КОШАРКА – КВАЛИФИКАЦИИ ЗА СП 2023

Македонската машка кошаркарска репрезентација вечерва во Сарагоса (19.30 часот) му гостува на актуелниот светски првак Шпанија, во 5. коло (група Г), во квалификациите за пласман на Светското првенство (СП) во 2023 година, кое треба да се одржи во Индонезија, Јапонија и во Филипини. Црвено-жолтите одработија неколку тренинзи во салата „Павилјон Принц Фелипе“ (капацитет 10.744 седишта), каде што треба да играат со Шпанија, а најавен е тренинг и денеска, информираат од Кошаркарската федерација на Македонија.
Селекторот Драган Бајиќ се определи да им даде шанса на овој дуел на двајца млади кошаркари, дебитанти во националниот дрес, Рубин Стефанов (Канту, Италија) и Виктор Ташовски (ТФТ), а во составот се и Војдан Стојановски, Бојан Крстевски, Адем Мекиќ, Кристијан Николов, Дамјан Робев, Стојан Ѓуроски, Андреј Маслинко, Виктор Ефремовски, Теодор Симиќ и Андреј Јакимовски. Македонија ќе биде пред тешка мисија за да се пласира во следната фаза од квалификациите за СП 2023, каде што одат првите три селекции од секоја од осумте групи (од групата Г пласман осигурија Шпанија и Грузија). Во случај две репрезентации да имаат ист број бодови, решава меѓусебниот дуел. На табелата во групата Г, по четири кола, води Грузија со седум бода, потоа се Шпанија со шест, но и натпревар помалку, Украина и Македонија имаат по четири бода, но Украинците и еден меч помалку. Г.И.