Фото: Архива

Привремените казни за прекршоци и за неспортско однесување се препорачани за тестирање во професионални првенства, а тест-периодот ќе вклучува и правило што дозволува само капитенот на тимот да му пријде на судијата за време на мечевите, најави законодавното тело на фудбалот, Меѓународниот фудбалски борд (ИФАБ). Се разгледуваат привремени казни и за тактички прекршоци

ИФАБ

Плановите да се воведат 10-минутни казни во фудбалот за прекршоци и за неспортско однесување се препорачани да се тестираат во професионални првенства. Од законодавното тело на фудбалот, Меѓународниот фудбалски борд (ИФАБ), рекоа дека ќе „идентификува кои нивоа се најдобри за да се тестира“, објави „Би-би-си“. Тест-периодот ќе вклучува и правило што дозволува само капитенот на тимот да му пријде на судијата за време на мечевите. Ваквите казнени клупи се тестираат на младински нивоа од 2019 година.
Предлозите беа објавени на состанокот на Меѓународниот фудбалски борд во Лондон неделава и ќе бидат предмет на одобрување на неговото годишно генерално собрание во март 2024 година. Поранешниот судија Пјерлуиџи Колина, кој е претседател на Комитетот на судии на Светската фудбалска федерација (ФИФА) и е во техничкиот поткомитет на ФИФА, рече дека предложените тестирања „многу веројатно“ ќе вклучуваат професионален фудбал, а секретарот на ИФАБ, Лукас Бруд, рече вели еден од следните чекори е да се идентификува соодветното натпреварување каде што би можеле да се одржат испитувањата.
– Позитивната порака на состанокот е дека „да, ќе направиме нешто во таа насока“. Во текот на следните недели и месеци ќе идентификуваме кои нивоа се најдобри за тестирање. Се надевам дека во следните неколку месеци ќе имаме јасност за тоа кои натпреварувања ќе сакаат да го пробаат и ова. На нив, на организаторите на натпреварувањата, е да одлучат дали сакаат да учествуваат во тие испитувања. Мислам дека е важно да се разбере дека нешто вакво големо, и таква голема одлука, треба темелно да се разгледа кога се креираат протоколи и се поставува системот за да се тестира – изјави Бруд за „Би-би-си“.

КАЗНИ И ЗА ТАКТИЧКИ ПРЕКРШОЦИ?

Ваквите 10-минутни казни беа испробани во сезоната 2018/2019 по што Фудбалската асоцијација (ФА) на Англија забележа вкупно 38 отсто намалување на неспортското однесување во 31 лига. Тие потоа беа воведени во сите нивоа на фудбалот за младинци од сезоната 2019/2020 во обид да се подобрат нивоата на ферплеј. Промената на правилата потоа беше имплементирана до петтото ниво од системот на Националната лига и третото ниво и подолу во фудбалот за жени, пишува „Би-би-си“.
Извршниот директор на ФА, Марк Булингем, член на одборот на ИФАБ, посочи дека во иднина би можело да се разгледуваат и привремени казни за тактички прекршоци.
– Мислам дека има фрустрација кај гледачите што ги гледаат натпреварите кога ќе видат ветувачки контранапад, кој е сопрен со тој тактички прекршок. Прашањето дали жолт картон е доволен за тоа нѐ доведе до тоа да разгледаме дали и тоа треба да биде вклучено во протоколот. Почетната точка беше да се погледне однесувањето на играчите и неспортското однесување, потоа разгледуваме дали треба да го прошириме и во други области, како што се тактичките прекршоци – рече Булингем.
Поранешниот централен бек на Челси и на репрезентацијата на Англија, Џон Тери, на Х рече дека „не му се допаѓа“ идејата за вакви казни, бидејќи смета дека „нивото на толеранција и недоследности од судиите ќе се разликуваат секоја недела“. Поранешниот дефанзивец на Ливерпул и на Англија, Џејми Карагер, изјави дека претходно „не бил љубител на привремени казни“, но чувствува дека „премногу натпревари“ се уништени од црвените картони.

ВАР, ПОЛУАВТОМАТСКИ ОФСАЈД…

Дискусиите за користењето на системот видеопомошник-судија (ВАР) беа, исто така, на дневен ред на состанокот на ИФАБ. Од Меѓународниот фудбалски борд рекоа дека какви било формални препораки или испитувања што ќе произлезат од тековниот преглед на ВАР предводен од Светската фудбалска федерација „не треба да резултираат со никакви дополнителни одложувања“ за време на натпреварите.
Законодавното тело, исто така, рече дека технологијата за развивање полуавтоматски одлуки за офсајд ќе продолжи за „да им се помогне на официјалните лица на натпреварите на теренот“ и да им се овозможи „да го забрзаат донесувањето одлуки во врска со ситуациите со офсајд“. ФИФА користеше најсовремена технологија за полуавтоматски офсајд-одлуки на Светското првенство во Катар во 2022 година.
Исто така, по тестирањето на ФИФА имаше обиди на ИФАБ да се реши фрустрацијата поради недостигот од комуникација околу одлуките на ВАР. За време на Светското првенство за фудбалерки во јули, судиите ги објавуваа одлуките на ВАР преку микрофон за гледачите на стадионите и дома, првпат на меѓународниот турнир на ФИФА за сениори. ИФАБ препорача соопштувањето од судијата за конечната одлука по прегледот на ВАР да биде вклучено во правилата на фудбалската игра. Н.М.