Носителите на јавна власт имаат предност што природата на нивната работа ги поставува во поповолна положба наспроти другите, барем што се однесува до сензитивните информации, а се однесуваат на државата, институциите, економијата, финансиите, политиката, безбедноста, пазарот итн. Тие доаѓаат во допир со многу информации, а некои од нив се т.н. повластени или привилегирани информации, чиј извор е од внатрешните кругови (т.н. инсајдер), при што таквата инсајдерска привилегирана информација им е позната на мал круг лица, а истата таа има потенцијал да се ползува за голема, најчесто лична (или за помала група лица) бенефиција
Како се генерира крупната корупција во високите општествени слоеви
Во актуелната низа афери со корупциски потенцијал, деновиве и од собраниската говорница, но и преку медиумите беа објавени два-три случаи на купопродажни договори по повластена цена за политичари што се или стануваат дел од власта, односно за блиски членови од нивните семејства. Многу индиции во овие случаи наведуваат дека тоа е продолжување на една воспоставена практика, преку која на партиски функционери (кои во одреден момент стануваат државни чиновници), во координација со лидерите на султан-партиите, им се овозможува достапност до доверливи информации од општествените, економските и политичките текови. Таквите информации потоа може да бидат силно искористени за лична, семејна и теснопартиска бенефиција. Не е непознато во јавноста дека ваквата практика на користење инсајдерски информации е забележана уште од осамостојувањето на Македонија, па до денес, а очигледно и продолжува со зголемен интензитет.
Моќта на повластените, привилегираните, односно инсајдерските информации
Инсајдерската информација има таков карактер што им е позната само на одреден круг луѓе блиски до изворот на истата таа. Инсајдерските информации се вредни поради фактот што овозможуваат точна проекција за тоа како ќе се движи/случи одредена работа во блиска иднина. Тие може да се однесуваат на нови политики или стратегии, успешни преговори, или информација за недвижности, производ или услуга, технологија, купување контролен пакет акции, финансиски извештаи и прогнози што укажуваат на тешкотии или, обратно, успешни активности итн. Знаењето на таквите информации има огромен потенцијал што би можел да биде ползуван за нечиј висок профит, односно бенефиција.
За да се спречи користењето на овие информации за дестабилизација на пазарот и добивање значителен профит од група луѓе, во повеќето земји во светот постојат одредени закони или прописи што се насочени против ширење инсајдерски информации.
Во Македонија корупцискиот специјалитет на инсајдерските информации одамна е познат и ползуван
Од медиумските архиви, но и од колективната меморија на македонското општество од последните триесетина години, лесно може да испливаат сеќавањата и написите за купување земјиште по „багателни“ цени (обично необработено и пасивно земјиште), за потоа да се продава за огромни пари, токму благодарение на такви инсајдерски информации. Понатаму, релативно свежи се појавите на отворање семејни фирми за легализирано производство на канабис за медицински цели, односно кога стана актуелен бизнисот со марихуана. Најновиот „хит“ за отворање бизниси врз основа на „доверливи информации“ е регистрирање фирми за фотоволтаични централи и мали хидроцентрали. Своевиден „шлагворт“ на системската корупција е „бетонирањето“ на семејните врски во институциите, како што е последниот пример со Академијата за судии и обвинители.
– Како и за реформата во јавната администрација, реформите во образованието, во здравството…, политичарите во земјава можат многу гласно да зборуваат, така што се извежбани со иста „страст“ да зборуваат и за борбата против корупцијата. Но кога ќе завршат пригодните гласни говори, повторно се соочуваме со недостиг од политичка волја за спроведување на сите ветени реформи и борбата со корупцијата. Создадени се повеќе органи за борба против корупцијата: ДКСК, Обвинителство за организиран криминал и корупција, Финансиската полиција, дури има и вицепремиерска позиција во Владата за добро владеење и борба против корупцијата… и повторно имаме нови корупциски афери и нема напредок во спречувањето на корупцијата. Тоа јасно покажува дека не постои политичка волја за некорупциско работење, а на политичките партии како да им одговара состојбата на корупцијата како ендемска појава. Одамна е крајно време сериозно да се направи стратегија за справување со корупцијата, со широк партиски консензус, до која ќе се придржуваат сите партии кога ќе дојдат на власт. Дури не мора ни да се дополнува нешто законодавството во областа на антикорупцијата. И постојните закони даваат доволно можности за санкционирање и спречување на корупцијата. Ако самите не го направиме тоа, не пронајдеме политичка волја за антикорупција, многу брзо можеме да се доведеме во ситуација меѓународните монетарни институции да ни воведат валутен борд (како во Грција и Бугарија), во кој странците ќе ни одлучуваат за секоја јавна набавка – вели Борче Давитковски, универзитетски професор по управно право.
