Голема и среќна околност е што македонската ракометна легенда Илија Темелковски е жив и здрав, но сепак „умреа“ или „само приумреа“ човечката етика и морал на оние бесчувствителници што го прогласија како „мртов“, како и професионалната етика на оние медиуми во Македонија што се залетаа со „копи-пејст новинарство“ да ја објават „тажната вест“. Се радувам дека сум припадник на тимот на „Нова Македонија“ и што, во рамките на новинарската процедура и принципи, влеговме во проверка на информацијата и дојдовме до изворот, констатирајќи дека тоа е лажна вест и не ја објавивме
Навистина, како се случи оваа бламажа со македонските медиуми, како дојде до суровото мајтапење околу „веста“ за „смртта“ на Илија Темелковски? „Почина Иле Темелковски – човекот што му го посвети сиот свој работен век на ракометот, ракометната и спортската јавност изгубија вреден спортски работник, кој беше силно и неуморно посветен кон ракометот“ – беше наведено во првата објава на медиумите, која потоа беше преземена од мноштвото медиуми, за подоцна да биде бришена од порталите и од социјалните мрежи.
Потоа следуваа извинувања до Темелковски лично и до неговото семејство, а истото тоа го сторија и сите медиуми што избрзано ја пренесоа лажната објава, без да извршат каква било проверка, без да прашаат по телефон, па потоа да соопштуваат вест за нечија смрт.
Илија Темелковски не заслужи вакво поигрување со него. Тој е македонска ракометна легенда, селектор на македонската ракометна репрезентација, човек што ги доведе таа репрезентација и самата држава Македонија на 11-то место на Светското првенство. Темелковски придонесе за вториот најдобар пласман во досегашните девет настапувања на светските првенства по деветтото место во Катар во 2015 година. Не смее да се заборави неговиот успех со јуниорската селекција и освојувањето на шестото место на светското првенство во 2017 година во Алжир. Тука се неговите подвизи како играч во редовите на суперлигашот Пролет од Скопје, додека ги водеше и Струга и Еурофарм од Битола…
Откако го „умреа“ жив и здрав Темелковски, за среќа тој медиумски „воскресна“ и преку видеоизјава ја демантира монструозната шега направена на негова сметка, но е навистина големо прашање дали ќе „воскреснат“ и човечката етика на оној или оние бесчувствителници што си приредија „забава“, објавувајќи дека е „умрен“. Исто така, прашање е дали ќе „воскреснат“ и професионалната етика и професионалните стандарди, кои „умреа“ или, да не бидеме преостри во формулацијата, кои „само приумреа“, на медиумите што ја објавија вџашувачката вест. „Нова Македонија“ беше еден од оние ретки медиуми во Македонија што не објавија ништо околу ова поигрување со животот и смртта. Јас се радувам дека сум припадник на тимот на „Нова Македонија“ и што, во рамките на новинарската процедура и принципи, влеговме во проверка на информацијата и дојдовме до изворот, констатирајќи дека тоа е лажна вест.
Морбидната „вест“ за „смртта“ на Темелковски мора да биде повод за соодветна дијагноза за сегашната состојба во која се наоѓа македонското новинарство. Зашто, не може да биде новинарство она новинарство што се занимава само со „копи-пејст“ продукција на вести, преземајќи некритички „вести“ од Фејсбук или од други не баш доверливи извори. Ваквото „новинарство“ се наоѓа на самото етичко дно. Дури и „веста“ на Ракометната федерација, пласирана на нејзината официјална фејсбук-страница за „смртта“ на врвниот ракометен стратег, мораше да биде повод за проверка дали е навистина точно тоа што се објавило, а не медиуми дури и е со „највисок медиумски рејтинг“ во Македонија да ја пласираат, па потоа да мораат да ја демантираат, ем извинувајќи им се на Темелковски и неговото семејство.
Авторот на овие редови се сеќава многу добро на „железните закони“ не само за новинарската професија туку и за новинарската етика и морал, на кои беа учени тој и другите студенти за време на менторските вежби во првата генерација од интердисциплинарните студии на новинарство од 1977/1978 година од страна на практичарите -„новинарски волци“ од рангот на Благоја Стоилковски од Македонското радио: дека новинарот мора да биде и новинар и етичар-моралист, со изразена почит за човечкото достоинство и живот!
Е, токму тоа е нешто за кое мора да се води особено внимание и тоа да биде еден од врвните приоритети во работењето на редакциите на македонските медиуми ако сакаат да имаат доверливост во јавноста и да не се „лизнуваат“ на „шегите“ со нечиј живот и „смрт“.
Но сега и надлежните институции (а ги има во Македонија) имаат обврска што поскоро да го расчистат ова „исчашено“ поигрување со Иле Темелковски и неговото семејство и оние што ја измислија таа „вест“ да бидат соодветно повикани на одговорност, за да не се повтори такво нешто во иднина.
Автор: Свето Тоевски