Фото: Игор Бансколиев

Според аналитичарите, сега се потребни многу мудрост и трпение за да се дојде до признавање на автокефалноста од сите православни цркви. На МПЦ-ОА и на владиците во Синодот им следува дополнително тежок период во преговорите за статусот на црквата што ќе се водат на релација со Вселенската патријаршија и со Српската православна црква (СПЦ). МПЦ-ОА е еден од носечките столбови на засебноста на македонскиот народ и на идентификувањето на државата, па затоа децениската борба за македонската црковна вистина ќе биде успешна само ако се оствари сонот на генерациите за признавање на автокефалниот статус на црквата

СИЛНИ ПОЗИТИВНИ ОДГЛАСИ ПО ОДЛУКАТА НА ВСЕЛЕНСКАТА ПАТРИЈАРШИЈА

Историскиот контекст на успехот со признавањето на канонскиот статус на Македонската православна црква-Охридска архиепископија (МПЦ-ОА) е само еден од чекорите до конечната цел признавање целосна автокефалност на нашата црква.
Сепак, мора да се потенцира дека на МПЦ-ОА и на владиците во Синодот им следува дополнително тежок период во преговорите за статусот на црквата што ќе се водат на релација со Вселенската патријаршија и со Српската православна црква (СПЦ).
Првично, Светиот архијерејски синод (САС) на МПЦ-ОА изрази најсрдечна благодарност до вселенскиот патријарх Вартоломеј за синодалниот акт за канонско и евхаристиско единство на ерархијата на МПЦ-ОА, со еклисиолошкото име со кое се потврдува вековниот црковен континуитет, и најави продолжување на разговорите со СПЦ до уредувањето на конечниот статус на Македонската црква.
Според аналитичарите, сега се потребни многу мудрост и трпение за да се дојде до признавање на автокефалноста од сите православни цркви.
МПЦ-ОА е носечки столб на идентитетот на македонскиот народ и на македонската држава, па затоа децениската борба за македонската црковна вистина ќе биде успешна само ако се оствари сонот на генерациите за признавање на автокефалниот статус на црквата.

Бура од реакции

Македонската јавност беше затечена со пријатното изненадување од веста за воспоставување канонско единство на Вселенската патријаршија со нашата црква. Сепак, не изостанаа реакциите од нашите соседни православни цркви, како Бугарската и Грчката црква.
Но два дена по одлуката на Вселенската патријаршија да ја признае МПЦ-ОА за канонска црква, СПЦ официјално сѐ уште молчи.
Српските медиуми, пак, за ова прашање бараат ставови од Руската православна црква. По првичниот благ став, од одделот за надворешни црковни односи на РПЦ се посочува многу подиректна позиција во поддршка на СПЦ.
– Вселенската патријаршија, како и во случајот во Украина, повторно одлучи да биде единствен и самоповикан арбитер во целиот православен свет, единствен и неоспорен арбитер за сите црковни прашања, изврши грубо антиканонско и политички мотивирано вмешување во надлежноста на СПЦ. Меѓутоа, легитимна одлука за статусот на Православната црква во Република Северна Македонија може да донесе само Српската патријаршија, преку својот архијерејски собор. Каква било одлука донесена без учество на автокефалната Српска православна црква нема да биде признаена од Руската црква. Се надевам дека тоа нема го признаат и другите православни цркви – изјавил Николај Балашов, секретар на одделот на РПЦ за надворешни работи.
Грчките медиуми за признавањето на Охридската архиепископија за канонска осамнаа со следните насловите на насловните страници: „Вселенската патријаршија ја призна црквата на Северна Македонија како Охридска црква“; „Вселенска патријаршија: Охридската црква на Северна Македонија станува канонска“; „Вселенската патријаршија ја призна шизматичката црква на Скопје; „Вселенската патријаршија ја призна црквата на Северна Македонија – задоволство во Скопје“, „Вселенската патријаршија ја прими скопската архиепископија во црковно општење“…
Грчкиот црковен портал „Ортодоксија инфо“, во текстот насловен „Шах-матот на вселенскиот патријарх што го збриша планот на руско-српската оска за нова турбуленција на Балканот“, пишува дека со одлуката на Светиот синод на Вселенската патријаршија „се става крај на повеќегодишната перипетија на шизматичката црква, која ја врати во рамките на канонската православна црква“.
Таму се додава дека, и покрај непријателскиот став на Српската патријаршија, Константинопол не навлегува подлабоко во прашањето и му остава на Белград да преземе потези за завршување на постапката по ова прашање.
– Со овој одлучувачки потег, Фанар става крај на новите аспирации на РПЦ да предизвика нова рунда конфронтации околу јурисдиктивните прашања, а црквата на Србија ја става пред своите одговорности за завршување на напорите за решавање на проблемот според светите канони – коментира порталот.
Ставови по ова прашање имаат и теолози и аналитичари од соседна Бугарија. Така, професорот по политички науки на софискиот универзитет „Свети Климент Охридски“, Искрен Иванов, смета дека признавањето на Охридската архиепископија е логичен и очекуван потег на Вселенската патријаршија.
Според него, овој потег може да се толкува на два начина: дека вселенскиот патријарх е свесен оти Охридската архиепископија е целосно подготвена да стекне црковна независност и дека тоа треба да се направи бидејќи историски Константинопол отсекогаш се однесувал благонаклонето кон желбата на одделни цркви да добијат томос штом тие биле подготвени да го добијат.

