Во пресрет на новата година, новото име и новата држава, ме опседнуваат старите мисли и грижи. Што ни требаше држава, кога не нѐ бидува. Имаме ли „материјал“ за држава. За здрава куќа или здрава држава, треба здрав материјал. Во петокот и саботата, бев во Софија. Заради временските услови, решив да патувам со автобус, т.н. меѓународна линија. За излез на перонот се плаќа 50 денари, што е безмалку цена за влез во музеј. Автобусот тргна со задоцнување од 5 минути, што по македонските стандарди, не е вредно за (с)помен. Во автобусот 13-14 патници, 6-7 Шпанци, една двојка млади Јапонци, една Малезијка и 3-4 Македонци. Температурата надвор, околу нулата, во автобусот, не повеќе од 5 степени. Јапонците и Малезијката, зад мене проверуваат на мобилните телефони. Кај Куманово, Малезијката стана и отиде до возачот да му објасни на англиски и со пантомима, дека смрзнува и се стресе од студ.
Тој ја разбра пантомимата и на македонски ѝ враќа, со пантомима: „Што да правам, еве и мене ми студи“ (и си ги трие колениците). Оваа виде дека ниту на англиски ниту со пантомима, нема разбирачка со Македонецот, се врати на седиштето и извади дополнителна облека и шалови и се замота со нив. Јапонците веќе беа замотани. Продолжи јапонско-малезиската комуникација за искуствата на Балканот. Малезијката ја вратиле утрото српските полицајци од преминот Прешево, а сакала да патува за Белград. Но бидејќи имала печат од Косово, а слетала на Балканот на приштинскиот аеродром, тоа било причина да ја вратат, без око да им трепне. Зовриената крв ѝ ја ублажи студенилото во автобусот. Бидејќи се наоѓавме на македонска територија и во македонски автобус, се приклучив на ,,жешкиот“ разговор. На Јапонците им кажав ,,коничива“ (здраво) и дека сум бил во Јапонија, во Токио и во Кјото, дека се возев со шинкасан-возот (куршум), кој патуваше со 250 км/час. Замислете, Скопје – Софија за еден час. Слатко се изнасмеаја и си додадоа нешто на јапонски. Трикот ми успеа, ги одвлеков од студот, отпатувајќи до Јапонија. „О, вие многу сте патувале“, забележа Малезијката. Да, сум бил и во Малезија, поточно во Куала Лумпур, попатно на еден тридневен, стоп-овер до Австралија и ги посетив Куала Лумпур и „Петронас тауерс“, бизнис-центар на 88 ката. Тоа беше некаде веднаш по филмот со Џејмс Бонд, кога тој со параглајдер (гр.пара = божем + анг.глајдер = падобран или заедно = божем падобран) скокна од мостот помеѓу кулите. Така, цел свет дозна за новото архитектонско чудо „Петронас тауерс“. Малезијката (47 г.) била и маратонка, помеѓу другото и ја поканив да биде гостин на Скопскиот маратон, следната година.
Беше одушевена или барем така изгледаше. Знаете, ние од Далечниот Исток, покажувајќи и на Јапонците, сме многу пољубезни од вас. Секогаш разговараме со луѓето со насмевка. Еве, го видовте и возачот, колку е намрштен, наместо да се стопи од срам и да се извини. Ваков автобус веднаш би бил отстранет од сообраќај и компанијата би била казнета. Знам, ама еве, видовте како е на Балканот. Ја префрлив вината на целиот регион искористувајќи ја несреќната околност да биде вратена од грнаничниот премин Прешево, бидејќи била на Косово. И како туристички работник (во пензија), ја навртив на мојата воденица: „Па, зошто не патувавте со туристичка агенција, многу е посигурно и тоа немаше да ви се случи“. Знаете, возврати таа: „Поубаво е да се руча, на готово во ресторан, ама пет пати е поевтино кога истото јадење ќе си го приготвиш сам. Агенциите земаат големи провизии кај нас. Вака, за четири недели ќе посетам пет држави“. И? Какви ви се впечатоците од Македонија, Скопје, бидејќи и јас од Малезија, го посетив само Куала Лумпур исто така на три дена. „О – извикна таа. Имате премногу кучиња и една глутница му се нафрли на човек со точак, едвај се спаси. Притрчаа многу граѓани и кучињата се разбегаа. Многу од кучињата имаа ’пирс‘ на увото, веројатно беа вакцинирани.
