Иако првенствено наменета за деца, книгата „Палавковците Влатко и Емче“ е еднакво интересна и за возрасните, кои ќе се насмеат кога ќе ги препознаат ликовите и ситуациите со кои често се сретнуваат во секојдневниот живот

Нови изданија за деца: „Палавковците Влатко и Емче“ од Владо Јаневски

Наскоро од печат ќе излезе најновото книжевно остварување на Владо Јаневски. Тој ѝ е познат на читателската публика како автор на романи за возрасни, но овој пат се работи за илустрирана книга за деца што ќе биде објавена од издавачката куќа „Стрип квадрат“ од Скопје и ќе биде промовирана на Саемот на книгата во Скопје, во мај.
– „Палавковците Влатко и Емче“ е илустрирана книга за сите непораснати и пораснати деца, која плени со ведрината на својата содржина. Низ куси умно-хумористични епизоди го следиме растењето не само на Влатко и Емче туку и на нивните најблиски. Една од важните работи во развојот на секое дете, а која често сe заборава, е токму хуморот. Cмислата за хумор е добар показател за степенот на развиеност на когнитивните способности, особено на имагинацијата и користењето на јазикот. За да се постигне тоа, на децата им е потребна социјализација – општење и споделување искуства со други деца и возрасни, преку што учат и почнуваат да ги препознаваат логичките грешки и апсурдности – вели авторот Владо Јаневски.
Иако првенствено наменета за деца, книгата „Палавковците Влатко и Емче“ е еднакво интересна и за возрасните, кои ќе се насмеат кога ќе ги препознаат ликовите и ситуациите со кои често се сретнуваат во секојдневниот живот.

Ведар книжевно-ликовен продукт

Во својот осврт за „Палавковците“ професорот Владимир Мартиновски во рецензијата ќе напише: „Најновиот ракопис за деца од реномираниот писател и мултимедијален уметник Владо Јаневски се истакнува со низа квалитети. ’Палавковците Влатко и Емче‘ е одличен пример за мешан дискурс во кој авторот го осмислува и го спроведува целосно целиот проект. Јаневски е автор и на текстот и на илустрациите, а резултатот е возбудлив и исклучително ведар книжевно-ликовен продукт, кој е во духот на нашето време и може да биде многу атрактивен како за младите читатели така и за нивните родители. Во книгата на Јаневски се вкрстуваат голем број таленти, вокации и преокупации на авторот, како и негови искуства со различни уметнички форми (кус расказ, стрип, литература за деца, цртеж, илустрација), а заеднички именител е токму хуморот. Имено, главните ликови, палавковците Влатко и Емче, во секоја ситуација се прикажани низ еден вид едночинки, куси дијалози во кои секој од нив има по една реплика (како во стрип-кадар), но ефектот на прашањето и одговорот неизоставно е комичен. Главните ликови се прикажани и претставени токму низ призма на детската љубопитност, луцидност, досетливост. Една од главните дежурни теми е токму темата на надитрувањето. Иако главните ликови носат пелени и се претставени како деца, тие и обајцата имаат нешто ’старомало‘ во карактерите“.
Тој додава дека особено е интересно што наизменично главните ликови се надитруваат и надмудруваат, така што хуморот е добро балансиран и не се добива впечаток дека само едниот е предмет на подбив и потсмев.
– Придобивките за младите читатели од оваа духовита сликовница се повеќекратни: преку хуморот тие се мотивираат да ја протолкуваат и да ја разберат психологијата на ликовите преку само една реплика. Сцените функционираат како комични драмски ситуации или илустрирани куси вицови, а младите читатели на забавен начин следат различни драматуршки и хумористични тактики. На тој начин, оваа книга кај младите ги стимулира креативноста, досетливоста, ведрината и критичкиот дух – посочува Мартиновски.

