Една куса анегдота, која и порано сум ја раскажал на овие страници, а сега ќе ја варирам, бидејќи и сега идеално се вклопува во темата на нашава денешна колумна, драг читателу, која се врти пак околу меѓуетничката хармонија и соживот. Некаде поодамна пред две-три децении бев на поетски фестивал во соседна Албанија. Таму фатив убаво пријателство со големиот, култен современ албански поет Дритеро Аголи. Го имавме рускиот јазик за разбирање, за мост што ги спојуваше бреговите на нашите души и препознаени поетски срца. Еден ден организаторот на фестивалот организира туристичка прошетка до недалечното село богато со културно-историски споменици, меѓу кои најпознат меѓу нив, барем за мене, беше средновековната црква исликана со сè уште добро зачуваните и неодамна конзервирани фрески на генијалниот фрескосликар Онуфри. Јас лично уживав и последен излегов од црквата, додека другите ме чекаа надвор, нестрпливи да ја освоиме добрата селска крчма, институцијата кон која имавме посебен пиетет и јас и Дритеро. И бевме во неа, се распојасавме како боемски варвари пред добрата ракија, но јас и Дритеро запиени го испуштивме автобусот за назад и останавме заробени во крчмата, иако тоа ропство не ни беше лошо со шише ракија во центарот на светот. И не жалевме што сме го испуштиле автобусот, кој беше доживеал некоја претпотопска хаварија и ти се чинеше дека додека се возиш во него се распаѓа, кога наеднаш на нашата маса дојде со поздрав-наклон еден млад господин (господин во зафрлено албанско село) во кангер-костум, сина боја, и со џиш црвена вратоврска. Се поклони пред Дритеро како пред бог, оти го беше препознал големиот, култен албански поет и снисходливо нè покани да ја продолжиме боемијата во неговиот дом. А Дритеро на таква тема и не требаше многу да се моли, па наскоро се најдовме во за сиромашното село убавата куќа на господинот што нè покани на гости, и кој пред тоа ни се претстави како селскиот учител, мислам и како директор на селското училиште. Седнавме во удобните фотелји во куќата на домаќинот што покажа екстремна љубезност, не поради гостинот од соседната земја, странецот, туку поради оправдано обожаваниот со голем дух и срце албански поет Дритеро Аголи. И почна со новото шише ракија да тече она бескрајно боемско: На здравје!, На здравје! сè додека како гром од ведро небо не се случи еден неочекуван од страна на домаќинот, и како што се покажа, немил инцидент по гостинот странец. Имено, којзнае како и зошто, пред тоа елегантниот учител во кангер-костум и џиш црвена вратоврска како тигар во џунгла му се втурна во очи нему (мене) со чудното обвинение дека Албанците во Македонија се репресирани од Македонците и немаат основни човечки права. Бев стаписан, оти кај нас такво нешто на гостин, макар бил и варварин, не може да му се случи. Но мене во Албанија, која во нејзината култна книга „Лек Дукаѓин“ се гордее со својата етика, ми се случи. Добро. По таа огнена стрела на учителот кон мене – странецот, настана гробна тишина, која по кусо време ја прекина еден силен огнен гром. Тоа веќе беше, повеќе од вехементен, гласот на екстремно возбудениот Дритеро Аголи, кој стана од фотелјата на која седеше и како рис му се фрли на учителот, зграпчувајќи го за врат. И денес тој глас гром, звучен како индуистичкото ОМ, звукот со кој е создаден светот ми одекнува како ехо во ушите. Ушите на душата да бидам попрецизен. Дритеро Аголи грмеше, држејќи го за гуша селскиот убаво костумосан како ЕУ-интелектуалец учител: „Ќе те задавам, молчи, оти знам за сè, сум бил и СУМ видел, во Македонија, Албанците имаат поголеми права и поубав живот од Албанците во Албанија“. И по тој гром, исфрлен како од громовната кочија на Свети Илија со која тој патува по небото заврши нашата боемија кај селскиот во кангер-костум и џиш црвена вратоврска учител, како знаци на неговиот интелект, како да е увезен од Приштина. Нејсе некако најдовме по оваа немила случка еден таксист, веројатно осамен во оваа пустелиjа, кој мене и Дритеро нè врати назад.
