Вчерашниот изумрен свет
Денес имаме многу добри млади писатели – и поети и прозаисти. Некои од нив ги сметам за свои деца. Не се многумина, но се одлични. За жал, задушени се од поплава на „нелојална конкуренција“. И тука „електроните“ го сторија своето: денес секој може да си „постира“ поезија, без филтер, без сито низ кое ќе помине „уметничкото“ дело пред да „се постира“. Освен тоа, цените на печатењето книги паднаа, па веќе не е проблем секој да си самофинансира објавување книга. Никогаш не сме имале повеќе објавени книги од сите жанрови отколку денес. Тоа е шум во каналот на комуникацијата наречена книжевност: има тука и чесен аматеризам и бениген наивизам, но има (и тоа е најстрашно) – и ропско копирање странски идоли со силно разгорена суета, речиси морбидна самобендисаност. Таквите сакаат ВЕДНАШ да станат „светски“ величини, а некои пишуваат и директно на англиски, презирајќи го својот мајчин јазик како книжевно „неконкурентен“. Се надеваат дека така ќе дојдат на тронот на „најпродаваните“ светски писатели. Всушност, ги заобиколуваат македонската книжевна сцена и нејзините филтри (како заостанато нешто), сакајќи да се покажат директно на светската. Ама никој од нив не успеал, досега.
Во вчерашниот изумрен свет не беше така. Иако и тогаш имаше кланови и морбидна суета, сепак имаше една постапност во напредокот на секој писател. Требаше да изедеш сомуни леб за да дојдеш до книга за која допрва ќе се изјасни критиката. Имаше прво сито, кое сега го нема – книжевната ПРЕД-критика. Тоа прво сито беше – да ти објават некоја песна во културните рубрики на „Студентски збор“ или „Млад борец“. За дебитант, ЛИК беше мислена именка. Уредниците на тие рубрики беа први селектори, односно ПРЕД-критичари. Ако ти објавеа некоја песна, тоа се славеше во кафеана. Се сеќавам дека Братислав Ташковски два дена нè честеше мене, Славе Ѓорго Димоски, Блаже Миневски и Ивица Челиковиќ затоа што Јордан Плевнеш, како уредник, му беше објавил три сонета во „Студентски збор“. Потоа доаѓаше второто сито – конкурсот за поетска книга на Книжевната младина на Македонија. Е, таму главно дебитираа сите оние што денес значат нешто во македонската поезија. Славе Ѓорго честеше седум дена кога неговата прва книга „Гравири“ беше избрана за објавување, од којзнае колку пристигнати ракописи. Него го „одбра“ и предговор му напиша никој друг – туку Милан Ѓурчинов, критичар со висок кредибилитет низ цела тогашна Југославија. Во жири-комисиите што откриваа млади таленти седеа великани: Гане Тодоровски, Анте Поповски, Петре М. Андреевски, Атанас Вангелов, Данило Коцевски, Миодраг Друговац, Слободан Мицковиќ… Денес ни првото ни второто сито не функционираат: си пишуваш книга и си одиш сам да си ја објавиш или ја „постираш“. Што ќе ти се Гане, Анте и Петре? Ако одиш на Конкурсот на министерството, наоѓаш формално два рецензента (дал господ денес магистри и доктори со лопата да ги ринеш), ти пишуваат препораки – и завршена приказна.
Третото сито беше книжевната критика, која се изјаснуваше за твојата книга откако ќе биде објавена, без разлика дали предговор ти напишале Милан Ѓурчинов или Георги Старделов лично. Постоеше секогаш веројатност да се јават други „капиталци“ (на пример, Атанас Вангелов, Гане Тодоровски, Миодраг Друговац), па да напишат спротивно мислење од оној што застанал зад тебе. Дури и главно „питомите“ критики (одлични дескриптивно-вредносни критики пишуваа Данило Коцевски, Ефтим Клетников, Томе Арсовски и Ивица Челиковиќ), секогаш фер и коректно, најколегијално, ти ги соопштуваа и слабостите. Немаше лутење, немаше суета. И да имаше, срам ти беше да ја покажеш.
