Домување
Градините и терасите периодов се омилени места за средби со роднините и пријателите. Секако, уживањето е уште поубаво ако се готви јадење на отворено, најчесто месо и зеленчук на скара. Но откако сѐ ќе заврши, скарата, најчесто кај нас се користи онаа на јаглен, мора и да се исчисти. Издвојуваме неколку совети како да го направите тоа.
Отстранете ја и исчистете ја решетката
Решетката исчистете ја пред да биде целосно студена за да ви биде полесно, користејќи жица за стругање, средство за миење и топла вода. Можете да користите и раствор од сода бикарбона и вода. Но пред да ја расклопите, ќе ви треба само еден кромид исечен на половина. Набодете го со виљушка со месестиот дел свртен надолу и откако ќе се отстрани храната и пред да се олади скарата, поминете ја решетката со него.
Отстранете ја пепелта
Почекајте додека се изгасне пепелта добро, за да избегнете можни несреќи. Може да се изгорите, а ако ја фрлите додека е уште жешка може да предизвикате и пожар. Кога можете, избегнувајте вода при чистењето, бидејќи поголемиот дел од пепелта, по согорувањето, се претвори во мали честички, кои ако се мешаат со вода, ќе се вградат во вдлабнатините и така ќе направите поголема штета. Затоа, ако купувате нова скара, потрудете се да има фиока за пепел.