Медицински совет
Која е разликата помеѓу ибупрофен и парацетамол и кој може да ни помогне повеќе при одреден вид болка, воспаление или висока температура. Речиси секој слушнал за ибупрофен и парацетамол, но малкумина би можеле со сигурност да кажат кој лек да се земе при главоболка или забоболка, а кој за да се намали температурата.
За почеток, каква е разликата во механизмот на дејство помеѓу ибупрофен и парацетамол и кога се користат? Ибупрофенот спаѓа во групата нестероидни антиинфламаторни лекови што ја инхибираат синтезата на простагландини (соединенија што предизвикуваат воспаление, треска и болка) со блокирање на ензимот циклооксигеназа. Тој има аналгетско (лек против болка), антипиретичко (ја намалува температурата) и антиинфламаторно дејство. Парацетамолот има аналгетски и антипиретичен ефект, но е слаб инхибитор на циклооксигеназата во периферните ткива и нема значаен антиинфламаторен ефект. Токму затоа видот на таблета се избира според видот и интензитетот на симптомите, возраста и здравствената состојба на лицето. На пример, најбрзо ќе се ослободите од главоболка со ибупрофен, додека парацетамолот ќе биде доволен за умерена болка и треска.
Ибупрофенот се препорачува за ублажување ревматски и мускулни болки, забоболка, главоболка и менструални болки, воопшто за силна болка придружена со воспаление. Парацетамол почесто се препорачува за лесна до умерена болка, која не е придружена со воспаление. Кога станува збор за употреба на таблети за ублажување болка и намалување на температурата кај деца, постојат посебни правила и мерки на претпазливост, а овие два вида лекови често се комбинираат. И децата и возрасните треба да земаат ибупрофен со оброк или со многу течности за да се избегне лошо варење.