Синтагмата „Македонија нема друга алтернатива освен ЕУ“ толку често се повторуваше – чиниш стана мантра, во изминатите неколку години, но се повторува и деновиве во предвечерјето на изборите. Тврдењето „нема друга алтернатива“ значи само едно: Македонија нема избор, што, всушност, поврзано со многукратните повторувања на синтагмата, треба да прати јасна порака до граѓаните на Македонија: отпорот е залуден. Но дали е така? Дали треба да се помириме однапред со сè – тоа е, нели, дел од нашиот генетски код, или…?
Овој текст е продолжение на есејот „За либералниот социјализам“ објавен во „Нова Македонија“ на 3 април 2024 година. Што значи синтагмата „Македонија нема друга алтернатива освен ЕУ“ што толку често се повторуваше – чиниш стана мантра, во изминатите неколку години, но се повторува и деновиве во предвечерјето на изборите? Тврдењето „нема друга алтернатива“ значи само едно: Македонија нема избор, што, всушност, поврзано со многукратните повторувања на синтагмата, треба да прати јасна порака до граѓаните на Македонија: отпорот е залуден. Но дали е така? Дали треба да се помириме однапред со сè – тоа е, нели, дел од нашиот генетски код, или…?
Зборовите „нема избор“ ме потсетија на феудалниот период – период од 11 век (ран феудализам) до 18 век (доцен феудализам), период во којшто не постоеше економски избор: ниту феудалците (земјопоседниците) помислуваа да ја отуѓат земјата на своите предци ниту селаните-кметови имаа каква било илузија дека некогаш ќе поседуваат земја. Тие немаа избор: евентуалната промена можеше да се случи само како резултат на војни, некоја катастрофа или со кралски декрет. Оттука, ако навистина е точно дека Македонија нема друга алтернатива освен ЕУ, тогаш дали, можеби, Македонија, во однос на политичкиот избор, денес не е држава-кмет? Второто тврдење: „отпорот е залуден“ ме потсети на филмот „Ѕвездено патување: прв контакт“ (1996). Во филмот човештвото е загрозено од колективот Борг – цивилизација со групен ум, којашто не поседува хиерархиска структура, наместо тоа користи структура слична на интернет: без контролен центар и со користење дистрибуирана обработка на податоци. Капетанот на бродот, Жан Лук Пикард, и неговиот екипаж се „асимилирани“ од колективот потврдувајќи ја пораката на колективот: „Ќе бидете асимилирани. Отпорот е залуден!“.
Во продолжение ќе цитирам три текста. Првиот, од 1848 година, зборува за положбата на угнетените: „Испарува сè што е стабилно и востановено, се сквернави сè што е свето, така што луѓето, најпосле, се принудени со трезвени очи да ја согледаат својата животна положба, и своите меѓусебни односи“ (Карл Маркс, Фридрих Енгелс: „Комунистички манифест“). Вториот, од 1910 година, предочува за општествената состојба: „Сите храмови и кивоти украдени, \ Сета доблест и чесност исмевани, \ Сите гробови и животи понижени, \ Погребот и крштевањето осквернети“ (Владислав Петковиќ Дис: „Наши денови“), додека третиот, од 2018 година, со однесува на либерализмот – филозофијата „којашто беше промовирана за да поттикне поголема еднаквост, да ја одбрани плуралистичката таписерија на различни култури и верувања, да го заштити човечкото достоинство и, се разбира, да ја прошири слободата, во пракса генерира титанска нееднаквост, наметнува униформност и хомогеност, поттикнува материјална и духовна деградација, и ја поткопува слободата“ (Патрик Динин: „Зошто либерализмот не успеа“).