Да. Доволно вовед за да влеземе in medias res во нашата денешна тема, драг читателу, а за која иницијалната каписла ѝ припаѓа на нашата министерка за образование Весна Јаневска во врска со еден јавен настап во Тетово, а во дружба на тетовскиот градоначалник Билал Касами. Тоа јас го дознав од една збита, но јасна информација во весникот „Вечер“ (11 ноемв. 2025) под насловот: „Јаневска: По малку го зборувам албанскиот, но ќе го усовршам кога ќе имам време.“ Во што е работата? Имено, таа реагирала на Касами, кој на новинарите им се обраќал на албански, нешто што е неразбирливо за македонските новинари. А тој одговорил дека откако ќе се изјаснел на албански, тоа отпосле ќе го направел и на македонски. Веројатно како некое кусо резиме. Така. Но набргу експресно по реакцијата на министерката стигнала реакцијата од политбирото со етнички печат, од коалициониот албански владин партнер Вреди. Ваква е нивната реакција: „Наместо да се чувствува лошо додека Касами зборува албански и македонски, таа, и покрај тоа што живее во повеќејазична средина не знае ниту еден збор на албански, министерката Јанева реагираше зашто не разбира албански јазик. Во едно демократско и мултиетничко општество, кога дури и странски дипломати кои престојуваат во нашата земја учат зборови на албански, да бидеш министер за образование, а да не знаеш ниту еден збор од јазикот на сограѓаните Албанци и да реагираш на употребата на албанскиот јазик, е тешко да се преведе во услови на коегзистенција, граѓанство и почитување на другите во едно мултијазично општество“.
Така. Несреќно, полуписмено и крајно конфузно склепана формулација, со синтакса на болна и речиси, иако непотребна, фрустрација со етнички трибалистички белег. Така, но во однос на министерката сега важи она на браќата Срби: „Тражили сте, гледајте!“ Министерката, која се збунила и од одговорот на Касами и од одговорот на Вреди, доживувајќи го како струен шок. А не ѝ требало, оти таа, збунета, го спуштила гардот и се поставила целосно во улога на речиси и беспомошна дефанзива, па изјавила дека сепак по малку зборувала албански, но кога ќе најде време ќе го усоврши. Но врв на нејзиното извинување, кое тешко може да се разлачи од тоа дали е понизност (институцијата што ја обзнани Исус со миењето на нозете на апостолите) или понижение што е различно од понизност. Таа самата илустрира. Вели: „Јас сум министер, кој од стапувањето на функцијата, интензивно, понекогаш и агресивно промовирам соживот во државата и тврдам дека ова е наша заедничка држава и тоа неколку пати сум го искажала и она што вербално го искажувам го спроведувам на дело“. Итн. Позната безлична политичка реторика за мир во куќа и кога има немир: интензивно, дури и агресивно промовирање соживот, најизлитениот и најизвалкан збор кај нас, драг читателу, имено од политиката и политичарите. Тој збор е со скршен ’рбет и кај нас во политиката и меѓу граѓаните се влече како некоја наказа од капричата на Гоја на патерица. А во тој и таквиот соживот на патерици е вклопен и Билал Касами, како и сите албански политичари од 2001 наваму. Не познавам некој различен меѓу нив. Сите на некој начин (разликата е во интензитетот) мирисаат на главниот албански поборник за соживот и интеграција кај нас Али Ахмети. Прилично силен трибалистички мирис на ордата од палеолитот. А за таквите Чеслав Милош ја има формулацијата „заробен ум“, кој е во ледената епоха и сè уште далеку од првата пролет и првото расцутено гранче на неолитот. Но да не заборавам, оти би бил неправеден, меѓу албанските политичари во Македонија што ги познавам јас единствено како човек далеку од затворениот ум на трибализмот на ордата со отворен хуманистички и космополитски хоризонт е господинот Џевдет Хајредини. Симнувам капа.
