Верувам дека со добри книги придонесуваме за создавање добри читатели. А добрите читатели стануваат подобри луѓе, вели Нове Цветаноски
Средба со Нове Цветаноски, прв човек на издавачката куќа „Македоника литера“ и пријател на децата
Нове Цветаноски е првиот човек на издавачката куќа „Македоника литера“ од Скопје, но во неговата биографија ќе го најдете податокот дека долги години работел и како новинар, а извршувал и други важни функции. Сепак се чини во издаваштвото е свој на своето, а, како што ни откри, особено е среќен кога кај најмладите читатели ќе ја разгори желбата да почнат да го откриваат бескрајниот свет на литературата.
Вашата издавачка куќа „Македоника литера“ (претходно „Македонска реч“), долги години работи успешно. Испечатени се многу книги, интересни наслови за различна возраст, од стручна литература до белетристика, од класици до дела на нови, современи автори. Меѓу нив, на наша голема радост, има и голем број книги наменети за децата. Колку за вас токму литературата за најмладите читатели, всушност, е предизвик и влог дека на тој начин создавате нови генерации читатели?
– Децата се најважните читатели. Ако читателските навики се стекнат на рана возраст и ако децата станат добри читатели, тие ќе бидат добри читатели и кога ќе бидат возрасни. Затоа на децата треба да им се понуди добра книга, книга што ќе им го привлече вниманието, книга од којашто ќе научат нешто, а не книга што ќе им го направи здодевно читањето. „Македоника литера“ не е специјализиран издавач на литература за деца, но води посебна грижа да одбере квалитетни книги за децата. Квалитетот е најважниот критериум за избор на книгите што ги публикуваме. Верувам дека со добри книги придонесуваме за создавање добри читатели. А добрите читатели стануваат подобри луѓе.
Многу е важно во семејството и во училиштето да се укажува на важноста на книгата за растењето на децата, бидејќи со неа подобро се расте и побрзо се зрее
Секако, изборот да издавате книги за деца со врвен квалитет ви е приоритет, но вие одите и чекор понапред и ги доближувате делата до учениците во училиштата. Така, неодамна го посетивте скопското ООУ „Н. Г. Дуња“. Какви беа реакциите на учениците и на наставниците и ќе продолжите ли со слични активности?
– Добриот глас далеку стигнува, нели? Па, и добриот глас за добрата книга кога-тогаш стигнува до добриот читател. Благодарение на неколку одлични серии книги наменети за најмладите читатели, повремено сме поканувани кај тие млади читатели. Така беше и овој пат. Во училиштето, преку училишната библиотека, организирале работилница на која децата ја искажале својата креативност со цртање или пишување свои творби инспирирани од мотивите од нашите серии со кинески книги за деца. Јас бев пријатно изненаден колку се креативни децата и колку кај нив е бујна фантазијата, предизвикана од тие книги. А од тие книги има многу нешта да се научат. Тие книги го содржат најдоброто од најдобрата кинеска литература за деца, која е голема и богата, а досега, за жал, беше сосема непозната за македонските читатели. Тие книги произлегуваат од литература и култура на најстарата жива цивилизација, која, пак, опстанала четири илјади години затоа што се потпира на трајни вредности и високи човечки доблести.
Освен низата интересни наслови за деца од домашни и европски автори, ваш голем проект се преводите на македонски јазик на делата на најдобрите кинески писатели за деца, за што сте повеќекратно наградени. Дали токму литературата е можност децата да се запознаат со нови светови, пејзажи, луѓе, начин на живот…, но и да сфатат дека основните животни вредности секаде се исти?
– Кинеската култура на живеење се потпира на старата кинеска филозофија и мудрост. Старокинеската мудрост е многу популарна во целиот свет. Книгите што ние ги објавуваме носат мудрост, знаење, поука. Нешто ново и поинакво од она што сме навикнале да го читаме. Поинаков поглед на светот. Освен добрата приказна, тие покажуваат како се сака природата, како се сакаат животните, како да се сакаат блиските, како треба да се почитуваат повозрасните, како да ја негуваме човечноста, како да се биде доблестен… Кинеската литература за деца е отворена и во неа нема многу табу-теми, па затоа детето пореално ги осознава светот околу себе и светот во себе. Има неверојатни современи дела што го фасцинираат читателот и со современоста и со традицијата што произлегува од нив. „Македоника литера“ публикуваше неколку серии што, всушност, содржат ремек-дела од кинеската литература за деца. Од серијата „Најдобрата кинеска литература“ досега објавивме 18 книги, кои всушност се избор од творештвото на најдобрите современи кинески писатели за деца. Сите книги се со проза и содржат бајки, басни, приказни, раскази, новели или романи. Сите автори се наградувани, нивни книги се задолжителна лектира во образованието, а според нивните книги се снимани филмови, филмски или цртани серии, поставувани театарски претстави…
Во едицијата за деца се застапени и седум прозни книги со најдобрите дела на Шен Шиси, најчитаниот жив писател за деца, не само во Кина туку и во светот.
