Фото: Игор Бансколиев

ИНТЕРЕСНО СОВПАЃАЊЕ НА „ПАДОТ НА ЦИПРАС ВО ГРЦИЈА“ И „ОСПОРУВАЊАТА НА ПРЕСПАНСКИОТ ДОГОВОР И ЗАКОНОТ ЗА УПОТРЕБА НА ЈАЗИЦИТЕ“ ОД СТРАНА НА МАКЕДОНСКИОТ УСТАВЕН СУД

Најавите за активирање на иницијативите за преиспитување на уставноста на двата закона, за Преспанскиот договор и Законот за употреба на јазиците, кои веќе пет години се правна реалност во државата и речиси коренито влијаеја за промената на идентитетското профилирање на Македонија, го наметнуваат прашањето што всушност значи оваа иницијатива и што би можела да промени одлуката на Уставниот суд, доколку највисоката правна институција конечно со својата иницијатива целосно и апсолутно го примени фундаменталниот принцип на легалитет штитејќи го највисокиот правен акт

Неодамна претседателката на Уставниот суд, Добрила Кацарска, објави дека наесен, во септември, најдоцна до почетокот на октомври, на дневен ред на оваа највисока судска институција, која ја оценува уставноста на законските решенија, ќе бидат ставени иницијативите за преиспитување на уставноста на Преспанскиот договор и на Законот за употреба на јазиците. Ваквата најава на претседателката Кацарска, за засилена активност на Уставниот суд од есен (разгледување и одлучување и за други иницијативи за преиспитување на уставноста), предизвика реакции на своевидно (навистина пријатно и принципиелно) изненадување во јавноста, бидејќи иницијативите за Преспанскиот договор и за Законот за употреба на јазиците се поднесени пред четири-пет години. Двата закона беа изгласани во Собранието во 2018 година, а тогашниот претседател Ѓорге Иванов одби да ги потпише указите. Тогашната влада таквата одлука на претседателот Иванов ја толкуваше како прекршување на Уставот, но најде начин како да го заобиколи претседателот за законите правно да стапат во сила и да бидат дел од уставноправното уредување на државата. Сепак, таквата постапка на извршната власт остави простор за повеќе иницијативи до Уставниот суд за преиспитување на уставноста на целиот процес.

Според најновите информации од претседателката на Уставниот суд, во предметот за Преспанскиот договор има пет иницијативи, додека во оној за Законот за употреба на јазиците има 13 претставки.

Најавите за активирање на иницијативите за преиспитување на уставноста на двата закона, за Преспанскиот договор и Законот за употреба на јазиците, кои веќе пет години се правна реалност во државата и речиси коренито влијаеја за промената на идентитетското профилирање на Македонија, го наметнуваат прашањето што всушност значи оваа иницијатива и што би можела да промени одлуката на Уставниот суд, доколку највисоката правна институција конечно со својата иницијатива целосно и апсолутно го примени фундаменталниот принцип на легалитет штитејќи го највисокиот правен акт.
– Одлично е тоа што иницијативите за преиспитување на уставноста на Преспанскиот договор и Законот за употреба на јазиците ќе дојдат на дневен ред на седници на Уставниот суд – вели универзитетската професорка по уставно право, Татјана Каракамишева-Јовановска, која изрази по малку и скептичност во однос на одлуката на Уставниот суд, во смисла на начинот на третирање или прифаќање и на досегашните забелешки во иницијативите. Професорката Каракамишева-Јовановска и самата имаше иницијатива пред Уставниот суд за поништување на Преспанскиот договор, поради „заштита на слободите и правата“, односно во својата претставка имаше наведено дека со потпишувањето и спроведувањето на Преспанскиот договор е „повредено правото на забрана од дискриминација по основа на национална припадност и правото на слобода на уверување, совеста, мислата и јавното изразување на мислата од членот 110 став 1 алинеја 3 од Уставот, гарантирани со меѓународни документи“. Барањето на професорката беше отфрлено, со образложение дека Уставниот суд може да решава за повреда на конкретни слободи и права, но ако тие се повредени со поединечен акти или дејство. Во случајот, Преспанскиот договор и преземените дејства во сите фази не се индивидуални дејства, туку „договорот е општ акт со материја од правна и политичка природа со која се решаваат државни интереси за добробит на сите граѓани и целата држава“.