Така. Туку не знам што толку многу се збунила и се исплашила од незнаењето албански нашата министерка, драг читателу. Таа еднаш се збуни и на еден јавен настап во Штип кога го утна пред публиката нашето генеричко име, ставајќи му ја напред смртоносната придавка Северна, а потоа им се извинуваше на Македонците, како што сега по аналогија го прави тоа со Билал и неговата партија во Тетово. А во општата конфузија во Тетово сега станува збор и за генерален проблем со јазикот не само на министерката туку и на Билал и другите до еден албански политичари, кои не го познаваат македонскиот како официјален државен јазик на Република Македонија. Добро, во таа смисла, не разбрале, Билал и министерката, нешто посуштински ЗА јазикот. И Хајдегер, филозоф, и Октавио Паз, поет, тврдат, според мене, исправно, драг читателу, дека јазикот го создал човекот, а не човекот јазикот како што тврдат Дарвин и неговите еволуционисти. Според тоа, како што мисли и германскиот филозоф, јазикот е најавтентичниот израз на битието, можеби и самото тоа е јазик иако Мерло Понти тврди дека е тоа сликарството, но тоа е, според нас, драг читателу, битие на површина, не во длабочина. Веројатно до хипотезата за јазикот како израз на битието и како битие е музиката на што инсистираат Индусите, посебно. Сеедно. Поентата е во тоа што јазикот не е етничка, туку генерички човечка и божествена категорија, тоа што кај нас го обесветуваат таквите како Билал, а на кои мора снисходливо, а нема потреба да им се извинува министерката и ние Македонците. Не е проблем албанскиот јазик, кој е исто важен за секој Албанец, како и англискиот за, сега, светскиот граѓанин, лингва франка, калауз за отклучување на сите лингвистички врати во светот. Клучот на англосаксонската крвава колонијалистичка империја, драг читателу, кој не знам дали ѝ го дал како благодат Господ или ѓаволот. Сеедно. Сакам да кажам дека устројствата, архитектурата на општествата секаде во светот се такви каде што има еден основен јазик за разбирање меѓу луѓето, и секаде тоа е јазикот на мнозинскиот народ, кому му припаѓаат државниот и националниот суверенитет за кого положил скапоцени жртви. Кај нас во поновата историја тоа беа илинденските комити и асномските партизани. Така. Е, а сега, обновувајќи го со терористичката 2001 албанските политичари во Македонија балистичкиот концепт на Џемо и Мефаил бараат да бидат и државотворен народ на земјата и народот што претрпел повеќе албански геноциди, чиј рефлекс кај албанските политичари во македонската влада и парламент е присутен и денес на еден полусофистициран од една и полуварварски начин од друга страна. А за сè тоа, како што знаеме, доаѓа поддршката од Западот, од Брисел и Вашингтон. И тоа е добро познато, оти и 2001-та беше фингирана од таму за да ги хероизира фобичниот Али и неговите четириесет разбојници, подоцна размножени, кои странскиот фактор ги вглоби по теророт во Владата и парламентот на кревката и до денес одвај одржливата на стаклени нозе Македонска република. Таа што денес во демократијата, посебно и на примерот со Албанците во Македонија, е подобра од Француската на Бастилја што сечеше за неа, да ја оствари, глави со гилотината, садистички француски изум на докторот месје Гилотен. Европската направа на демократијата, која бриселска ЕУ, заедно и со нејзиниот патолошки омилен грчки предатор ни ја донесе на 17 јуни во Преспа/Нивици за отсекување на македонската идентитетска глава. Да. А по тоа, по сè изгледа недоволно доотсечена, неа сега ние си ја доотсечуваме. Македонците. Имено, драг читателу, еден од таквите многу примери е и случајот со инцидентот во Тетово, кој ние во насловот на колумната го детектиравме како „јазичен трибализам“.
Инаку, да нема забуна, јас како студент сакав да го изучувам албанскиот јазик, и почнав. Мотивот беше албанскиот фолклор како огледало, скапоцен камен на албанската колективна душа. Во тоа ми помагаше мојот студентски цимер Албанец Зиба. Јасно ли ти е господине Касами, па и вам министерке за образование. Но тоа не беше политички мотив за фарбање некаков си политички соживот, кој политиката докрај го извалка. А што се однесува до Билал и Вреди, можеше, драга министерке, да им се даде поинаков од понижувачки одговор, по аналогија со европски пример: дали Арапите во Франција треба на јавни средби на Французите да им зборуваат, суетни, како нашите Албанци нам, на арапски, и плус дали Французите во име на соживотот мораат со некоја француска тиранска платформа задолжително да учат поради мултикултуралноста арапски, задолжително и со некојси Бадинтеров закон (патем конструкторот на тој монструозен закон кај нас е Французот Бадинтер) и ступиден балансер. Во Франција го нема тоа, а зошто да го има кај нас, кај исто така треба во апсолут на јавно ниво да се применува официјалниот јазик на државата. Во Македонија тоа е македонскиот и покрај перверзната саботажа на Тиранската платформа. А ако не албанските политичари кај нас, кои Македонија ја гледаат како Илирида, тоа би требало да го знаат барем македонските политичари, ама не знам дали нашата министерка, според сè размислувала во ТОЈ правец. Па и не е лошо да го научи албанскиот јазик, ќе ѝ треба, ако не на друго место во Тетово кај Билал Касами. А јас го учев него за изучување на албанскиот фолклор за кој, сигурен сум, ни Билал, ни тие од Вреди не знаат ништо битно. Nocturno. De profundis. Memento mori.

































