Вечерва во камерната сала на Филхармонијата, гитарскиот виртуоз Мухамед Ибрахими ќе одржи свој концерт.
– Мухамед Ибрахими е скромен, но маестрален на сцената. Го нарекуваат скриен гитарски бисер, а за секој негов концерт секогаш се бара место повеќе. Тој својата гитара (мандолина, саз итн.) ја третира на многу неконвенционален начин, доста интуитивен и инспиративен. Неговите композиции се автентична мешавина на повеќе музички стилови, како блуз, рок или амбиентален, но длабоковкоренети во ориенталната (суфи) традиција и балканскиот фолклор. Тие храбри и елегантни комбинации честопати даваат неочекувани резултати среде уникатен и прекрасен звучен пејзаж. Исклучително импресивно за гледање/слушање во живо – велат од Филхармонијата.
Специјални гости на Мухамед на овој концерт ќе му бидат Агни Авшар, Ратко Даутовски и Бобан Мирковски.
Инаку, Мухамед Ибрахими го паметиме како гитарист на групата „Бла, бла, бла“, а многумина го познаваат и како творец што практикува соработки со разни уметници. За себе вели дека е самоук, дека свири од својата петта година на разни инструменти, но ако треба да избира, би ја избрал гитарата. Има издадено два албума, „Fly“ во 2014 година и „Devotion“ во 2019 година. Ова ќе биде втор негов солистички концерт годинава, а веќе за идната година подготвува нов материјал и нови соработки. Концертот ќе почне во 20 часот.