Иса Аслани: Преку кросовите до шампионските височини

Аслани беше еден од најталентираните атлетичари што се појавија на атлетската сцена во Македонија во минатиот век, младински и универзитетски првак на поранешна Југославија, а стигна и до репрезентативниот дрес. Учењето ја потисна атлетиката и беше меѓу петте најдобри студенти во својата генерација на Факултетот за физичка култура во Белград, a потоа и докторира

ОД РЕПОРТЕРСКИОТ БЕЛЕЖНИК НА ЗОРАН МИХАЈЛОВ: СЕРИЈАЛ ЗА ВЕЛИКАНИТЕ НА МАКЕДОНСКИОТ СПОРТ (264)

Повозрасните љубители на атлетиката во Македонија сигурно се сеќаваат на Иса Аслани, младиот кумановец, кој кон крајот на 60-тите години од минатиот век како метеор се појави на атлетската сцена. Сите беа изненадени од неговите почетни резултати во трките на 800 и 1.500 метри, патеки што најмногу му лежеа барем во тој период, за подоцна откако се запиша на Факултетот за физичка култура во Белград, неговиот професор по атлетика д-р Драган Петровиќ, кој беше еден од најпознатите југословенски тренери (беше тренер и на големиот ас Дане Корица), да открие дека, сепак, дисциплина што најмногу му одговара е 400 метри. Професорот не згреши и веќе во наредниот период Аслани стана еден од најдобрите тркачи на 400 метри, а беше кандидат за настап во југословенската штафета на 4×400 метри и на Олимписките игри (ОИ) во Минхен 1972 година. Овој податок најубаво зборува за тоа колкав талент беше кумановецот, кој преку училишните крос-натпревари се проби во врвот не само на македонската туку и на тогашната југословенска атлетика.
– Точно е тоа, оти кросовите беа вистинско место за селектирање на талентите. Токму на моето деби трчајќи за екипата на гимназијата „Гоце Делчев“ од Куманово, каде што учев, на еден таков крос-натпревар на кој учествуваа околу 200 ученици се пласирав на второто место. За сето време од трката бев на чело, но во финишот еден од учениците ме престигна и за гради мина низ целта пред мене. Веднаш по трката во која бев малку и разочаран што не го освоив првото место ми пријде тренерот на кумановските атлетичари, професорот Светозар Аврамовски, и ми рече: „Момче ти си победник во трката“! Јас зачудено го погледнав и го прашав, како јас сум победник, кога во завршницата бев победен и не успеав да ја зачувам првата позиција? Меѓутоа Аврам (така го нарекуваа познатиот професор и тренер) ја гледаше работата од друг агол. Самиот факт што бев на чело од трката и водев сѐ до крајот, а ова беше мој прв настап, за него значеше многу. Затоа веднаш ме праша дали сакам да тренирам атлетика. Бев пријатно изненаден, но сепак морав да се советувам со моите родители дали и тие ќе се согласат да почнам да тренирам. Откако разговарав со татко ми, добив „виза“ да се занимавам со атлетика, иако, рака на срце, како и сите млади во тоа време повеќе ме привлекуваа игрите со топка. Но, ете, мојата судбина била да станам атлетичар – се присетува на своите атлетски почетоци Аслани.

ПРИФАТЕН ПРЕДЛОГОТ НА ТРЕНЕРОТ НЕЧЕВ

Уште на првите трки се виде дека во Аслани се крие голем атлетски потенцијал. Тој со леснотија ги минуваше метрите и секогаш, ако не прв, беше барем во онаа челна група. Но тоа беше така само на почетокот, подоцна беше изненадување ако некој го победеше, особено на неговите делници од 800 и 1.500 метри.
– Во тој период кога почнав да трчам тренер во АК Вардар беше Бугаринот Ѓорѓи Нечев. И тој нешто слично како тренерот што ме откри, професорот Аврам, по една од моите победи на „Градски стадион“ во Скопје ми пријде и ми рече доколку сакам, тој може да издејствува преку АК Вардар да ми биде овозможено да доаѓам од Куманово во Скопје да тренирам заедно со неговите атлетичари. Сето ова на почетокот ми беше изненадувачко и ми изгледаше некако нереално! Тогаш си помислив оти искусниот тренер сигурно видел нешто во мене што толку инсистира да тренирам под негов надзор. Понудата беше привлечна и едноставно претставуваше предизвик за мене. Така почнав да доаѓам по три-четири пати во неделата на тренинг во Скопје. Беше навистина напорно, но бев решен да издржам. И клубот Вардар беше многу коректен, ми обезбедуваше билет за превоз од Куманово до Скопје и обратно, а имав обезбеден и ручек – вели Иса.
Аслани, кој неочекувано стана впечатлива фигура во атлетскиот свет, не само што доминираше на трките во Македонија, туку почна со успех да се носи и со југословенските асови.
– Како резултат на квалитетните тренинзи што ги реализирав во заеднички договор меѓу мојот прв тренер Аврамовски и бугарскиот стручњак Нечев беше подигнат и мојот квалитет. Така, во 1969 година станав и младински првак на поранешна Југославија на 1.000 метри, а имав и една победа на меморијалот „Ханжековиќ“ во Загреб, кој и денес се одржува, а на него учествуваат многу познати светски атлетичари. Во времето додека работеше во Вардар, низ рацете на Нечев поминаа многу квалитетни атлетичари од кои посебно би ги споменал спринтерот Зоран Тасевски, кој долго време беше македонски рекордер на најкратката патека, и Сотир Гавриловски, кој беше одличен тркач и рекордер на долги патеки. Беше тоа еден убав период во македонската атлетика, кој ќе се памети и по појавата на извонредната битолчанка Вера Велјановска, која неколку години беше и во врвот на југословенскиот спринт – раскажува Аслани.

