Професорот Венко Андоновски одржа пристапно предавање во МАНУ, на темата „Достоевски и Мекдоналдс“ или „Чуму денес да се пишува литература“.
Тој зборуваше за изложеноста на денешните книжевности на силниот налет на глобализацијата, редефинирањето на поимот книжевност и наметнувањето на новата естетика на бестселерот
Пристапното предавање на Венко Андоновски во МАНУ
Пристапното предавање на тема „Достоевски и Мекдоналдс“ или „Чуму денес да се пишува литература“ на професорот Венко Андоновски во амфитеатарот на Македонската академија на науките и уметностите помина во полна сала од академици, студенти и љубители на книжевноста. На крајот од предавањето, Андоновски беше назначен за дописен член на МАНУ и доби плакета. Андоновски зборуваше за изложеноста на денешните книжевности на силниот налет на глобализацијата, редефинирањето на поимот книжевност и наметнувањето на една нова естетика на бестселерот. Како што вели професорот, бестселерот денес се сведува на тематски список на пожелни геополитички теми и стереотипи, а својата естетика ја позајмува од геномот мелодрама. Тој оваа книжевност ја нарекува „мекдоналдс жанр“ или „фастфуд книжевност“.
– Несомнен факт е дека нешто сериозно се случува со поимот книжевност денес: тој поим очигледно забрзано се редефинира и со тоа се деградира неговото традиционално значење. Сѐ повеќе за книжевноста се зборува преку поимот бестселер. Дури, за обичниот читател, книжевноста се сведува само на овој поим, позајмен од зоната на економијата, а не од зоната на естетиката. Кога на обичниот човек ќе му се спомне книжевност, тој автоматски помислува на „бестселер“ од типот „Затоа што те сакам“ од Гијом Мисо (француски писател на лесни „сезонски“ бестселери со милионски тиражи), а не на Шекспир, Сервантес, Данте или Кафка. И уште по автоматизам најпродаваната книга се смета за најдобрата книга. Книжевноста никогаш не била толку трговија колку што е денес. Второ, книжевноста никогаш порано не била во толкав степен производство како што е денес – рече Андоновски.
Како што објасни понатаму, идејата за „Достоевски и Мекдоналдс“ започнала со Милан Кундера, кого го запознал лично во Париз.
– На сите билборди имаше еден човек, Гијом Мисо, кој издал книга во не знам колку илјади примероци. Кај мене тоа создаде чувство дека нешто се случува во смисла на промена на поимот бестселер. На ручекот го прашав Кундера кој е Гијом Мисо, тој зачудено одговори да не е некој пејач во прашање. Воопшто немаше чуено за името. Мисо полека се рашири низ светот и сите го читаат. Јас отворено не го сакам, си кажувам, затоа што е една редефиниција на бестселерот. Денес кога ќе ги погледнете тие милионски тиражи во светот, се разбира со исклучоци секогаш, главно прават тиражи затоа што се наменети на една средна потрошувачка класа, едноставно и вие добивате нагон да видите што содржат тие книги – подвлече професорот.
Книжевноста за него секогаш била смрт на обичниот јазик и воскресение во еден негов личен јазик на писателот, најсубјективен печат, и додава дека додека не почувствува дека обичниот јазик умрел во неговото дело и дека воскреснал во еден нов јазик, за него тоа не е роман.
– Најпрво што се забележува во овие романи е целосно отсуство на дескрипција. Дело без дескрипција не е прифатливо. И затоа јас оваа книжевност ја нареков мекдоналдс книжевност или фастфуд книжевност, затоа што многу полесно се чита. И второ, сѐ е напишано со кратки реченици. За да може романот да доживее превод на што повеќе јазици. Затоа и според мене писателите секогаш се делеле на оние што сакаат да бидат славни и преведувани и на оние што сакаат да остават дело. Мене еден германски издавач ми го врати „Папокот на светот“ со забелешка дека тоа дело нема да најде читателска публика на Запад, дека ми се многу долги, поточно кумулативни речениците. Условот беше да се скратат речениците доколку сакам да се објави романот, на што секако дека не се согласив – истакна Андоновски.