– Примањето на Охридската архиепископија во канонско единство е чин со кој патријархот Вартоломеј се обидува да изгради и одбранбен ѕид против агресивната политика на Руската православна црква, која настојува да изврши духовна колонизација на Западен Балкан – вели Иванов.
За односот, пак, на Бугарската православна црква, професорот Иванов, смета дека признавањето на МПЦ е света должност на БПЦ.
Тој е дециден дека политичките разлики не треба да влијаат на религиозните односи меѓу Бугарија и Македонија, бидејќи тоа е една од ретките работи што ги обединуваат.
– Признавањето на МПЦ е шанса БПЦ да излезе од изолацијата во која западна откако не отиде на Соборот на Крит во 2016 година – додава Иванов.
За истото прашање, доцент вонреден професор Костадин Нушев од Богословскиот факултет при софискиот универзитет „Свети Климент Охридски“ потсетува дека во 2017 година МПЦ се обрати до Бугарската патријаршија за решавање на црковното прашање и отстранување на расколот, како и за помош пред Вселенската патријаршија за добивање томос за автокефалност.
Тогаш беше изразена принципиелна поддршка за овој процес, бидејќи архијереите на Бугарската православна црква укажаа на потребата да се следи овој редослед на решавање на споровите и добивање канонски статус за МПЦ – прво отстранување на расколот, а потоа разгледување на можноста за добивање автокефален статус на помесната православна црква во Македонија.

Следува долг процес што бара трпеливост

Успехот што се случи со одлуката на Вселенската патријаршија покажа колку е исправен патот по кој одеа генерации владици изминативе пет децении, борејќи се за својата вистина дека Македонската црква е канонска и жива црква. Трпеливоста постојано да се зборува за својата вистина триумфира по 55 години одејќи по трнлив но вистински пат.
Познавачот на состојбите во православието Бранко Ѓорѓевски смета дека МПЦ-ОА допрва ја очекува тежок период, бидејќи, како што покажува и примерот со Украинската православна црква, не сите го поддржале нејзиното признавање за канонска црква
– Не очекувам дека сите преостанати 13 цркви веднаш ќе почнат да сослужуваат со нас. Случајот со Украина ни дава некои укажувања. Откако Вселенската патријаршија ја призна автокефалноста на Украинската православна црква, досега само три православни цркви се согласиле со таа одлука, Александриската, Кипарската и Грчката архиепископија. Преостанатите православни цркви не се изјаснија. Зошто? Има православни цркви на чие чело се етнички Грци, потоа молчи Романската православна црква, која е членка на НАТО, исто како и Бугарската црква. Тој процес и кај нас нема да оди лесно, зашто секоја православна црква се раководи од некои свои стратегиски интереси – вели Ѓорѓевски.
Сепак, посочува дека се благонаклони околностите за МПЦ-ОА во контекст на актуелните настани околу војната во Украина. Имено, факт е дека повеќето од православните цркви се дистанцираа од РПЦ, поради ставовите на московскиот патријарх, кој ја поддржа руската воена инвазија на Украина.
– Поради војната во Украина и фактот што Руската православна црква ја поддржа инвазијата, многу други православни цркви се оддалечуваат од Руската. Такви се Полската, Чешката, Романската црква. Сите жестоко излегоа со свои ставови, кои се против војната и кои силно ја разнишаа позицијата на рускиот патријарх – вели Ѓорѓевски.
Познавачот на состојбите во православието Бранко Ѓорѓевски коментира дека во следниот период ќе слабее влијанието на Руската православна црква (РПЦ), дека ќе се случи едно дистанцирање на православните цркви од РПЦ, а со тоа и ќе опаѓа влијанието по однос на опструкциите по прашањето за процесот на МПЦ-ОА кон својата автокефалност.