Основната цел на здружението „Аутизам ААМК“ е зголемување на свесноста за лицата со атипичен развој, нивно прифаќање, почитување и инклузија во општеството, нивно сакање. Сакаме колку што можеме и на начин на кој ние знаеме и умееме да помогнеме во подобрување на секојдневието на овие лица и нивните семејства. Сакаме да покажеме и да докажеме дека атипичните се различни од типичните, но и многу слични. И едните и другите имаат слични желби и посакувања, сите сакаат прошетки и дружби, сите сакаат да слават родендени, да играат во парковите, да бидат заедно на големиот одмор во училиштето. Сите сакаат да бидат заедно,
вели Јанкуловски
Пријатели на младите: Денис Јанкуловски, медицинско лице и хуманист
Ако кажеме Космонаутко, „гуш и бац“, Школка, дружење на деца со и без попреченост без предрасуди… на кого ќе помислите прво? Секако, на Денис Јанкуловски, кој, еве, веќе неколку години искрено и со насмевка се обидува во нашето општество да ја зголеми свесноста за положбата на лицата со попреченост, а особено на децата. Досега, со пријателите организирал повеќе од 25 инклузивни настани, а се прават подготовки за нова средба на 9 април на Школка во Градскиот парк во Скопје. За својата активност, во рамките на здружението „Аутизам ААМК“ е добитник и на неколку општествени признанија. Неговата примарна професија, исто така, е поврзана со помагање на луѓето. Од 1996 година е вработен во Центарот за јавано здравје во Скопје, во Одделението за микробиологија, како медицински техничар. Со почетокот на корона-вирусот облечен во скафандер им земаше брисеви на деца и болни, а тоа го работи и денес.
Прекарот Космонаутко е ваш заштитен знак и своевиден мост што ве доближи до децата. Како го добивте?
– Еднаш едно детенце кога ме виде како во скафандер влегувам во нивниот дом рече: „Мамо, мамо еве го космонаутот дојде“. Тоа беше во април 2020 година. Ете, тоа момче е кумот. Децата се мои најголеми пријатели, кои заслужуваат искреност и внимание, па и кога им земав брис им велев дека ќе се случи нешто, ама оти не е страшно. Ме испраќаа со насмевки, цртежи, со песна. Ми даваа чоколадно млеко, бисквити, крем-банани, ми велеа дека сум од планетата Зис… Она што го почувствував во таа релација посакав да го проширам меѓу здравите и болните деца. Тоа ми беше целта, она што го правам волонтерски од 2018 година, да допре до сите, да има реакции. Јас немам болно дете, но сакам да им помагам на оние на кои тоа им е потребно.
Омилен сте во јавноста. Според вас, која е формулата да се допре до луѓето, особено до децата?
– Упорен сум, храбар и искрен. Во текот на пандемијата им дадов зрак ведрина на луѓето. Нема поголема убавина кога децата, ете, на Школка, трчаат да ме прегрнат. Јас не се мешам во стручниот дел, но давам сѐ од себе во хуманиот, човечки пристап кон овие деца, млади и нивните родители. Навистина ме радува кога се зголемува свесноста кај младината за човековите вредности и кога борбата во општеството се насочува на вистинската патека, кога на лицата со атипичен развој сакаме ЗАЕДНО да им обезбедиме поубаво утре, почнувајќи од денес. Кога размислувањата ни се совпаѓаат, кога мислиме како ЕДНО.
На вакво нешто човек НЕ СМЕЕ да каже не, впрочем и нема ни зошто затоа што, прво, секоја помош е добредојдена, а ваквата е бесценета. Едноставно со широка насмевка и разиграно срце ние велиме најгласно ДА.
Што направивте најпрво?
– Иницијалната каписла ми беше запознавање со семејство Кардула. Тие имаат ќерка со аутистичен спектар, се вика Ерато. Запознавајќи ги нив, јас добив поттик да направам нешто за овие деца. Го оформивме здружението „Аутизам ААМК“. Се собравме ентузијасти, пријатели, волонтери. Нашиот модел е преку настаните што ги организираме да ѝ го свртиме вниманието на јавноста. Досега 25 пати сме организирале разни настани, новогодишни забави, работилници… Сакаме да покажеме дека сите тие можат и дека некој им обрнува внимание во нашето општество.
Кои се примарните цели и визија на здружението „Аутизам ААМК“?
– Основната цел на здружението е зголемување на свесноста за лицата со атипичен развој, нивно прифаќање, почитување и инклузија во општеството, нивно сакање. Сакаме колку што можеме и на начин на кој ние знаеме и умееме да помогнеме во подобрување на секојдневието на овие лица и нивните семејства. Сакаме да покажеме и да докажеме дека атипичните се различни од типичните, но и многу слични. И едните и другите имаат слични желби и посакувања, сите сакаат прошетки и дружби, сите сакаат да слават родендени, да играат во парковите, да бидат заедно на големиот одмор во училиштето. Сите сакаат ДА БИДАТ ЗАЕДНО. Токму тоа ЗАЕДНО ние преку нашите многубројни активности го потенцираме и практикуваме. Сите наши цели и заложби се во соработка со семејствата што живеат со атипичност затоа што тие најдобро знаат што е потребно, како ние можеме да помогнеме.
