Тука Браун демонстрира етимолошки интерес. Тој го преведува турското име Kaplanlı како „град на тигри“, иако правилно забележува дека не може да ја разбере логиката зад таквото именување. Ова укажува на прецизноста на неговото истражувањe, тој не само што ги запишува имињата туку и се обидува да ја разбере нивната семантика.
Велес (Kaprulih/Ќупрулу): Велес е опишан како „град на мостот“, „…каде што има една доста голема река, на која е изграден еден многу убав мост“.
Еден од најдеталните описи во патописот се однесува на материјалната култура на пишувањето. Браун опишува како локалното население реагирало на неговиот метод на работа: „…се чудеа како пишувам брзо, и това со перо од гуска за разлика од нив, кои пишуваа со мошне тврда трска наречена калем, исечена како и нашето перо“.
Овој сегмент е важен за разбирање на технолошкиот диспаритет меѓу Западна Европа и Отоманската Империја во XVII век. Додека Браун користи флексибилно перо од гуска, што овозможува побрзо пишување (курзив), на Балканот сè уште доминира употребата на цврст калем (трска). Сепак, Браун со научна објективност ги пофалува локалните материјали: „мастилото им е мошне убаво, хартијата еднаква и глатка“. Ова покажува дека тој не патувал со предрасуди за инфериорност, туку како објективен набљудувач на занаетчиските вештини.

Престојот во Велес му овозможува на Браун да документира реален настан, катастрофален пожар. Овој опис е важен за урбаната историја на Велес: „Во овој град, за несреќа, се случи пожар додека ние бевме во него и пред да имавме време да излеземе, поголемиот дел изгоре, бидејќи огнот бргу се ширеше“.
Ваквите записи помагаат да се разберат архитектурата и густината на градење во македонските градови, каде што доминирале запаливи материјали (дрво и чатма). Исто така, неговото споменување на „мошне убав мост“ во Велес сведочи за развиената инфраструктура, која била од клучно значење за одржување на трговските патишта.
Патописот на Браун не е напишан хронолошки, што е реткост за тоа време. Како што се наведува во изворите: „Браун не го пишува својот дневник од ден на ден, хронолошки, туку за една иста работа зборува на две или три места… Изгледа дека патните белешки потоа ги средувал…“
Ова укажува на неговиот научен пристап, тој не само што регистрирал настани туку подоцна ги класифицирал податоците за да бидат корисни за академските кругови во Англија. Делото било многу ценето, доживеало повеќе изданија, што докажува дека информациите за Македонија и Балканот биле од критичен интерес за европската интелигенција и политика во текот на целиот век подоцна. Без да подлегне на романтичарско величање, Браун ни дава слика на една земја што е логистички центар, место на судир и размена на технологии (од перото до калемот) и територија чии природни и урбани карактеристики биле од суштинско значење за европската наука…

м-р Никола Ристевски

(продолжува)