– Тој пишува исклучиво за животните и природата и е познат како „крал на приказните за животни“. Толку е реален и интересен во приказните за животинскиот свет, што многу го читаат и возрасните читатели. Тој има и многу интересна животна приказна, и сето негово знаење и искуство се внесени во приказните за животните.Минатата година публикувавме една серија со пет книги со кинески народни приказни, целосно илустрирани и целосно печатени во боја, а на самиот крај на годината објавивме две книги од нова серија – „Најдобрата кинеска фантастична литература за деца“. Сите овие книги, кои некако се надоврзуваат на нашите изданија за класичната кинеска филозофија, претставуваат првокласни четива за младите читатели, но и за возрасните читатели, зашто книгата за деца, ако е навистина квалитетна, таа е интересна и за возрасните читатели. Како што одминува времето, читателите сè повеќе ги прифаќаат кинеските книги за деца. Нè радува тоа што квалитетот на овие книги веќе се забележува, па текстови од тие книги веќе се вклучени во новите учебници и прирачници во основното образование.
Организирате и разни саеми, презентации, средби со писатели и слични настани. Децата веќе ве препознаваат по добрата книга, па што подготвувате за нив наскоро?
– Да, ги користиме сите можности за преставување пред читателите на нашите изданија. Ние сме горди што последниве пет-шест години нашите кинески книги се изложуваат на вториот по големина саем на книги во светот – на саемот во Пекинг. Така, и македонската книга е застапена на најпосетениот саем во светот. Но уште повеќе нè радува тоа што вакви вредности можеме да им понудиме на македонските читатели. За годинава подготвуваме уште неколку многу вредни и интересни кинески книги за деца. Ќе продолжиме со две серии, но ќе има и една нова серија.
И покрај придобивките на новото време и сите технолошки новитети, дали, според вас, за да стане неразделен дел од нашите животи, книгата од најмала возраст треба да се држи во рака, да се помириса и да нè пренесе во светот на фантазијата?
– Кога се појавил филмот се мислело дека ќе изумре театарот, ама не е изумрен. Кога се појавила телевизијата се сметало дека ќе изумре радиото, ама не е изумрено. Се појави и електронската книга, но не ја замени печатената книга. Појавата на електронската книга, а особено на новите технолошки информатички и комуникациски уреди, на почетокот негативно влијаеше врз печатената книга, сега е некоја преодна фаза, но печатената книга повторно си го враќа приматот. Магијата на печатената книга е незаменлива. Многу е важно во семејството и во училиштето да се укажува на важноста на книгата за растењето на децата. Со неа подобро се расте и побрзо се зрее.
Ексклузивен автор на „Македоника литера“ е омилениот македонски детски писател Киро Донев. Како почна вашата соработка со него и дали можеби, освен издавањето негови нови книги, планирате некои од нив да преведете на некој странски јазик, за да допре до што поголем број деца?
– Киро Донев е автор што би го посакала секоја литература, како што напиша од поодамна Јадранка Владова. За нас е привилегија што е автор на „Македоника литера“. Ние сме определени да публикуваме само квалитетни книги и затоа соработката со Киро Донев си дојде сама по себе. Вредноста и шармот на неговите книги ги препознаваат децата, па неговите книги постојано се привлечни за секоја нова генерација деца. Но и тој е постојано свеж и актуелен со новите објави. „Македоника литера“ досега објави десетина негови книги, некои и по неколку изданија, а во овој период се подготвува многу интересна негова книга, која треба да ја публикуваме пролетва. Последнава декада тој е најпреведуваниот македонски писател за деца. Го читаат во Турција, Украина, Бугарија, Србија и на уште десетина јазици. „Македоника литера“ стана овластен застапник за правата на неговите книги, па деновиве потпишавме договор за превод на негови книги на босански и на кинески јазик. Ќе има уште преводи. Уверен сум дека неговите книги сè повеќе ќе бидат читани во светот.
Книгите беа важен дел од животот на луѓето со векови, дали ќе биде така и за идните генерации?
– Книгата нема само книжевна, естетска или научна вредност туку има и предметна вредност. Еден концерт, една театарска или балетска претстава…, ќе се одржи еднаш и… – толку. А книгата останува. Засекогаш. Се разбира, ако е вредна. Затоа – да ја претпочитаме вредната книга.