И премногу споменици и кич на едно место“, констатира таа. Сето тоа е на еден квадратен километар, заради вас туристите, да не лутате од едниот до другиот крај, со метро или такси, се обидов да ја излажам. Кисело се насмеа. Така замотани, задремаа и заспаа. Ги разбирам, и мене ми беше така, кога патував во држави со голема временска разлика. Кога е ден, тебе ти се спие, кога е ноќ – ти си буден. Биолошкиот часовник тешко се поместува. Затоа не отидов за космонаут: во текот на едно деноноќие, најмалку седум пати се разденува и се стемнува, во зависност колку круга ќе направи леталото околу Земјата. Додека тие дремеа, јас се префрлив на темата за кучињата и за архитектурата во Скопје, или ,,метрополата“ како ја нарекуваат тие што не виделе метропола. Во Дебар Маало има едно паркче од 200 до 300 квадратни метри. Во него доаѓаат 25 кучкари, 2-3 пати дневно. Тоа значи дека 25 кучиња го поганат паркот 50-60 пати дневно. Тоа значи дека месечно го поганат 1.500 до 1.800 пати. Тоа значи 18.000-19.000 кучешки поганења годишно. Тврдат дека тие што сакале кучиња, сакале и луѓе. Кога ќе се сретнат задолжително разменуваат мислења и фалби, колку се умни нивните миленици. Само што не одат во нижо музичко или на англиски, до толку се умни. Е, на тие љубители на кучиња и луѓе, ела преречи им нешто за кучето. Еден од кучкарите, застанал со кучето токму пред мојата врата, на кучето тука му се мочало. Му реков: „Комшија, па ти го шеташ кучето или кучето те шета тебе? Па, поведи го на страна, каде што нема луѓе“.,,Слушај, да не си толку стар (68г.) тука ќе те патосирам!“, со висок тон и се доближи да ме ,,патосира“. А бидејќи, немам страв од патосирање, се доближивме безмалку со носовите.
Виде не виде, се откажа од патосирањето и со мрморење, грди зборови и пцости си отиде. Бил правник, знаел дека на тротоарот, како јавна површина, може да си го шета кучето и тоа да се погани кучешки. Еве денес, паѓа снег. Таа јавна површина-тротоар пред мојата куќа, со должина од 16 м и широчина од 2 м. инспекцијата ќе бара одговорност, јас да ја исчистам, за некој да не настрада при лизгање. Е, тогаш не чистам. Зошто да чистам, па снегот си е чист. За „Петронас тауерс“ се преместив кај спорниот градежен плац пред „Холидеј ин“. Никогаш Џејмс Бонд нема да снима во Скопје, нема да си го шета миленичето во толку сонуваниот парк со фонтани наоколу. Нема да никне од мене толку сонуваниот,,Менхетн“ или како во секоја метропола ,,сити“ од бизнис и банкарски институции. Уште кога се градеше ,,населбата“ Аеродром, денес Јане Сандански рекоа дека тоа ќе биде населба за 120.000 жители. Небаре Скопје е Токио, па има ,,населба“ од 120 илјади жители. Тоа се две денешни Битоли. Што има во Битола, тоа треба да има во Јане Сандански – двојно. Еден театар во Битола, два во Јане Сандански, две кина во Битола, четири во Јане Сандански. Една болница во Битола, две во Јане Сандански. Едни гробишта во Битола, две во Јане Сандански. Не сакате 60-катни згради, ама сакате населба Илинден на 22 км од Скопје. Од едниот до другиот крај, Скопје е долго 40 км ама нема метро.
Кога оџата Рамадан Рамадани делеше баклава пред Офицерски и неколку баби лакомо се лигавеа, јас му реков: „Тука не сакам ниту црква, ниту џамија, туку централна метро-станица на Скопје“. „Ќе има и метро, ама прво џамија ќе направиме!“, ми возврати Рамадани. Ама ете, победи бизнис-елитата.Пак прават офицерски дом, во вид на нешто друго. Не е сѐ толку грдо, имало и смешна страна на македонштината, се среќаваат двајца Македонци во Њујорк. „Еј, Трајче! Не се надевав дека ќе се сретнеме во Њујорк. Колку е мал светот!“, рекол едниот. „Не е мал светот, Македонија е голема!“, возвратил Трајче. Затоа, не сум докрај убеден, дека сме ,,метропола“ и дека имаме сериозен материјал за сериозна држава, штом во РМ новинарите се обраќаат, грубо, селски, простачки со ,,министре“ или ,,министерке“ без употреба на додавката господине или госпоѓо министер. Во социјализмот, немаше да го употребат задолжителното ,,другар председателе“. Но, освен РМ и Бугарија имала смешна, пензионерска ФБ-страна од животот: ,,Се предупредуваат сите што ќе најдат паричка во својот дел од бадниковото лепче, треба веднаш да ја впишат во својата годишна даночна декларација“. Никогаш овие задремани од Далечниот Исток, нема да научат што е тоа Балкан.