МЕЃУНАРОДНО ДЕБИ ВО БРАШОВ

Аслани неколкупати беше победник на првенствата на Македонија на средни патеки, а беа забележителни и неговите настапи во дресот на републичката репрезентација на Македонија, која учествуваше на повеќе натпревари на територијата на поранешна Југославија.
– Како репрезентација на Скопје или Македонија имавме многу натпревари. Се сеќавам дека моето меѓународно деби беше во Брашов, Романија, за репрезентацијата на Скопје. Тогаш сите квалитетни атлетичари од републиката, не само оние од скопските клубови, беа вклучувани во репрезентацијата на главниот град. Ова се правеше од едноставна причина да може што порамноправно да им се спротивставиме на ривалите од другите држави. Таков беше случајот и со споменатиот атлетски дуел Брашов – Скопје, на кој за првпат трчав и победив на една трка надвор од границите на нашата држава – потенцира Аслани.
Но кога се очекуваше Аслани и натаму да го гледаме, особено во трките на „Градски стадион“, неговата кариера доби еден поинаков тек. Тој со преселбата во Белград, каде што се запиша на Факултетот за физичка култура, ја промени клупската средина и стана член на АК 21 Мај од Раковица, клуб со богата традиција низ кој минаа многу југословенски репрезентативци.
– Во Куманово, како на врвен атлетичар ми беше ветено вработување, но кога од тоа немаше ништо, за да не губам време решив паралелно со атлетиката да се посветам и на учењето. Така, по предлог од мојот чичко, кој заврши Уметничка академија во Белград, и јас заминав таму со желба да се запишам на Факултетот за физичка култура, познат како ДИФ. Приемниот испит го минав без проблем. Бев меѓу најдобрите, но мора да кажам дека се подготвував повеќе од еден месец, особено за оној теоретски дел од испитот. Што се однесуваше до спортските дисциплини немав никаков проблем, а на крајот кога полагав атлетика сите беа изненадени. Моите резултати беа импресивни, дури беше изненаден и познатиот атлетски првак и рекордер Дане Корица со кого исто така полагавме за прием на факултетот. Потоа со Дане станавме добри другари, па и сега на натпреварите често се гледаме и се потсетуваме на студентските денови. Но, се случуваше, со оглед на тоа што јас продолжив да се натпреварувам во дресот на 21 Мај, често да тренираме заедно, иако тој беше член на Црвена звезда. Тие денови никогаш нема да ги заборавам оти по контактите со проф. д-р. Драган Петровиќ дојде и до моја преквалификација во тркачките дисциплини. Имено, тој откри оти сум „скроен“ повеќе за спринтот, особено за трките на 400 метри отколку за средните патеки. По негова сугестија дојдов меѓу спринтерите и, на изненадување на сите, станав и олимписки кандидат за ОИ во Минхен 1972 година – појаснува Иса.
Колку Аслани беше амбициозен и на патеката и на факултетот говори и податокот што тој беше меѓу петте најдобри студенти во генерацијата. За рекордно време дипломира и сега му остануваше што подлабоко да навлезе во атлетиката, во која имаше амбиции да стане тренер. Подоцна магистрира и докторира во Ниш, односно во Нови Сад. Во меѓувреме стана и тренер, беше во стручниот штаб на македонската репрезентација, а во 1993 година во Куманово го формира АК Теута. Но за тие години кога се ближеше крајот на активното занимавање со кралицата на спортовите и за педагошката работа ќе читате идниот понеделник.


Иса Аслани

Роден во 1952 година во косовското село Дунав (Гњилане)
Кариера: АК Куманово, АК 21 Мај (Раковица-Белград), репрезентативец на Македонија и на поранешна СФРЈ
Успеси: Младински првак на Југославија на 1.000 метри, повеќекратен првак на Македонија на 800 и 1.500 метри, победник на загрепскиот меморијал „Ханжековиќ во Загреб, универзитетски првак на поранешна СФРЈ, учесник на два големи митинга во Атина и во Париз како член на југословенската репрезентација
Објавени книги: „Атлетика, техника и методика“ (2003), „Атлетски правила“ (2003), „Брошури: Физичка култура за основни и средни училишта“ (2003), „Практикум за атлетика“ (2015) и „Атлетика“ (2016)