„Носталгија“ е насловот на изложбата на графики на младиот ликовен уметник Иван Мегленов отворена во галеријата на домот на културата „Иван Мазов Климе“ во Кавадарци. Изложбата претставува серијал на графики работени во ситопечат-техника, кои се интерпретација на спомените на авторот, артефакти од блиското минато, чија функционалност денес е излишна и заборавена. Графиките ја прикажуваат емотивната врска со сеќавањата на детството и раната младост на авторот.
– Додека се истражува серијалот графики под наслов „Носталгија“ на Иван Мегленов се забележува дека секое парче вклучува илустриран елемент од детството на уметникот, додавајќи длабоко личен и интимен слој на секое дело. Овие елементи се беспрекорно вткаени во поголемите композиции, создавајќи чувство на хармонија и рамнотежа што го повикува гледачот да се задржува и размислува. Комбинацијата на црно-бели графики во ситопечат е особено ефикасна во пренесувањето на темата носталгија и создава безвременски елемент. Отсуството на бојата, всушност, го принудува гледачот да се фокусира на сложените детали, овозможувајќи подлабока и позначајна емотивна врска со визијата на уметникот – рече Александар Малинков на отворањето на изложбата.
Иван Мегленов дипломира на Факултетот за ликовни уметности во 2019 година на Отсекот за графика. Ова е негова прва самостојна изложба, а се случува во Кавадарци затоа што по потекло е од Кавадарци и од самиот почеток на неговото уметничко дејствување негов прв ментор е македонската ликовна уметница од Кавадарци, Ана Темкова.
Ми. М.