Од творештвото на писателката Бистрица Миркуловска
Многу одамна селата биле со куќарки плитарки покриени со ’ржаница. Околу куќарките имало дворови со бавчичиња, подалеку нивје и ливади, а уште подалеку кории. И машки, и женски, и детски. За секого имало работа – од утрините до квечерините. Машка работа била дрва сечење во коријата. Сечеле со секири, товарале магариња или пренесувале до дома со коли, со впрегнати волови. За сенешто требало оган. И за огништата, и за фурни – лебот да се испече.
Ех, колку многу имало работа за момински и за женски раце! Останало во песни да се пее и одење на чешма со стомни шарени, и предење, и ткаење, и везење. Останале сказни и за работни невести и за мрзеливи, и за некадарни да месат леб или зелник.
Ех, колку песни и сказни за овчарчиња и козарчиња – со шарени кавали, ама и за измеќарчиња!
Така секој ден поминувал во работа: да не изгасне огништето, да не остане софрата без лебец, облека да се подготви, за сведен, за ковчези момински, за дарови свадбарски.
Во тоа дамнешно време земјата ја орале со дрвени рала, грутките ги дробеле со мотики, семето го сееле сејачите – со корави дланки го фрлале во браздите. Созреаните жита ги жнееле со српови. Жетвата секогаш била и машка и женска работа. Останале песни жетварски да ни пеат за тоа дамнешно време.
Соседите си помагале во секаква работа. Живееле во слога и почит. Со благослов од Господа и Богородица семејствата се зголемувале и селата се ширеле.
* * *
Во домот на дедо Илија чекале прва рожба од синот и снаата.
– Прво машко да е – велел дедо Илија – родот и името да ми ги продолжи. Машко да е уште еден орач и сејач, одмена и помош на дедо и татко.
Ама домаќинката негова му велела:
– Господова волја, домаќине! Богородица Мајчица да помогне, снаата со лесно да помине. Да ни се здрави и таа и рожбата. Да завреска детуле во нашата дома, колепка да затропка…
И би час – цутар, росни ливади стасувале за косење. Од секаде се слушало клепањето на коси. Мажите и момчињата се подготвувале за ливади косење. И во една утрина, пред изгрејсонце заминале накај ливадите.
– Мајко, ми иде часот и јас мајка да станам – стишено офнала снаата Јаглика.
Свекрвата ја викнала баба Петра за да им помогне. Ден пладне било кога во куќарката се слушнал вресок на новороденче.
– Леле момичка! Здрава да расте со мајка, со татко, со баба, со дедо и сета рода – благословила баба Петра. Па ја избањала рожбата, ја повиткала во бели пелени и ја подала на свекрвата и таа да ја благослови, па да ја подаде на снаата родилка.
– Мило на мајка – Јаглика си ја гушнала првата рожба и си ја избришала солзата радосница. – Да даде Господ и со братче да растеш – ѝ го бакнала челцето.
Низ квечерината, кога косачите се враќале од окосените ливади, го слушнале плачот на новороденчето.
Дедо Илија се израдувал.
– Господи, ти благодарам за овој најсветол дар што ни го дари! – па со сина си влегле во куќарката.
– Момичка…Господова волја – ги пречекала домаќинката.
Дедо Илија се упатил кон колепката и со корави раце нежно го кренал рулчето (бебе завиткано во пелени н. з.).
– Нека и да е момичка, името ќе ми го продолжи – Илина – рекол и се упатил накај камарчето со икона и со кандило. – Мила на дедо, Свети Илија секогаш да ми те заштитува! Убавица да ми пораснеш! Дедо да дочека на сведен – Илинден- сретсело моминско оро да играш, дедо да се гордее – се прекрстил, ја бакнал момичката и ѝ ја подал на снаата родилка.
– Благодарам, татко за благословот – шепотно рекла снаата Јаглика и си ја гушнала Илина.
Бргу-бргу минувале денови на леунката (жена родилка до 40 дена од раѓањето, н.з.). Не бидувало да оди на полска работа. Снаата Јаглика се грижела за ќеркичката Илина, ја бањала, ја повиткувала, ја доела. А кога во колепката спокојно спиела, со свекрвата работела низ куќи.
Житата класеле, зрното зреело и би час за жнеење. Во тоа далечно време се жнеело со српови, а ожнеаното жито го врзувале во снопје. Со песни жетварски од ранина до квечерина работеле навреме да се заврши со жетвата. Старите велеле: „Свети Илија да го додржи небото, да не се покрие со облачишта. Молњи и дожд да не го столчат родот!“ Така и било и за жетвата и за вршидба, житата да ги наполнат амбарите, небото вршник да додржи.
– Утре ќе ожнееме – рекол дедо Илија, додека изморени вечерале.
– Татко, ќе дојдам да помогнам – рекла снаата Јаглика. – Мајка ќе ја варди Илина.
Свекорот Илија се согласил, зашто за последниот ден му требале млади раце на жетварка.
Така сториле. Денот се здолжил, ама нивата ја ожнеале.
Снаата Јаглика веднаш се стрчала накај куќата, зашто од болските ѝ потекле тенки журки и ја натопиле кошулата. Бргу-бргу си плиснала вода на лиццето и врз кошулата и од рацете на свекрвата ја зела Илина. Устенцето залапало од мајкиното млеко. Мајката доилка сетила некаква чудесна милина, па тивко запеала:
– Нани ми, нани мило моменце,
Илина рожбо најсакана –
од мајка, татко и баба,
и од дедо ти Илија.
Да слета сјајна ѕвездичка,
во коси да ти заспие –
сѐ до росната утрина…
Нани ми, нани Илина,
нани ми, мило моменце,
да раснеш мома убава,
да играш оро моминско –
на сведен – Свети Илија…
Нани ми, нани Илина,
првата рожба сакана.
Пеела Јаглика, а Илина во скутот ѝ заспала.
Ама гледај, се случило чудо. Секое зборче од песната приспивна се престорило во светла искричка! Една по една фатиле да леткаат. Леткале светулките искрички – светулки – најпрвин низ бавчичето пред куќарката, а потоа и накај жетварите, кои уморни се враќале откај дожнеаните ниви. Се стаписале од чудесната глетка: првпат здогледале рој светулки!
(Од книгата „Илина“, сликата на
корицата е „Жетварки“ на Димитар Пандилов, насликана во 1936 година, сопственост на Уметничката галерија – Скопје)