Стихови за Црвениот Поет

Инспириран од последните
зборови на Рацин:
„Кажете ѝ на мајка ми нека не жали оти сепак ние ќе победиме“!

Уште како ученик
кога ја отворав „Бели мугри“
како да ја отворав вратата
во куќата на поезијата
Ги читав бисерните
стихови со светли денови
та секоја
песна со
топлина го
врамуваше
моето срце
Мигови
кога и во длабоката тишина
бев во допир со сонцето
Сѐ е кажано со
„Белите мугри“,
толку јасно
како и неговите
последни зборови,
вечен аманет за сите нас,
завет!
Да ги цениме неговите дела
кои се на пат кон бескрајот
штом помоќни се од куршумот
кој го попречил патот
на неговиот земен живот.
Сѐ уште стражариме, Рацине
како на мртва стража
во одбрана на нашето писмо.

Саво Костадиновски
(Од книгата „На Македонија
со љубов“)