Проблемот е системски, независно кој е на власт
И покрај вербалната согласност и поддршка на нашите политичари, искажана во врска со ставот на американската амбасадорка Ангела Агелер, дека сите политичари едвај чекаат да специјалните тимови од САД да почнат да се справуваат со високата корупција и организиран криминал во Македонија, тивко продолжува практиката на дејствување според принципот „слушајте нѐ што зборуваме, не гледајте што правиме“!?
Само во последниве денови јавноста едвај стигнува да ги процесира индициите за новите афери со различни форми на корупција: користење на положбата и добивање и искористување привилегирани инсајдерски информации, потоа непотизам, клиентелизам, партизам… Во интензивната динамика на потенцијални корупциски афери речиси е ирелевантно од каде да се почне, зашто се чини дека не се препознава намера набројувањето да заврши. Деновиве, на пример, имаме афера плус, со индиции за непотизам и партизам во Академијата за судии и обвинители, каде што на листата за идни носители на правосудниот систем се повеќе блиски членови од семејствата на актуелни високи функционери во власта, но и од опозицијата. Сомнежите на јавноста за коруптивност во постапката за избор на кандидати за судии и обвинители се чинат пооправдани, со оглед дека за некои од нив имаше и други афери поврзани со законитоста за текот на заокружување на образовниот процес. Односно, освен што е син на претседателот на Собранието, за еден од примените кандидатите во Академијата, ДКСК откри дека полагал правосуден испит пред да ги заврши дипломските студии на Правниот факултет.
– Корупцијата во Македонија е стигната до степен на окупација на државата од една партија на власт. Единствениот „изборен модел“ што непречено функционира е создавање гласачко тело од задоволни клиенти. Тоа се создава со вработување на голем број блиски и далечни роднини во државните институции, кога партијата ќе дојде на власт. А кога подолг период партијата е присутна во власта, се создава разработен систем на вдомување на „клиентите“ на колку што е можно повисоки позиции во администрацијата, овозможувајќи им и услови за кариерно напредување, без оглед на законската регулатива – и така се добива гласачко тело од задоволни клиенти. Проблемот со корупцијата во Македонија е што ниту една елита не сака да се бори против себе. Проблемот е системски, независно кој е на власт! Потребно ни е системско спречување на корупцијата наместо борба со неа! Кога ќе биде откриена корупцијата, веќе е доцна. За системско спречување на корупцијата, потребни ни се драстични резови во политичкиот систем, со два сета антикорупциски закони: за администрацијата и за правосудството. Потребно е да се донесе законот за потекло на имот, кој е заглавен во собраниска процедура, но и еден легс специјалис – закон за конфискација на нелегално стекнат имот, кој ќе се издвои од Кривичниот законик. Треба да се зголемат и ингеренциите на ДКСК (антикорупциската комисија), која сега има повеќе улога на „свиркач“, а нема егзекутивна моќ. За спречување на корупцијата ни недостигаат законодавство и независно обвинителство и судство – вели професорката Солза Грчева.
Таа поентира дека генерирањето и изворот на високата корупција и корупциско однесување е додека некој политичар е дел од власта и додава дека не се ретки и појавите истовремено да му цветаат бизнисите под име на други членови од семејството. Професорката тоа го нарекува „еклатантна партизација“ како највисок вид на општествена партизација.