Кулата Пирго на локација над Мокриево, на планината Беласица, е прекрасно место во Подгорот што се спомнува во легендите и памети во историјата како славно историско место, особено во контекст на времето на Цар Самоил и битката на Беласица. Времето на (комитопулите Давид, Арон, Мојсеј и нивниот брат) Цар Самоил е средниот век на Македонија кога оваа кула била во својот автентичен изглед и функција.
Во рамките на своите работни задачи, посета на локацијата околу кулата Пирго во Ново Село заедно со градоначалникот Георги Божинов остварија в.д. директор на НУ Заводот и музеј Струмица, Бранко Ѓоргиев, Душко Цветанов археолог во НУ Заводот и музеј Струмица, Трајче Нацев, конзерватор проф. на УГД, Зоран Рујак, археолог во Заводот и музеј Струмица. Конзервацијата на кулата Пирго и уредувањето на просторот околу неа се договара да почне во јуни, во согласност со изработениот основен проект финансиран од Општина Ново Село.
Конзервацијата ќе се врши со обезбедени средства од Министерството за култура.
– Инаку, Пирго е позната локација, каде што особено напролет и налето месното население и многу гости често прават излети и се организираат настани. Местото плени со природната убавина, чистота и свежина. Овој потег на реконструкција на славната кула Пирго е остварување на идејата на повеќе генерации затоа што постоеле повеќе иницијативи и петиции на многу жители и иселеници од овој крај – вели Ѓорѓе Божинов, градоначалник на општината Ново Село.