Меѓу најзначајните дела на Мисирков е „За македонцките работи“, објавено во 1903 година, во кое тој се осврнува на потребата од стандардизација на македонскиот јазик, правопис и азбука, како основа за обединување на македонскиот народ. Уште во тоа време, Мисирков прашува што е најважно за нас Македонците: обшчебугарцките, обшчесрбцките, обшчегрцките или македонцките интереси? Во контекст на актуелните политички (не)прилики и барањата од Македонија на патот кон ЕУ, ова прашање не губи од својата актуелност и ден-денес

По повод 96 години од смртта на македонскиот великан Крсте Петков Мисирков

Во националната меморија на македонскиот народ, Крсте Петков Мисирков останува запаметен како еден од највеликите Македонци во поновата историја. Со плодната дејност остава трајни белези како кодификатор на македонскиот литературен јазик и правопис, македонски филолог, публицист, собирач на македонското народно творештво, историчар итн. Мисирков е меѓу основачите на неколку македонски национални друштва што дејствувале во Белград, Санкт Петербург, Одеса и Софија, кон крајот на 19 и почетокот на 20 век. Тој е основач и редактор на списанието „Вардар“, а се јавува и како автор на голем број научни статии во кои ги заштитува националните особености на Македонците.
Негово најзначајно дело е „За македонцките работи“ , објавено во 1903 година. Во оваа книга, Мисирков се осврнува на потребата од стандардизација на македонскиот јазик, правопис и азбука, како основа за обединување на македонскиот народ во тогашната политичка состојба во Македонија. Мисирков во оваа книга вели: „Имат, и ке се наiдат, мнозина интелегентни македонци, код шчо сет готои да дадат животта своiа за интересите на своiата таткоина и своiот народ, коiи ке се запитаат: шчо iет по важно за нас македонците: обшчебугарцките, обшчесрбцките, обшчегрцките или македонцките интереси? И ке одгоорат, да сет интересите на таткоината секоаш по горе од интересите обшченародни, и да сет последните само стредство за првите, а не наопаку. Мала набл’удател’ност требит, за да се убедит чоек во таiа истина. Наi напред се знаит от секого, оти ниiе милуаме нашата таткоина Македониiа и нашиiот народ…“
Дончо Зографски вели дека Илинденското востание го поттикнало Мисирков да направи темелна анализа и критична процена на најновиот општествено-политички развиток на Македонија. Свештеникот Јурдан Ангелов во своите спомени вели дека во есента 1903 година се воделе дискусии за последиците од востанието и за иднината на македонската револуционерна борба.

Според Ангелов, кај одредени личности веќе зреела мислата македонското движење да ги истакне и културните проблеми на својата борба. Јурдан Ангелов истакнува: „На помош на нашата идеја дојде Мисирков. Со него се зближи Димитар Мирасчиев и се беа согласиле кон политичкиот автономен принцип за слободата на Македонија да се прибави национална и јазична автономија на Македонија, почнувајќи со издавањето книги и весници на чист македонски јазик“.
Поради својата македонска национална дејност, особено по објавувањето на „За македонцките работи“, Мисирков се соочил со напади и осуди, особено во бугарските националистички и шовинистички кругови. Во овој правец била и статијата „Нови кобни патишта и проломи“, објавена во списанието „Македонија“. Во оваа статија се вели дека тоа се лудории од немакедонски фрази, дека тоа не е прво такво истапување и многу пред работата на Мисирков, Младата македонска книжевна дружина преку страниците на „Лоза“ се залагала за истото тоа. Според пишувањата на споменатото списание, идејата за која се залагале Мисирков и Младата македонска книжевна дружина била пропагирана во 1887 година од страна на рускиот печат, а во 1886 година, Иван С. Аксаков ги советувал своите македонски ученици да создадат македонски литературен јазик и да го зачудат светот со својата независност.
И покрај сите притисоци и закани, Крсте Петков Мисирков до крајот на својот живот ги афирмирал и заштитувал националните особености на Македонците.

Во овој контекст е неговата статија „Македонскиот и бугарскиот национален идеал“, објавена во „Македонски глас“, 1914 година. Во неа, Мисирков истакнува: „Мошне важно прашање за сите приврзаници на автономијата на Македонија, како и за нејзините противници, се јавува прашањето: кои се и што претставуваат Македонците што се борат за независноста на Македонија? Од кои луѓе се состои лагерот на приврзаниците на автономијата… Врз што тие ја засновуваат својата борба за македонскиот национален идеал? Кои се нивните непријатели во Македонија и на Балканот и дали движењето е национално или политичко?“
Анализирајќи ги овие прашања, Мисирков вели: „Единството и автономијата на Македонија – ете го идеалот на Б. Сарафов; зграбувањето на цела Македонија од Бугарија или барем нејзина поделба помеѓу Бугарија и Србија со присоединување на поголемиот дел од Македонија кон Бугарија – ете го идеалот на бугарските националисти“. За политиката на бугарската држава кон Македонија, Мисирков вели: „Бугарските влади една по друга во коренот ја уништуваа можноста за создавање автономна Македонија… Софија не можеше и не сакаше да ги разбере интересите на Македонија. Во Софија мислеа за голема Бугарија, за Санстефанска Бугарија, без оглед на тоа какви земји ќе влезат во составот на таа Санстефанска Бугарија“.


Невена Николова Георгиева-Дуња, најмладата македонска партизанка

Борбата за национална и политичка слобода на македонскиот народ продолжи и во Втората светска војна, преку македонското народноослободително и антифашистичко движење, кое доведе до создавање на современата македонска држава. Асномска Македонија беше резултат на упорната борба и издржливоста на младите Македонци и Македонки што ги положија своите живот за слободата на Македонија. Меѓу нив беше и Невена Николова Георгиева-Дуња, а токму оваа година се навршуваат 98 години од нејзиното раѓање.
Дуња со своите 16 години била најмладата партизанка во Првиот скопски партизански одред, како и првата жена партизан во македонското народноослободително движење во Втората светска војна. Учествувала во растурање летоци, како и разни материјали и пораки. Се истакнувала со пргавост во извршувањето на курирските задачи, но поради својата активност морала да премине во илегала. На 22 август 1941 година, при создавањето на Првиот скопски партизански одред, станала негов борец, а по расформирањето на одредот заминала во Велес и во Струмица. Во летото 1942 година учествува во подготовките на Струмичкиот партизански одред, а во мај 1942 година во отсуство била осудена на седум години строг затвор од тогашната бугарска фашистичка власт во Македонија.
Во септември 1942 година била борец на Велешкиот партизански одред. Во зимата 1942 година, одредот бил нападнат. Дуња заедно со своите соборци водела неколкучасовна борба, но била погодена од непријателски рафал. Загинува во судир со бугарската полиција и бугарските контрачети. Откако била тешко ранета, нејзиното тело било масакрирано, а на крајот ѝ била отсечена главата. Бугарските безбедносни сили потоа ѝ ја набиле главата на кол и шетале низ велешките села за да се заплаши македонскиот народ. За да предизвикаат страв кај велешките граѓани, нејзината глава била сместена во еден излог.
Во чест на Дуња се испеани неколку песни на македонската народноослободителна борба, а во нејзина чест се именувани и неколку училишта. Во „Жена-парк“ постои спомен-обележје во чест на Невена Николова Георгиева-Дуња. Д.Ст.