Според насоките од ДИК, на двојните избори в среда граѓаните ќе можат само еднаш да се појават на гласачкото место, односно ако се одлучат да гласаат само на едни избори, потоа не можат да се премислат и повторно да се вратат и да гласаат на другите избори
ДИК со препораки за успешни двојни избори
Финишираат подготовките околу организирањето на вториот круг од претседателските избори, како и на парламентарните избори, кои ќе се одржат во ист ден, в среда на 8 мај.
Партиите ги најавуваат веќе и завршните митинзи, а со оглед на продолжениот празничен викенд што следува, сите сили се насочени партиските пораки да допрат до што поголем број гласачи.
Она што е забележливо, тоа се повиците од повеќето политички актери до македонските граѓани да излезат масовно на изборите и на најдемократски начин да го изберат оној кандидат или политичка опција за која сметаат дека е најдоброто решение за државата.
Во меѓувреме и Државната изборна комисија излезе со упатство за тоа како ќе се гласа на двојните избори, со оглед на многубројните шпекулации што се појавија во јавноста околу можноста да се опструираат претседателските избори за сметка на парламентарните.
Според насоките од ДИК, на двојните избори в среда граѓаните ќе можат само еднаш да се појават на гласачкото место, односно ако се одлучат да гласаат само на едни избори, потоа не можат да се премислат и повторно да се вратат и да гласаат за другите избори.
Претседателот на ДИК, Александар Даштевски, во интервју за МИА истакна дека е важно на граѓаните да им се објасни дека имаат право да гласаат за двата вида избори, но дека можат да одберат да гласаат или само за парламентарни или само за претседателски избори.
– Граѓанинот ќе може да дојде само еднаш и да гласа и за двата избора. Постапката е следна: кога ќе дојде, прво ја дава личната карта да се види дека е тој, потоа оди на биометриска идентификација, потоа го бараат во списокот да го заокружат и му даваат ливчиња. И потоа оди да гласа – вели Даштевски.
Понатаму уште додава дека секој гласач ќе биде прашан од претставниците на избирачката комисија дали ќе гласа на двојните избори или, пак, ќе одбере да не учествува на некои од изборите.
– Важно е граѓаните, кога за тоа ќе бидат прашани на избирачкото место, да имаат прецизен одговор дали ќе гласаат само за едните или и за претседателските и за парламентарните избори, бидејќи потоа нема да можат да се премислат. Тоа е битно, бидејќи за претседателските избори има цензус. Претпоставувам дека најмногу ќе гласаат за двата, а може да се случи и само за парламентарните избори, бидејќи знаеме дека одзивот и интересот таму се многу поголеми – објаснува Даштевски.
Она што беше евидентно при првиот круг од претседателските избори, тоа е брзата обработка на изборните резултати, така што очекувањата на првиот човек на ДИК се дека тоа ќе биде случај и на двојните избори, без оглед што се работи за посложен процес.
Даштевски очекува првичните неофицијални резултати од изборите на 8 мај да се знаат до полноќ, имајќи ги предвид промените што ДИК ги направила во изминатиот период, но и искуството од изминатите избори.
– Презедовме мерки на овие избори и тие мерки се состојат во зајакнување на хардверот за да може во исто време да прима повеќе информации, понатаму во обучување на повеќе луѓе на терен. Значи, сега беа обучени некаде околу 1.700 луѓе да внесуваат податоци, обезбедивме за сите тие 1.700 лаптопи во соработка со Државниот завод за статистика. Исто така, за да се забрза изборниот процес во избирачките места во секое време ќе има по седум, наместо пет лица како претходно, а за броењето на резултатите да бидат сите присутни – нагласува Даштевски.
Тој уште еднаш ги повика гласачите да излезат повторно мирно, достоинствено и без притисоци да го дадат својот глас за онаа партија за која одлучиле.
Единаесеттите по ред парламентарни избори ќе се одржат на 8 мај 2024 година (среда), истовремено со вториот круг на претседателските избори. Во вториот круг на претседателските избори ќе се натпреваруваат кандидатката Гордана Силјановска-Давкова, поддржана од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, како и Стево Пендаровски, поддржан од СДСМ и коалицијата што ја предводи оваа партија.
Според податоците на ДИК, Гордана Силјановска-Давкова во првиот круг освои 363.086 гласа (40,08 отсто), додека за Пендаровски гласале 180.500 граѓани (19,92 отсто).
Од друга страна, на парламентарните избори граѓаните ќе гласаат за нов собраниски состав. Во Собранието се избираат 120 пратеници според пропорционалниот модел, при што територијата на земјата е поделена на шест изборни единици утврдени со Изборниот законик и во секоја изборна единица се избираат по 20 пратеници.
Препораките за претстојните избори остануваат исти како и за секои избори, со единствена цел, изборниот процес да помине во фер и демократска атмосфера.
1. Гласањето се врши лично на гласачките места во Република С. Македонија и во ДКП/КК.
2. Избирачкиот одбор на гласачите им го објаснува начинот на гласање и им овозможува да гласаат.
3. Гласачот може само еднаш да се појави на гласачкото место за остварување на своето избирачко право.
4. Гласачот го приложува документот за лична идентификација – важечка лична карта или патна исправа, односно лична карта или патна исправа чија важност истекла во периодот од 24 јули 2023 до 24 април 2024 година.
5. Гласачот става отпечаток од показалецот од десната рака на уредот за биометриска идентификација, а доколку гласачот нема десен показалец се зема отпечаток од показалецот од левата рака или во случај на гласачот да му недостигаат овие два прста се зема отпечаток од наредниот прст од десната рака.
6. Доколку гласачот нема две раце гласачот се внесува во техничката опрема со пребарување преку неговиот единствен матичен број (ЕМБГ).
7. Доколку УБИГ не може да најде совпаѓање на отпечатокот од прсти со отпечатокот од прсти на гласачот во електронскиот избирачки список, гласачот се внесува во УБИГ преку отчитување на личниот документ на МРЗ-скенерот или преку внесување на единствениот матичен број (ЕМБГ), а потоа гласачот става отпечаток од прст на УБИГ.
8. По потврдувањето на идентитетот, гласачот го става својот потпис во изводот од избирачкиот список.
9. Гласачкото ливче се откинува од кочанот по нумерички редослед, задолжително му се става печат на предната страна на местото определено за печат и потоа му се дава на гласачот.
10. Гласачот добива едно гласачко ливче за претседателските и едно за парламентарните доколку се одлучи да гласа на двата избора, во спротивно ќе добие ливче само за оние избори за кои се определил.
11. Гласачот гласа сам, тајно зад гласачки параван.
12. Гласачот гласањето го врши на тој начин што го заокружува редниот број пред називот/името на листата со хемиско пенкало со мастило во сина боја.
13. Превитканото гласачко ливче гласачот го става во гласачката кутија.
14. Гласачот го подигнува документот за лична идентификација.
15. Гласач што има физички недостаток или е неписмен и поради тоа не може да гласа на начин утврден со Изборниот законик, со себе има право да доведе лице што ќе му помогне при гласањето. Ако не доведе со себе лице што ќе му помогне при гласањето, тогаш избирачкиот одбор ќе определи друго лице од редот на гласачите. Лицето не смее да влијае врз одлуката на гласачот.
16. Забрането е семејното и групното гласање, како и гласањето за друго лице.
17. Забрането е фотографирање на гласачкото ливче со мобилен телефон или апарат за фотографирање.
18. Забрането е носење оружје на гласачкото место. С.Т.