Дури четврто сито беа наградите. Тие беа мислена именка. Требаше да се докажеш со неколку книги за да дојдеш до признание. Денес сите сакаат со првата книга да добијат „Браќа Миладиновци“ или „Роман на годината“. Во вчерашниот изумрен свет не беше така, зашто имаше книжевна критика – и новинска, како онаа во ЛИК и „Нова Македонија“, и академска, по стручните списанија како „Разгледи“ или „Стремеж“. И едниот и другиот тип критика не беа нежни, а влијаеја силно врз наградите. На пример, легендарната критика на Атанас Вангелов, кој за втората книга на еден самобендисан поет, убеден дека ќе ја освои највисоката награда, напиша наслов: „Второ деби“, и со тоа „го попари“ веќе подготвеното жири да му ја додели наградата. Не гледам кај денешниве млади таква подготвеност да си го нарушат книжевниот комодитет и да се „замерат“, зашто се надеваат на брза и „мазна“ книжевна слава, без конфликти и полемики. Денес нема ни вистинска критика ни книжевна совест и затоа нема ни книжевен живот. Секој е сам за себе.
Сум раскажувал и пак ќе раскажам: колената ни се тресеа кога авторитети како Петре М. Андреевски судеа за нашите раскази. Конкурсот на „Нова Македонија“ (подоцна на ЛИК) беше тешко сито за поминување. Жирито секогаш беше составено од првокласни писатели и критичари, а стигнуваа и по 200 раскази! Имавме култ кон тој конкурс: на него учествуваа и книжевни величини (Петре Андреевски, Слободан Мицковиќ, Васе Манчев, Крсте Чачански, Димитрие Дурацовски, Атанас Вангелов, Оливера Николова) и ние, најмладите, тогаш целосни анонимуси. Беше под шифра и, гарантирам, немаше местење. По еден таков конкурс, кога претседател на жирито беше Петре М. Андреевски, ние, младите учесници на конкурсот (дури и Славе Димоски, ако не се лажам, беше пратил расказ, покрај мене и Блаже Миневски) решивме да ги дочекаме резултатите од конкурсот во „Јоле“. Таму, пред полноќ, кога ќе излезеше новиот број на „Нова Македонија“, редовно поминуваше колпортерот и ги продаваше првите примероци. Кога влеговме, видовме дека Петре си седи сам на една маса. Со почит му кимнавме со глава, а мене ми се чини дека се насмевна – му беше јасно зошто сме тука и што чекаме. И потоа дојде колпортерот, купивме весници со трепет во рацете и јас го прочитав насловот на резултатите: „Најдобар расказот ‘Свантовид’“. Тоа беше мој расказ! Скокнав од радост, порачав пијалак за сите, па осоколен го прашав и Петрета што ќе се напие, а тој рече: „Прочитај до крај што пишува“. Го зедов весникот и зачитав од текстот. Под насловот, во кој се тврдеше дека мојот расказ е најдобар, стоеше дека комисијата оценила дека нема расказ за прва награда, но дека второпласиран е расказот „Свантовид“. Тоа ми ја помати радоста, па се свртев кон Петре и му реков: „Ако е најдобар тој расказ, како може да биде второпласиран? Зошто нема прва награда ако е најдобар?“ А тој спокојно рече: „Е па, да учествував јас, ќе имаше“. И стана и си замина.
Мина доста време за да сфатам дека тоа не беше нарцисоидна изјава, туку доказ дека тој конкурс има ниво под кое не се оди, а тоа ниво навистина беа раскази од „класата“ на Петре. Имаше такви раскази и Атанас Вангелов, кој трипати „беше прв“ на тој конкурс, имаше Васе Манчев, имаше Крсте Чачански… Таа година немало и комисијата решила да го зачува дигнитетот на конкурсот. Кога денес би се случило тоа, би настанал бунт и би се фрлале камења врз комисијата! Едноставно, преразгалени сме денес.
Среќен сум што растев под менторство на такви величини. Беа строги и праведни. Книжевноста им беше дишење, а не општествен накит и храна за суетата. Се надевам дека нишалото на книжевниот живот, откако ќе достигне максимум на едната страна, ќе почне да се враќа кон другата, што е општ закон и во смената на стилските епохи во книжевноста. Јас тоа враќање на великаните и почитта на учениците кон нив можеби нема да го дочекам, но би сакал моите млади пријателчиња писатели – да го доживеат тоа. Незаборавно чувство е, верувајте. Како благ земјотрес во душата и ренесансно пијанство на сетилата.
(Серијалот ќе продолжи по пауза од две седмици, на 26 јануари 2026 година)

































