Репортажа од најдлабоката депресија во светот
- За него сите учевме од учебниците по географија, чудејќи се како човек може да лежи над водата и да не потонува, да е толку солено за во него да нема жив свет, а повторно да маѓепсува со својата посебност и уникатност
И додека повеќето македонски градови со денови се задушуваат во магла и смог, постои место на светот каде што концентрацијата на кислород во воздухот е најголема, каде што загадувањето го нема, каде што сите дишат со полни гради, каде што сонцето и во овие зимски денови зрачи со својата топлина, место сместено на најниската точка на планетата, место познато како Мртво Море.
За него сите учевме од учебниците по географија, чудејќи се како човек може да лежи над водата и да не потонува, да е толку солено за во него да нема жив свет, а повторно да маѓепсува со својата посебност и уникатност.
На 430 метри под морското ниво постои еден посебен микросвет
Патот до оваа несекојдневна дестинација води преку Ерусалим, светиот град во кој историјата продолжува силно да зрачи без оглед колку современиот свет да го преобликувал. Тргнувајќи оттаму, а потоа извивајќи се кривулесто низ ритчињата кон исток, зеленилото и куќите покрај патот полека се проретчуваат, а бојата на пејзажот се смирува во нијанси на беж и светол камен.
Потоа почнува спуштањето кон Јудејската Пустина, приказ како од некој друг свет. Ридовите се соголуваат, формите стануваат остри, сурови, без украси. Карпите покрај патот личат како сонцето и времето со својот делкачки алат да ги изабиле со сета своја жестина. Единствено пумпните станици за водоснабдување, кои повремено изникнуваат од под земја, говорат дека и тука човекот ги потврдил своето присуство и својата креативност да создава живот и онаму каде што е малку веројатно да го има.
Во еден момент, на кафеава крајпатна табла осамна написот „Ниво на морето“ (Sea Level), како појаснување дека ја минавме нултата кота. Одеднаш, во утробата се создава чувство како да се напушта тој некој природен ред, како човек да оди многу подлабоко од она што претставува негов светоглед, прифаќајќи ја беспоговорно сопствената ништовност во однос на моќта на природата. Патот продолжи да се спушта под нивото на морето, како еден вид патување кон внатрешноста на земјата.
Потоа, одеднаш, меѓу карпите се појави сината линија на Мртво Море. Не блескаше со вообичаениот сјај на морињата какви што ги знаеме, туку мирно се простираше под жешкото небо, кое и кон крајот на ноември повеќе потсетува на лето. Првиот впечаток е дека и Мртво Море го погодила истата судбина како нашето Преспанско Езеро. Водата се повлекува и нивото и на ова најсолено море, со над 30 отсто соленост, е паднато неколку метри и од година на година продолжува да паѓа, по еден метар годишно. Солта, опсипана од сончевите зраци, блескаше на брегот речиси нереално, а зад маглата на спротивната страна се наѕираше брегот на Јордан. Сè е мирно, нема бранови, нема галеби, нема пловила, само сонце и воздух заситен од сол.

Природен еликсир
А во овој навидум пустински амбиент, нè дочека Калиа Бич, мала оаза опкружена со палми, дрвени патеки, кафулиња, продавници со сувенири, слични содржини како крај секој морски брег. Од таму дрвени скалила што водат кон уредената плажа, која се оддалечува секоја година од првичната кота, најмногу поради повлекувањето на водата. Чудно е чувството на капење во Мртво Море, нема пливање, дозволено е само лежење на грб, а секаков обид да се нурка е најстрого забранет. Дури и случајно плиснување по лицето, очите или, пак, ненадејно голтање од водата, бараат итен и сериозен медицински третман. Моментот на мир и тишина во водите на Мртво Море е дополнет со острата реакција на водата врз човечката кожа, особено ако на телото има некакви свежи исеченици. Пецкање, небаре мал електрицитет ја поларизира кожата. Посебен еликсир е калта богата со минерали со која се мачкаа туристите поради нејзиното лековито дејство врз кожата, правејќи ја мазна и нежна. Затоа, покрај плажата беа поседнати луѓе измачкани со оваа лековита кал, верувајќи дека го пронашле еликсирот на младоста, во обид да го вратат она што никој никогаш не го вратил. Но седејќи така измачкани со часови под топлото сонце и температурите на воздухот околу 30 Целзиусови степени, барем за момент во себе како да чувствуваа дека се вратиле назад во својата младост, ако со ништо друго, барем со спомените.

Неуморна борба за спас на Мртво Море
Својата приказна за Мртво Море и борбата за негово зачувување ја раскажува и Одед Рахав, познат еколошки активист, кој е дел од движењето „Чувари на Мртво Море“.
Тој е фокусиран на зачувување и обновување на Мртво Море, една од најуникатните природни водни површини на светот, со голема соленост и богата минерална содржина.
Инспирацијата за неговата работа започнала во 2016 година, кога тој го направил првото официјално пливање преку Мртво Море во светот, симболичен и силен чин што го почнал како јавна личност за да го сврти вниманието на светската јавност за потребата за заштита на ова место.
Преку организацијата „Чувари на Мртво Море“ ја промовираат визијата за здраво и одржливо Мртво Море, кое служи како мотор за регионална стабилност и благосостојба.
Организацијата, како што објаснува Рахав, работи на привлекување експерти, активисти и заинтересирани луѓе од различни области за да се издигне свеста за опасностите со кои се соочува Мртво Море.
– Мртво Море е во опасност поради значителен пад на водата и недоволно природно дополнување, што може да доведе до негово исчезнување доколку не се преземат драстични мерки – појаснува Рахав, додавајќи дека на секој начин се обидува и ќе продолжи да работи и да се соочува со еколошките предизвици со кои се соочува Мртво Море, пред сè климатските промени, големото користење на реките што го напојуваат, индустриската употреба…
Мисијата на Рахав е да ја зачува оваа природна сензација за идните генерации.
Авантурата на Мртво Море завршува така што повторно се вративме кон суровата реалност со која секојдневно се соочуваме, со човечката алчност и потреба да ги експлоатира природните ресурси без никакво чувство дека и тие треба да бидат заштитени, за да можат својата уникатна приказна да им ја раскажуваат на идните генерации.
































