Извештајот на Европската комисија (ЕК) предвидува и Грција и Бугарија да се придржуваат до билатералните договори потпишани со Македонија, но само нашата држава е таа што се придржува и ги исполнува своите обврски, дури и повеќе од тоа што е предвидено. Но, кога веќе владата на ЕУ (имено Европската комисија) наведува дека „билатералните договори и протоколи мора да се спроведуваат од сите засегнати страни потписнички“, тогаш клучната дилема што се наметнува кај македонската јавност е дали Брисел ќе ги праша Софија и Атина зошто тие ништо не спровеле од нивните обврски преземени со договорите?! Тука можеби треба да реагира и Македонија, поточно да запре со примената на договорите додека и вторите страни, во нашиот случај Бугарија и Грција, не почнат да се држат до договореното
Не е точно дека извештајот на Европската комисија (ЕК) го констатира само нашето неработење
Шест години по потпишувањето на Договорот за пријателство и соработка и пет години по ставањето параф на Преспанската спогодба, ниту Бугарија ниту помалку Грција спроведоа макар мал дел од преземените обврски од и онака целосно асиметричните договори.
Бугарија, и покрај тоа што се обврза со договорот дека ќе ѝ помага на земјава во делот на евроинтеграциите, не само што не се држи до таа одредба од договорот туку вложува и дополнителни напори целосно да одмага и да ја држи Македонија што подалеку од ЕУ.
Истото тоа го прави и Грција, која требаше да ратификува три меморандума во грчкиот парламент и да промени неколку крајпатни табли на кои уште стои името „Скопиа“. Ни тоа не се случи, оти Грците биле чувствителни на името „Македонија“ кога ние го употребуваме, макар било и со географска одредница.
Во меѓувреме, Македонија до последната точка и запирка ги имплементираше достасаните одредби од двата договора, дури некои далеку пред роковите, кои стигнуваат за неколку години, а може и подолго, ако во скора иднина вистински не ги започнеме преговорите со ЕУ.
На сето тоа Европската комисија во својот најнов извештај за напредокот на Македонија наведува дека постојните билатерални договори, како оној со Бугарија, така и тој со Грција, мора да се спроведуваат од засегнатите страни.
Ако нешто не е спорно во целиот овој извештај на ЕК за напредокот на Македонија и ако во нешто сме шампиони, тоа е во спроведувањето на обврските од двата договора. Македонија ги имплементираше и одредбите што во согласност со договорите не мораше сега, туку можеше да го направи тоа и по отворањето на соодветните преговарачки поглавја.
Кога веќе ЕК наведува дека билатералните договори и протоколи мора да се спроведуваат од двете страни, тогаш клучната дилема што се наметнува кај македонската јавност е дали Брисел ќе ги праша Софија и Атина зошто тие ништо не спровеле од нивните обврски преземени со договорите и дали и во нивните извештаи ќе забележи дека „нема напредок“ на тој план.
Тука можеби треба да реагира и Македонија, поточно да запре со безумната примена на договорите додека и вторите страни, во нашиот случај Бугарија и Грција, не почнат да се држат до договореното. Тие се членки на ЕУ и ако во извештајот на ЕК се споменува заемно почитување на договорите, тоа треба да важи и за нив, оти во спротивно, во согласност со меѓународното право, не важи за никого.
Политичкиот аналитичар Синиша Пекевски смета дека ЕУ го истакнува таквиот наратив во извештајот за напредокот на Македонија само колку да каже дека обврските важат за сите, иако во практика одобрува нивно непочитување од страна на земјите членки.
– Кога во извештајот ЕК пишува дека постојните билатерални договори, како Преспанскиот договор и Договорот за добрососедство со Бугарија и вклучителните протоколи, треба да продолжат да се спроведуваат од сите страни, тоа всушност значи дека само ние мора да ги спроведуваме нашите обврски бидејќи сме кандидати за членство во ЕУ, додека Грција и Бугарија се внатре и затоа им се прогледува низ прсти – вели Пекевски.
Тој и натаму останува на истиот став што го застапува подолго време, дека Унијата не сака корумпирани земји и затоа нема да ги притисне ниту Атина ниту Софија да ги исполнат своите обврски од договорите склучени со Македонија, туку притисокот ќе биде само врз нас.
– Извештајот покажа дека дефинитивно ЕУ не сака увоз на системска корупција внедрена во земјите што ќе се интегрираат во Унијата – констатира Пековски, притоа додавајќи дека за тоа зборува подолго време.
Сличен став имаат и другите соговорници со кои разговаравме за формулацијата во извештајот, за тоа дека билатералните договори треба да се спроведуваат од сите страни.
– Ако во нешто ЕУ не може да ни забележи, тоа е во спроведувањето на обврските преземени од договорите со Грција и со Бугарија. Имаме едно такво неразумно брзање што повеќе да испорачаме, што се граничи со апсурдност. Ги изложуваме нашите граѓани на дополнителни давачки за промена на важечки документи без никаква потреба, а Грција ниту менува табли, ниту ратификува меморандуми. Тие не го почитуваат договореното и, во согласност со меѓународните правни практики, ниту ние не сме обврзани да го почитуваме тоа што сме го прифатиле заемно. Бугарија постапи исто, по договорот ни стави неколку вета, иако требаше да ни помага, а не да ни одмага во евроинтеграциите. Како и да е, без оглед на ваквата формулација во извештајот, обврските повторно ќе се однесуваат само на нас, бидејќи ние сме тие што сакаме да влеземе во европското друштво и актуелните земји членки го користат тоа – заклучуваат соговорниците.