Лумпенселанство и лумпенселани: генезис

Беља работа е пишувањето, драги мои, особено ако тоа пишување, освен што треба да биде забавно за читање, треба да ја има и онаа друга функција – да биде образование, односно да подучува! Знам дека никој не се научил ништо од читање колумни, дури ни од своите, но тоа никогаш не било причина да престанат да се пишуваат. Така и јас. И овој пат, ќе се обидам да промислам нешто за што во неколку наврати сум пишувал во претходните години – за човекот и луѓето како основно својство на секоја заедница. Во овој случај сега, ме интересираат луѓето како форми на заедници, кои во принцип ги движат општествените односи напред со инструментите и средствата на политиката.
Најпосле, верувам дека по сѐ што се случува во светот денеска, на сите ни е јасно дека државата како заедница не е организирана според идеите на Платон, туку според идеите на Дарвин. Сведоци сме на општо зло што се афирмира како единствен излез кон општото добро. Парадоксот е новото нормално. Сосема е очигледно дека се работи за нови, транзициски форми на заедници со голема економска и политичка моќ. Во суштина се работи за мали групи, на не докрај формирани заедници, кои доаѓаат од маргината на општеството. Бесни и фуриозни! Сѐ на сѐ, светот е превртен наопаку, човештвото какво што го познававме до скоро е во својата гравитациска возможност – исправено со главата надолу! Триесет години од распадот на социјализмот и кај нас работите се измешаа до толку, па во овој момент на левиот спектар од политиката во Македонија со наследството на поранешната комунистичка партија реално управуваат не децата на лумпенпролетаријатот, туку децата на лумпенселанството! Се обидувам да изведам облици на именување на нешта што досега не постоеле. Како некој чудак што измислил некаков предмет, па сега бара збор со кој ќе го именува како конкретна употребна вредност. За мене, лумпенселанство како категорија се оние Македонци што немале земја или имале недоволно за опстанок, па со процесот на индустријализација на градовите во шеесеттите години од дваесеттиот век, физички ги напуштиле селата и се доселиле во градовите. Но никогаш не се одделиле од земјата и од селанството. Тоа е голема заедница што формално живее во град, работи во фабрики, но подготвена е да стори сѐ за да има време попладне да се враќа во своите села, да работи на нива и да продава во тој момент конкурентни и добро платени земјоделски производи на пазарите по Македонија и поранешна Југославија. Она подготвени на СЀ во суштина ги натерало да ги игнорираат моралот, етиката, социјалните односи, па дури и духовните вредности и религијата. Тие својства ги изгубиле. Или се откажале од нив, како товар. Како бреме. Или нечиста совест, можеби? Огромен дел од нив по неколкупати преминувале од атеисти во една, па во друга христијанска заедница, по цена на подобри животни можности. По распадот на социјализмот и растурањето на големите индустриски конгломерати, граѓаните, оние што живееле само од работа како пролетаријат, ги изгубија работните места и се симнаа на општественото дно.

Паднаа во социјална, а подоцна и духовна беда. Е тогаш на сцена стапува лумпенселанството, кое во меѓувреме работејќи на релацијата село-град се стекнува со капитал и земја, и го започнува процесот на освојување на градот како стратешко место од кое ќе управува со современите текови на општественото живеење со потплаќања, подвлекувања, подлизнувања и, секако, со поттурнувања на сите оние на кои тие некогаш им служеле, им подработувале и им се понижувале. Генезисот, мора да се признае, е болна и фрустрирачка состојба. Кој не се понижил, не знае ништо. Во тој процес на доаѓање на овој свет тие биле во состојба да вдишат и отров наместо воздух, да се заколнат во Бога и во Мамона во истото време, само да се слушне гласот на нивното постоење! Оттука, себепретставувањето со: „Јас сум човекот што го промени името на својата земја“ – не е ништо друго, освен брутален чин на самолегитимирање пред светот како креатор! Ова е факт. Му се допаѓало тоа некому или не?! Лумпенселанството во овој момент е во својот зенит. Ги живее климаксот на социјалната моќ и силата што ја практикува и консумира во истото време. Тие се создавачи, но и корисници на сопственото постоење! Знам дека звучи чудно, но иако апсурдот е неприфатлив, не може да се негира како еманација. И така е секогаш во определени моменти кога со определени општества управуваат меѓузаедници. Кога таквата меѓузаедница создава општествени односи, таа со едната нога е во претходниот, а со другата во следниот стадиум. Ова сега е нивниот општествен расчекор. И сега е најлесно да бидат урнати. Затоа што расчекорот во суштина е нестабилно движење. Но ако со оваа сила и намера го завршат започнатото чекорење и стапнат со две нозе на една позиција, тогаш ќе се зацврстат и ќе се дефинираат како нешто ново или како продолжена форма на старото – но со јасна дефинирана нова цел! Што ќе се случи на крајот, не знам. Јас сум само набљудувач. До крајот верен во учењето на Аристотел дека првиот чекор кон уметноста е во набљудувањето на природата. Следниот е имитацијата. Јас сум на почетокот на овој, несомнено драматичен феномен. Во овој момент се доживувам како општествен режисер, некаков хумановиден Дејвид Атенбoро. Не знам само дали е попријатно да сведочиш на генезисот на нешто ново во светот на животните и рибите или во светот на човекот и луѓето? Тоа, не знам. Но, во суштина, ме фасцинира што сум сведок на нешто што реално се раѓа пред моите очи и пред мојот ум. Затоа и пишувам за него. Во принцип ова не е ништо ново за човекот и за човештвото, но за мене, ова социјално новороденче е уникатна можност да се доживее и да се спознае како стварна состојба на нештата. Не секоја генерација има таква шанса. Со ова колумна сакам да посведочам за ова.
И, на крајот, наместо наравоучение. Драги мои, кога поради добри причини ќе дојдете до добри идеи, за добро помирување со лумпенселанството и лумпенселанецот, имајте го добро на ум следново:
„Денот, кога ќе им пристапите со искрена намера да им простите за сето зло што ви го направиле и ќе им понудите да се помирите со нив, тие нема да го разберат тоа како ваша доблест – туку како ваша слабост“!
И во тој момент ќе ве нападнат. Со адска сила и омраза. И тоа ќе биде вашиот крај! Држете се подалеку од нив. Бидете секогаш на спротивната страна. Блаже Конески не греши, проверено е. Тие лево – вие десно. Тие напред – вие назад. Тие горе – вие долу. И обратно! Не верувајте им ништо. Гледајте на другата страна од нивните очи. Вие не можете да ги препознаете и Бога и Мамона. Не ви е дадено. А тие секогаш ќе бидат и со едното и со другото. Оти кога си во расчекор со животот, ти си во расчекор и со духот на животот.

Јани Бојаџи

Авторот е режисер и професор на универзитетот „Еуропа прима“