Фото: Игор Бансколиев

Меѓутоа, за издвојување е дека за „запоставувањето на поднесените иницијативи до Уставниот суд, против Преспанскиот договор и Законот за употреба на јазиците, претседателката на судот“ Кацарска ја отфрла вината од себе, но и од другите судии, и ја префрла на пратениците во Собранието, кои веќе трета година не изгласуваат мандат на нови уставни судии, за да можат да функционираат во комплетен состав.
– Не очекував дека толку долго ќе се провлече оваа ситуација, но, еве, веќе од 2 јуни почнуваме трета година во која судот не е комплетиран. Долг период работевме на работ на кворум, само со пет судии, и ќе беше многу несериозно од мене ако ги ставев тие предмети, важни за државата, на седница со само пет судии. Сега сме седум судии. Но повторно ќе нагласам дека не очекувам парламентот конечно да почне да го почитува Уставот и да избере судии. Токму затоа би сакала да ве информирам дека овие предмети ќе бидат ставени на седница некаде во текот на септември, најдоцна на почетокот на октомври – вети пред новинарите претседателката на Уставниот суд, Добрила Кацарска.

Подносителите на иницијативите за преиспитување на уставноста на двата закона, кои по пет години Уставниот суд реши да ги стави на дневен ред, воопшто не се оптимисти дека ќе биде донесена одлуката што ја очекувале кога ги поднеле претставките.
– Не очекуваме ништо од овој некредибилен состав на Уставниот суд. Левица веќе поднесе предлог-закон за уставни судии, со кој овој персонален состав на судот ќе замине во историјата. Во двата случаи, и за Преспанскиот договор и за Законот за употреба на јазиците, нема што да се испитува. Тоа е фактографија – нема потпис од претседателот на Републиката, нема закон! Планот на Уставниот суд е пеколен. Легализирањето опасни преседани ќе им се удри од глава по промената на власта – вели Димитар Апасиев, пратеник во Собранието и лидер на партијата Левица, која има поднесено иницијативи пред Уставниот суд и за двата закона.

Поранешниот пратеник во Собранието, во времето кога во него се гласаа овие закони, Илија Димовски, кој и тогаш беше против нивно усвојување, а и предупредуваше на нивната неуставност, и денес не верува дека Уставниот суд ќе донесе одлука според правни параметри и уставни начела.
– Не верувам во објективноста на Уставниот суд. Ставањето на дневен ред на овие иницијативи за Преспанскиот договор и Законот за употреба на јазиците повеќе го гледам како брзање да се затворат предметите пред претстојните избори и очекуваната промена на власта. Не очекувам иницијативите да се оценуваат според правни параметри и уставни начела, туку одлуката што ќе биде донесена ќе биде политичка – смета Илија Димовски, кој и самиот има поднесено иницијатива против Законот за употреба на јазиците.

Сепак, самата иницијатива на претседателката на Уставниот суд, Добрила Кацарска, за активирање на иницијативите за преиспитување на уставноста на двата закона, за Преспанскиот договор и Законот за употреба на јазиците, од оваа временска дистанца, каде што флагрантно може да се види, препознае и констатира негативното влијание на проблематизираните правни акти (особено на Преспанскиот договор, и тоа во повеќе области), кои коренито влијаеја за промената на идентитетското профилирање на Македонија, е за поздравување и охрабрување да се дејствува во рамките на уставноста, законитоста и базичниот принцип на легалитет, во еден поширок контекст и во согласност со врховното перемпторно право, кое ги содржи највисоките норми, правила и принципи, посилни од диспозитивното т.е. пишано право (jus dispositivum). Овие норми и принципи не се подложни на дерогирањето и во нив е вклучено и правото на самоопределување и интегритет!

Ова е извонредна можност највисоката правна институција да ја покаже својата независност, својата висока професионалност и да се обиде да биде генератор на владеење на правото.

А од политичка гледна точка, пак, совпаѓањето на ваквата иницијатива не е воопшто случајна коинциденција со политичкиот пад на Ципрас во Грција. Споменатата именка што се однесува на бившиот премиерот Ципрас би требало, според сите правни узанси, да е заеднички именител и со Преспанскиот договор и со Законот за употреба на јазиците.