Избраните цитати покажуваат дека, без разлика на незадоволството од капитализмот што постои веќе 170 години, либералната демократија – филозофијата на капитализмот, што денес Запад го смета за единствена легитимна форма на политичко организирање, сѐ уште опстојува и успешно се адаптира на можните предизвици. Постојат три, според моето мислење, круцијални причини за успехот на либералната демократија. Прво, концептот либерален социјализам не беше јасно образложен и ослободен од предрасуди и од застарени сфаќања. Тука под либерален социјализам подразбирам уредување коешто ќе нуди можност за комбинирање, од една страна, на либералните права, воспоставување рамнотежа на државната моќ и воведување различни форми на партиципативна демократија со, од друга страна, социјална грижа за еднаков развој на сите, проширување на грижата за работниците и намалување на можноста да се воспостави плутократија, поточно сонот за праведен капитализам не беше јасно образложен, ослободувајќи го од предрасуди и од застарени сфаќања. Второ, на Исток сонот за либерален социјализам се замени со тоталитаристички егалитаризам, додека пак, истовремено, Запад успешно ја промовираше заблудата дека капитализмот е за слобода, ефикасност и демократија, додека социјализмот ги вклучува правдата, еднаквоста и етатизмот – заблуда сестрано потпомогната токму заради постоењето на недемократските уредувања на Истокот. Трето, успехот на западната пропаганда и воведувањето, особено по Втората светска војна, на дихотомијата добри/лоши – луѓето повеќе не се борат за материјален плен или за Елена од Троја, туку за воспоставување подобри вредности на општеството, при што, се разбира, добрите ликови доаѓаат, по правило, од Запад. Ваквиот наратив, кој е сеприсутен во западните модерни приказни, филмови, книги, дури и во политичките метафори, придонесе за успехот на либералната демократија.
Што се случува во 21 век и каде оди човештвото? Во книгата „Техно-феудализам: Кој го уби капитализмот“ (2023), Јанис Варуфакис извикува: „капитализмот е мртов, да живее техно-феудализмот“. Според моето мислење, сепак, капитализмот сѐ уште не е мртов, туку мутира, се трансформира во посовршена форма, притоа адаптирајќи се на современите научни и технолошки трендови. Во капитализмот, не обидувајќи се да бидам потполно прецизен, постојат две спротивставени класи: работодавци (сопствениците на капиталот) и вработени (терминот ги опфаќа сите: вработените во стоковните и услужни дејности, вработените во приватниот и во јавниот сектор). Во 19 и во 20 век работодавците (или капиталистите) го експлоатираа физичкиот или умствениот труд, пред сè, на вработените во приватниот сектор, меѓутоа, денес – во 21 век, тие го експлоатираат, со користење вештачка интелигенција и информатички технологии, не само умствениот труд туку и умот: ставовите, желбите, соништата, карактеристиките… на сите граѓани (не само на работниците во приватниот сектор). Експлоатацијата на умот, од една страна, и развојот на интернетот и информатичките технологии, од друга страна, придонесоа, прво, да се формира нов облик на капитал – „капитал во облак“ (термин воведен од Варуфакис) и, второ, „пазарот – главниот медиум на капитализмот, да се замени со дигитални платформи за тргување“, додека, пак, профитот на капиталот во облак да се замени со „неговиот феудален предок: рента – киријата што се плаќа за пристап до облакот и неговите платформи“. Оттука, терминот техно-феудализам што го воведува Варуфакис.
Капитализмот не е мртов, но една од последиците на интернетот и новите технологии е неизбежната глобализација: луѓето се меѓусебно поврзани, но уште повеќе, не само луѓето, туку и сите објекти од нашата околина се вмрежуваат формирајќи огромно глобално село – термин воведен од Маршал Меклуан во далечната 1967 година во книгата „Медиумот е порака“: „Времето престана, просторот исчезна.
Сега живееме во глобално село… симултано случување“. Тоа предизвика постепено изумирање на една од творбите на капитализмот – државите (или националните држави), што всушност до одреден степен се случува денес. Државите, кои беа формирани за потребите на капитализмот, денес де факто, иако сѐ уште не де јуре, постепено исчезнуваат – капиталот има потреба од отворен свет (оттука, отворени податоци, отворено издаваштво, отворено општество, отворен Балкан…), па така, тој сѐ уште не го уништи капитализмот, тука само една од неговите творби.
Што се однесува на мантрата „Македонија нема друга алтернатива освен ЕУ“, таа треба да се замени со друга: „департизирана Македонија“ – мантра извор на сите други мантри, што ќе пренесе космичка вибрација и ќе овозможи: прво, македонскиот јазик, македонската историја и македонската култура да се изучуваат во време кога, можеби, државите ќе еволуираат во друга форма на постоење и, второ, запирање на вртоглавиот пад удолу, што ќе биде прв чекор за економски развој на Македонија. Но, за иднината на Македонија и дали капитализмот ќе изумре во 21 век, читајте во „Нова Македонија“ на 10 април 2024 година.