„…кога запознаваш жена која веднаш сакаш да ја однесеш во кревет, сè ти се допаѓа кај неа. Дури и насмевката, иако вообичаено туѓата смеа ми предизвикува мачнина.
Зарем не те убија во 1990?
Не го сакам Линч, изговори Лора Палмер, премногу се прави паметен.
А те крстиле Лора Палмер.
Јас сум родена осум години пред Твин Пикс.
А јас пет години пред тебе.
Сеедно, изгледаш како изгубен автопат.
Важно ти да си дива во срцето.“ Ова е сосема кус извадок од мојот напишан, но сè уште необјавен роман, „Spank my Soul“, за промената на името Македонија, раскажан на крајно бизарен начин, како што му прилега на настанот. Кога ќе излезе, оние што сакаат да ја бараат перверзијата меѓу редови околу тоа како Македонија стана Нордистан, ќе си го прочитаат.
Замина уште еден генијален чудак. Дејвид Линч ја напушти гротеската наречена живот и замина таму каде што го чекаат Ван Гог, Достоевски, Тарковски и Дејвид Боуви. За оние што му ја љубеа уметноста, во која секојдневната бизарност ни беше сервирана како мека постела од син сомот во која може да ги сонуваме кошмарите на јаве, Линч остави за секого по нешто. За мене го измисли „Изгубениот автопат“ и, еве, сè уште се возам по него и уживам во помислата дека целта никогаш не ми била на дофат од раката, а тоа возбудува.
Кхм, кхм, мора да ја прекинеме оваа непринципиелна колумна полна инсинуации и конструкции, затоа што граѓаните ја заслужуваат вистината. Русјаков спинува кога вели дека некојси Дејвид Линч го изградил и пуштил во употреба изгубениот автопат, но граѓаните добро знаат дека СДСМ го смисли, обезбеди буџет и го продуцираше за сите граѓани на Нордистан да можат да се изгубат по него. Тој Дејвид Линч само додаде кредити и се пуваше на премиерата.
Дечки, дај бе, мавнете ми се од колумна! Оставете ми го барем изгубениот автопат. И „Малхоланд Драјв“ да не го остваривте? Па, си имате вие свои улици и патишта што за нас ги направивте. Никогаш нема да ги заборавиме. Со песна изградивте „Автопат за пеколот“ од Брисел и Вашингтон до Нивици. Веднаш потоа направивте „Пат околу безумноста за 80 дена“ за да ни мавтате од авион со „добиен“ датум за пристапни преговори. Го режиравте „Најдолгиот пат“ со Кацарска и Русковска во главни улоги. Ја прославивте и Бејкер стрит кога оттаму го избркавте Шерлок Хоумс и во неговиот дом отворивте филијала за делење државјанства на светски познати личности, толку многу барани што и Интерпол е сериозно заинтересиран за нив. Значи имате вие свои достигнувања, оставете ни го „Изгубениот автопат“, за по него да си го бараме „Твин Пикс“ низ нашата бизарна фантазија.
Роден сум иста година со долгометражниот филм на Дејвид Линч „Ирејзерхед“. Првите солзи од болка заради нечија туѓа судбина ги излеав за „Човекот-слон“, сеедно што родителите ме предупредија дека тоа не е филм за дете да го гледа. „Синиот сомот“ ми создаде мачнина во стомакот во која уживав и тогаш помислив, бизарноста и перверзијата во иста прегратка, се приказна што и јас сакам да ја раскажувам. „Диви во срцето“ беше губење невиност, сексот е патување низ чудните патишта на современата американска митологија, таму каде што почна Џек Керуак продолжува Дејвид Линч (Бери Гифорд) и се надевам дека овие патешествија со ехо на џез и страсни воздишки во заднина никогаш нема да завршат, сеедно што веќе стареам.
А каде е староста, тука е „Стрејт приказна“ што на сите им ја посакувам. Или „Приказната за Стрејт“, оти тоа е презимето на главниот лик. Ова е филм за помирувањето, бавен и чист како солза во слоумоушн, стркалана од окото кон срцето, во која болниот сиромашен старец без возачка дозвола патува на косилка за трева, од Ајова до Висконсин, за да се помири со својот брат на умирање. Тоа му е секому потребно во животот, да се помири со својот брат, сестра, родител, дете, пријател, сопруг или сопруга со кои си се намразил од, за тебе, страшни причини, кои пред Страшниот суд на вечноста стануваат оружје против тебе, оти не си нашол начин да простиш и да се помириш. Ако Дејвид Линч ми е тема на колумнава, а некој ме праша кој негов филм би ѝ го посакал на Македонија, тоа е „Стрејт приказната“, бавно патување на кое, навидум, ништо не се случува.
Добро бе, Русјаков, гледаш ли дека државичево ни стана „Твин Пикс“, во кој мистеријата околу Лора Палмер е исфрлена од приказната?
Вистина. Само до вчера се будевме со информација за живо изгорени луѓе во модуларна болница, ручавме слушајќи за плацебо-ефектите на онкологија, а заспивавме со панична идеја какво оружје рано наутро да понесеме со себе за да се одбраниме од хаосот сличен на војна пред шалтерите за вадење лични документи со новото име на окупацијата. А сега, да умреш од досада. Бурекчилница во Битола го местела парето во мазникот.
Одговара ли шминката на Илире Даути со боите на чантата и дали сега според правилникот на трендсетерите, така облечена, може да ја води собраниската комисија? Зошто патиштата не се исчистени пред да падне снег? И наеднаш се наоѓаме во нераскажана приказна на Линч. Тоа утро дамата на која секогаш ѝ се во совршен баланс чантата и шминката, влезе во бурекчилница да купи мазник, а потоа, патувајќи, снегот ја завеа и по некое време огладне, почна да го јаде мазникот и сфати, парето што внатре беше сместено е паричка за поткусурување на сметките со ѓаволот, кој секогаш се крие во деталите.
„Замина вистинскиот Вили Вонка меѓу филмаџиите“, ја парафразирам Лара Флин Бојл, која се прости со својот пријател. Дејвид Линч сега ги монтира кадрите на вечноста. Замина мистик што сакаше трансцедентна медитација, гласаше за Реган, не го сакаше Трамп, а се чувствуваше како демократ, иако ги презираше демократите, зашто отекоа со муабети против пушачите. Луѓе со вакви сфаќања има на милиони низ планетава, ама повеќето зад себе оставаат само трага од парфемот што ветрее, а малкумина ремек-дела што се за вечно паметење.