Продолжуваат бурните реакции и вознемиреноста на македонската јавност од своевидната иредентистичка манифестација на големоалбански експанзионизам на територијата на Македонија, непочитување на сувереноста, уставниот и правниот поредок на земјата од страна на одговорни од локалната власт во македонската држава. Контроверзната недефинираност на видот и формата на посетата на косовскиот премиер и правно анемичниот степен на преземената правна прекршочна постапка (со прекршочна пријава – на ниво на сообраќаен прекршок за брзо возење) што беше процесирана од МВР се елементите што создадоа целосна збунетост во македонското повеќеслојно општество, кое сепак има еден устав и закони што регулираат и квалификуваат вакви појави. Ама тие позитивноправни норми некој треба да ги почитува, друг да ги извршува, а трет да санкционира доколку сакаме функционална држава. Но, има ли кој?

Има ли функционална институција што ќе му стави крај на непочитувањето на уставниот поредок во Македонија?

Правниот епилог на настаните предизвикани од неформалната (наводно приватна) посета на косовскиот премиер Албин Курти на две општини во Македонија е: прекршочни постапки за градоначалниците Билал Касами, Висар Ганиу и општините со кои раководат. (?!)
Тие се сомничат дека за време на посетата на косовскиот премиер Курти на скопската општина Чаир и на Тетово не го испочитувале Законот за употреба на грбот, знамето и химната на Македонија.
– Не е постапено во согласност со Законот за употреба на грбот, знамето и химната на Република С. Македонија. Односно, за време на манифестациите организирани по тој повод не е интонирана државната химна и не е поставено државното знаме на Република С. Македонија, со што е сторен прекршок по членот 30 од истиот закон – се наведува во образложението за поведување прекршочна постапка од МВР.
Освен поведените прекршочни постапки, според информациите од МВР, и понатаму трае потрагата по лицето што на собирот во Тетово го вееше знамето со картата на голема Албанија.
Контроверзната недефинираност на видот и формата на посетата на косовскиот премиер и правно анемичниот степен на преземената правна прекршочна постапка (со прекршочна пријава – на ниво на сообраќаен прекршок за брзо возење) што беше процесирана од МВР се елементите што создадоа целосна збунетост во македонското повеќеслојно општество, кое сепак има еден устав и закони што регулираат и квалификуваат вакви појави. Ама тие позитивноправни норми некој треба да ги почитува, друг да ги извршува, а трет да санкционира доколку сакаме функционална држава. Но, има ли кој?

Очигледни елементи за извршени тешки дела за „загрозување на уставниот поредок“, за „поттикнување етничка нетрпеливост, говор на омраза“ итн.

Според искусните правници, со долгогодишен стаж во правната практика, во овие настани сериозно има многу повеќе елементи и за процесирање кривична постапка, а кај повеќе субјекти поврзани со настанот има елементи за извршени потешки кривични дела: од степен на „загрозување на уставниот поредок“, но и за „поттикнување етничка нетрпеливост, говор на омраза“ итн. Поведувањето прекршочна постапка за градоначалниците и за општините со кои ги раководат во македонската јавност создава впечаток на млак и анемичен одговор на институциите во заштита на државниот суверенитет, интегритет и уставен поредок.
– И во овој случај, со манифестација на нескриени иредентистички намери спрема Македонија, на македонска територија, се покажува нефункционалноста во надлежностите низ целата хиерархија на македонските државни институции. Недвосмислено, во самиот настан на посетата на косовскиот премиер во општини на територијата на Македонија, а во изјавите што подоцна ги даваа разни политичари, има многу елементи за кривична постапка, а не само за прекршочна. Но со актуелниот закон за кривична постапка се одземени многу надлежности во спроведувањето истрага и воопшто во реагирањето на Министерството за внатрешни работи. За секаква истрага треба да се чека налог од Обвинителството. Ако Обвинителството не реагира, едноставно МВР не може да постапува. Тоа е еден дефект во Законот за кривична постапка што ја создава таа нефункционалност во надлежностите на институциите, од највисок до најнизок степен во хиерархијата, како и несоодветна правна реакција за различен степен на прекршоци – вели Дане Илиев, поранешен претседател на Врховниот суд на Македонија.

Да се пристапи кон доследна и неселективна примена на законите!

Правната реакција на институциите во ситуации каде што се јасно видливи непочитување и прекршување на Уставот и законите на државата многу често се димензионира според процената на степенот на политичка штета (или придобивка) што може да биде предизвикана, наместо да се пристапи кон доследна и неселективна примена на законите.
– Најновиот настан со веење знаме со карта на голема Албанија на македонска територија, при посетата на косовскиот премиер Курти, дури не може да се нарече ниту инцидент, зашто тоа е речиси вообичаена појава на многу настани, официјални и приватни, организирани од сите албански политички субјекти во Македонија. Можеби ова е „црешата на шлагот“ во купот случувања со веење (големо)албански знамиња, а за кои немало никаква реакција од македонските државни институции. Државата подолго време го толерирала тоа, спроведувачите на таквата практика се научени дека тоа не се казнува, па сега посегнувањето на институциите по законите и правната регулатива за такви прекршоци веднаш се политизира и дебатата се префрла на теренот на политиката. Од правен аспект, не е спорно само веењето на знамето на државата Албанија (кое е прогласено и за етничко знаме на Албанците во Македонија, што е мошне контроверзно, но, ете, прифатено е), туку и поставувањето на американското знаме пред објекти и институции во Македонија (што е исто така вообичаена практика на албанските политички субјекти) е контрадикторно според македонските закони. Односно, според кој македонски закон може да се поставува каде било американско знаме? Во секој случај, проблемите со употребата на знамињата и нивната правна регулација во Македонија се хроничен проблем, со кој институциите на државата очигледно не можат да се справат. Тоа претставува правен проблем, чие решавање од политички аспект е контрапродуктивно. Или, народски кажано, тешко се фаќа за рогови без да се направи поголема штета во општеството и за државата – вели универзитетскиот професор по кривично право Гордан Калајџиев.


Непотребно е процесирање на нелегални поведенија бидејќи политички е контрапродуктивно?!

Јавен повик на беззаконие од претседателот на владејачката Алијанса за Албанците и градоначалник на Гостивар

Претседателот на владејачката Алијанса за Албанците и градоначалник на Гостивар, Арбен Таравари, смета дека пријавите против градоначалниците Билал Касами и Висар Ганиу се непотребни.
– Мислам дека воопшто немаше потреба. На овој начин само политички се факторизираат – смета Таравари, кој е политички конкурент во албанскиот блок на двајцата градоначалници што добија прекршочна постапка.
Со други зборови, непотребно е спроведување на законите и слободно може да се толерира прекршувањето на Уставот и законите во Македонија, бидејќи ако се спроведат позитивноправните норми, тие би ги подигнале „политичките акции и рејтингот на опонентските политичари“?!
Инаку, за споменување е и дека Касами и Ганиу поведувањето на прекршочна постапка против нив го сведуваат на „политички прогон од времето на комунизмот“.