Досетливост и хумор преку секојдневни ситуации

Маја Петрушевска, уредничка во Би-би-си во Лондон, другарува со палавковците Влатко и Емче уште од нивното појавување на социјалните мрежи.
– Другарувањето со палавковците Влатко и Емче започна од нивното „раѓање“, кога едно утро ми се појавија на Фејсбук. Два симпатични, само што проодени ликови, кои со својот хумор и мудрост ми станаа неразделен дел од утринската рутина, придружници на првиот утрински чај. Влатко и Емче несебично ги споделуваат со нас, читателите, непораснатите и пораснатите деца, како што вели авторот Владо Јаневски, својата досетливост и хумор преку секојдневни ситуации во кои честопати и ние самите се препознаваме. Тие пленат со својата ненадмена мудрост, во исто време доловувајќи ги детската наивност и искреност на прекрасен македонски јазик. Двата лика не кажуваат многу, но кажаното има вредност. Нивните реченици се јасни и разбирливи и без напор ја доловуваат суштината на одредената ситуација – ќе рече Петрушевска.
За неа хуморот на Влатко и Емче е интелигентен, ненаметлив, но секогаш со порака.
– Авторот Владо Јаневски е одличен опсерватор на секојдневието, кој овој пат го одбира цртежот како медиум, кој навидум без напор се дополнува со дијалогот. Неговите цртежи ја раскажуваат приказната самостојно, без непотребни детали: карактерите се лесно препознатливи и запаметливи, со едноставен, но моќен колорит. Текстот е секогаш во функција на ликовната фабула што ја прави разбирлива за децата од најмала возраст, но и за возрасните, кои заедно или самостојно ги споделуваат авантурите на Влатко и Емче. Палавковците Влатко и Емче се вистинско освежување за македонскиот читател од секоја возраст. Не се сомневам дека многумина ќе уживаат во нивните мудрости и дека ќе ги поттикнат читателите да ѕирнат под навидум едноставниот дијалог и да ги препознаат и да ги разберат нивните пораки за искреност, љубов, живот“– напиша Петрушевска во својот осврт за книгата „Палавковци“.

М.Т.


За авторот

Владо Јаневски е писател и сликар и честопати патува по светот (престојувал во шеесетина земји). Роден е во Македонија, каде што завршил високо образование на УКИМ во Скопје. Од 1989 година живее во Сиднеј, Австралија. Член е на Друштвото на писателите на Македонија.
Објавени дела: роман „Смртта не е крај“ („Арс ламина“, Скопје, 2022), роман „Мртвите знаат најдобро“ („Арс ламина“, Скопје, 2020), роман „Чудо зад аголот“ („Магор“/„Пагома прес“, Скопје, 2020), роман „Под друга капа“ („Магор“, Скопје, 2019), роман „Made in Jabana“ („Слово“, Скопје, 2004), збирка раскази „Нема враќање“ („Студентски збор“, Скопје, 1985). Застапен е во книгата современи бајки „Детелинки-белинки“ („Арс ламина“, Скопје, 2022), како и во антологиите „Современи кратки книжевни форми“ („Инаку“, Скопје, 2022), „Современи авторски бајки“ („Феникс“, Скопје, 2021) и „Песни за Скопје“ („Феникс“, Скопје, 2021).
Добитник е на наградата за најдобро сценарио за долгометражен игран филм на меѓународниот фестивал на филмски сценарија „Скрипт фест“ 2021 и на наградата „Пегаз“ за најдобар необјавен роман на годината во Македонија за 2020 година. Повеќепати бил наградуван и на конкурсите за раскази на „Студентски збор“ и „Нова Македонија“. Застапен е и со наградувани раскази во книгите „Електролит 2006“, „Електролит 2007“ и во списанијата за литература „Маргина“ („Темплум“, Скопје, 2006, 2007, 2008), „Книжевни елементи“ (Скопје, 2021), „Балкански книжевен гласник“ (Белград, 2007, 2021, 2022) и „Современост“ (Скопје, 2022). Изложувал во Сиднеј и на интернет. Неговите слики се дел од приватни колекции во повеќе земји во светот. Објавувал карикатури во познатиот австралиски магазин „Неделен билтен“ (The Bulletin with Newsweek). Ангажиран е како уредник за книжевно и ликовно творештво во магазинот „Везилка“ каде што претставува македонски автори што живеат надвор од Македонија.