А сето тоа во интерес на лицата со атипичен развој, нивната радост и среќа, нивниот подобар живот, затоа што и тие ги имаат истите човекови права како и секој друг. И тие се лица со име и презиме и што е најбитно, тие се наши браќа и сестри, роднини, соседи, пријатели. Наши сограѓани.
Дали уште како дете почувствувавте потреба да помагате?
– Отсекогаш ја имав таа желба да помагам. Додека учев во основното училиште „11 Октомври“ често додека бевме во училишниот двор забележував едно момче што беше необично. Аце беше необичен, различен од повеќето, но секогаш беше весел, насмеан, со мајка му доаѓаше до оградата и нѐ гледаше нас со најубавата насмевка, имаше очи полни радост, но и огромна желба да дојде, да поигра со нас, да трча низ дворот и да ја шутне топката. Во Кисела Вода, кај што живеам, имаше и едно дете што беше повлечено, мирно, тивко, кое седеше само и ретко зборуваше. Како Аце, необично. Во тоа време не се знаеше многу за овие состојби, но и за многу други атипични состојби и заболувања. Подоцна, со текот на годините дознав дека Аце имал Даунов синдром, а детето можеби некој вид аутистичен спектар. Гледајќи ги нив, како единец без брат и сестра, препознавајќи го нивното чувство на самотија, која кај нив, за жал, е 24-часовно секојдневие, гледајќи како се дискриминирани, неприфатени ми беше жал. Сакав некако да им помогнам. Низ годините се обидував, барав начини како можам да помагам. Но, ете, моделот дојде дури на 45-46 години.
Сите ние секојдневно играме и растеме заедно, за поубаво утре, за здраво и нормално
општество во кое сите сме заедно како едно
Кога се чувствувате најубаво и најисполнето?
– Дефинитивно кога сум во дружба со децата, тогаш сум јас, свој на своето. Кога ги правиме настаните на кои има многу, многу деца, кога ќе ги видам нивната радост, среќата, насмевките, кога од далеку слушам едно најгласно „ДЕНИИИИИИИИСССССС“ и ми втрчуваат во прегратка, која буквално е толку силна, топла, искрена и која може да трае до бескрај. Исполнет сум и кога ќе видам дека и нивните родители/старатели, братчиња и сестри, баби и дедовци се среќни и задоволни што нивните ангели и херои си поминале убаво, кога ќе прочитам порака од атипично лице во која ми се заблагодарува што имало убав ден и сака пак. Но среќен сум и кога родители на децата што немаат никаква атипичност ќе ни кажат огромно благодарам што имале можност да присуствуваат на таков инклузивен настан, што нивните деца се запознале и другарувале со дете со Даунов синдром или аутизам или некоја друга атипичност, што нивните деца едноставно запознале други деца.
Сето ова за мене е показател дека сум на вистинската патека, ми дава сила, елан, волја и огромно количество енергија да продолжам и понатаму исто, па дури и посилно. Но во овие успеси и убави работи е вклучена и голема армија од мои малечки, но големи типични и атипични другарчиња, кои ми ја даваат својата поддршка, која многу ми значи, како и многубројните пријатели, другари, но и непознати, кои секојдневно се вклучуваат во нашите дружби. Сите ние секојдневно ИГРАМЕ И РАСТЕМЕ ЗАЕДНО, за поубаво утре, за здраво и нормално општество во кое сите сме ЗАЕДНО КАКО ЕДНО.
На 9 април сите на Школка!
– Еј, Космонаутко, кога рече дека е „Играме заедно пак“ на Школка?
– На 9 април од 11 до 14 часот, ќе дојдете?
На Школка сите сме различни, но и сите сме слични, па и исти.
На Школка се прифаќаме, почитуваме, сакаме.
На Школка сите сме деца, па макар имале и 50 години.
На Школка сите растеме ЗАЕДНО.
На Школка сите играме како ЕДНО.
На Школка сите имаме љубов за секого.
Од игри, песни, насмевки, прегратки, радост, среќа, подароци до гуш и бац на Школка!
Во разликата се крие убавината
Се прашувам:
– Каков ли светот ќе беше,
ако бевме сите исти?
Деца зборуваат малку,
други се палави повеќе од сите,
трети, пак, дебелки или премногу тенки.
Некои вакви, некои такви
за мајките, сите се еднакви.
А, треба ли разлика да се прави кај дете?
Можеби не слуша, но знае да сака,
Можеби не гледа, но сонува, исто така…
Нели сите деца имаат свои желби,
да летаат, да шетаат,
да патуваат, да се радуваат
со играчки денот да го поминуваат?
Големо е и чисто
срцето на секое дете.
Кога гледаш дека некој
не е како тебе,
прифати го таков, каков што е.
Значи, човек си голем:
ако прифаќаш,
ако разбираш,
ако помагаш…
И, ако вистински знаеш да сакаш.
Касија Георгиева, 6-а одделение
ООУ „Невена Георгиева-Дуња“ – Скопје
(Од алманахот на „Ракатки 2021“)