Според него, овие нови типови на бестселери се стандардизирани производи. Како што мора да биде стандардизиран секој чизбургер „мекдоналдс“, така мора да биде стандардизиран и овој тип на роман. Со кратки реченици, есеизам никако, описи на ликови никако, сетинг никако, со кратки реплики…
– Тезата ми е дека ова не е веќе книжевна уметност туку книжевна индустрија, која страшно прави вулгаризирање на уметничката форма и на јазикот. Книжевноста е трансформација на стварноста, таа е најсубјективното нешто, најиндивидуалното. А овие романи се пишувани по теми што гарантираат успех. Според новите наметнати критериуми, темата ја продава книгата. А моите професори ме учеа дека формата е суштина на книжевноста. Обично тоа се теми на културата на стравот, како киднапирање деца, трговија со луѓе, со органи… Идеолошки теми што треба да ги реши политиката, а не книжевноста. Тука се прави и генерализација. Тие што тргуваат со органи се од Исток, се сатанизираат муслимани, едно време Кинезите беа на удар, Русите секогаш се „лоши момци“… таа западна цивилизација кога се бори против стигматизација и генерализација преку оваа мекдоналдс книжевност го прави токму она за кое тврди дека се бори – посочува Андоновски.
Сите овие морални дегутантности на денешниот обезбожен и демитологизиран свет, кои стануваат омилена тема на денешната мекдоналдс книжевност, ги детектира уште во 1940 година доктор Јустин Поповиќ, преку анализа на книжевното дело на Достоевски. Посочувајќи дека човештвото е болно од антрополатрија, од нескршлива верба дека човекот е ковач на сопствената среќа и дека нема помистично од човекот. Денес ние живееме во свет без бога. Верата во човекот е најопасната болест од која европската цивилизација е смртно заболена. Верата во човекот расте кога верата во бога опаѓа.
– Јас не проповедам еден бог. Но поимот бог е клучен за секое големо книжевно дело. Затоа што синоним за бог е смислата. Секое големо книжевно дело ја бара смислата, се занимава со смислата. Сиов овој песимизам по медиуми е само наш крик по смисла. Човек може без вода седум дена, без храна 15 дена, без смисла ниту еден ден. Тој крик кој е предвиден во романите на Достоевски, денес одекнува на секој чекор, не само што имаме проблем да му дадеме смисла на нашиот живот, затоа што светот го сведовме на равенка. Светот е мистерија, прашалник, и уметничкиот дискурс секогаш треба да биде прашалник, а не извичник, како што го прави оваа модерна мекдоналдс книжевност – подвлекува Андоновски.
Најмладите писатели од словенските или „децималните“ книжевности се пред сериозна дилема дали да останат во локалната традиција или да се свртат кон оваа лесна ама нормативна „книжевност“, која гарантира слава и милионски тиражи.
– Сега преминувам на она вреди ли да се пишува книжевност или не во еден свет кој поради антрополатријата ја исцица сета смисла од светот, дури и од зборовите. Одговорот е не само што има смисла, ние мора да го направиме тоа. Знаете, ако светот е празно место, место на бесмисла, да не подлегнуваме на заблудата дека празното е празно. Празното е најисполнетото нешто на светот. Затоа што секоја празнотија веднаш се исполнува со копнеж, а од копнежот нема ништо посјајно и поубаво. Копнежот се вика лепословје, па повелете – пишувајте – заврши Андоновски.
Средби со Андоновски во Битола, Куманово и Штип
Оваа недела читателите во Македонија ќе можат да се сретнат со Венко Андоновски на промоциите во Битола, Куманово и Штип. По вчерашната средба во универзитетската библиотека „Св. Климент Охридски“ во Битола, на која Винка Саздова разговараше со Венко Андоновски за сите прашања што ги отвора неговиот нов роман „Папокот на светлината“ – животот, суетата, пријателството и верноста, прочистувањето на душата, потрагата по суштината, Саздова, уште едно истакнато име на домашната книжевна сцена, ќе го придружува нашиот автор и во Штип, на 17 март, исто така со почеток од 12 часот, во НУ Универзитетска библиотека „Гоце Делчев“.
Во Куманово средбата е закажанана за 16 март, на вечерна дружба со почеток од 19 часот, во фоајето на НУ Центар за култура „Трајко Прокопиев“. Тука во улога на промотор ќе биде проф. д-р Кристина Николовска.
Венко Андоновски одново блесна со новиот роман, кој се распродаде за помалку од еден месец. Заслужено се закити со наградата „Стале Попов“ на Друштвото на писателите на Македонија за најдобро прозно остварување за 2022 г. Додека е на пат кон нови награди и освојување нова публика, вдомете си го во срцето новиот роман на мајсторот на зборот. Вратите на овие промоции во Македонија се отворени за секого, а од нив ќе излезете со по еден клуч кон новиот продуховен свет.