Христијаните знаат дека Бог ги слуша човечките помисли што се раѓаат во срцето. Колку ова некому да звучи чудно, вистина е, од срцето сè излегува. Зошто мислите зло во срцата свои, ги прашува Господ Исус Христос луѓето, а пред сè фарисеите што требало да го чуваат Законот, но најмалку од сите го почитувале, односно го злоупотребувале за да си обезбедат благосостојба. А сè што мислиме дека сме сториле тајно, на Страшниот суд ќе стане јавно и според нашите помисли, зборови и дела, ќе ни се суди праведно. Проблем се многу луѓе што се умислуваат богови и сакаат да спроведуваат свои лични страшни судови. Нам тоа секако постојано ни се случува.
Освен Бог, знам дека моите зборови и дела ги слушаат и следат службите со удбашка, тоталитаристичка матрица, кои се метастазирани како канцер низ системот. Удбашот не верува во Бог, затоа што од позиција на моќ, себе се доживува за божество, иако, веројатно се нервира, не може да ми ги чуе помислите од срцето. Затоа јас и тоа што го мислам (чувствувам), го ставам во колумни, но и во книжевноста што ја пишувам. Всушност, најмногу се давам себеси меѓу редови, во она што го пишувам. Дури сум помислил да ја ставам во книга сета своја блудна и гревовна приказна, перверзна како Борџија, како што тоа веќе го направиле Де Сад, Буковски или Лимонов, а имајќи предвид колку јавноста сака туѓа интима, книжевноста ќе ми стане популарна и јас ќе заработам, ама знам дека на оние што ми ја следат приватноста, тоа не им е доволно, но, и да бидеме искрени, најчесто воопшто не читаат. Тие би да ми ја разузнаваат интимата, а бидејќи таквото разузнавање сакаат да го спроведат врз многумина, не можат да ја штитат државата од никакви надворешни напади, за што всушност и народот им ја дава платата. Затоа сме идентитетски девастирани.
По „Големото уво“, НАТО ни ги истегна ушите напаѓајќи ни ја територијата од својот протекторат, за да нè затвори во рамка во која сме поделени на племиња, водени од криминални поглавари што тие ги аминуваа, а нè доведоа во состојба во која избраните што нè владеат енормно се збогатуваат, додека сиромашниот народ бега од државата. По „Вистината за Македонија“, умре прво вистината, а потоа и Македонија беше крвнички ликвидирана. Оваа брутална операција, спонзорирана од „меџународната“, а спроведена како специјална војна, имаше и свој перформанс, кој патуваше од јавно емитување криминално набавени туѓи интимни разговори до Шарена револуција. Прислушувањето го режираа службите, а во „револуцијата“ играше шуто и рогато од интелектуалната бижутерија. И повторно, разузнавањето што зема плата од македонскиот народ, одработи добар дел од ликвидацијата на Македонија.
И еве нè сега во третиот чин на македонската разузнавачка трагедија. Овој чин уште нема име, па јас ќе си го наречам „Големото дувло“. Интересно е што во овој дел од нашата трагедија имаме последна шанса за пресврт каде што конечно пушката ќе испука хепиенд, по кој нема веќе фарсата да ни се повторува како историја. Но, да одиме со ред, да почнеме со Христијан Мицкоски, лидер на опозиција. Службите платени од македонскиот народ да ја чуваат државата, а кои години наназад, всушност ѝ ја разузнаваа суштината за да ја крадат и распродадат, подбуцнати од своите шефови наречени политичари на власт, дошле до генијален заклучок дека лидерот на опозицијата сака да ја урне власта. Значи каков аздис. Мислам, кај го има тоа? Во која нормална демократска земја опозицијата сака да ја урне власта? Цинизам настрана, службите пак тотално промашија. Додека тие го следеле секој чекор, збор и здив на Мицкоски, македонскиот народ им ја сруши власта. И ја предаде во рацете на опозицијата. Која сега е власт. И ја има последната шанса еднаш засекогаш да расчисти со „Големото дувло“, за конечно македонската трагедија да тргне кон ново сиже и нормална приказна каде што службите не ја разузнаваат интимноста на македонскиот граѓанин, туку ја чуваат татковината.
А таму кај што има трагедија, некако е логично да има и хор. Затоа и сведочиме на хорска хистерија. „Големото дувло“ и неговите медиуми побараа декласификација на документите што АНБ ги достави до обвинителството како докази за нови нелегални прислушувања. Сакаат, бре, она што тие го прислушувале, целата интима на прислушуваните, сега јавно да се објави, за народот да добие нова вербална оргија. Демек како што Заев имал храброст, онаа грозоморна незаконска перверзија наречена „Вистината за Македонија“ јавно да ја објави.
И немој да мислите дека е ова само за да ја дефокусираат јавноста. Не, не, они апсолутно се убедени дека се сопственици на нашата интимност, мечти и воздишки и дека со нив имаат право да прават што сакаат, односно да ги објавуваат, да тргуваат со нив или да забавуваат неизживеани профили на социјални мрежи што глумат човечки битија. Искрено да ви кажам, јас ама ич немам проблем јавноста да се занимава со тоа како ја изневерувам жена ми со сестра ѝ и со нејзиниот сопруг. Секако, сопругата некое време ќе вреска по мене, ама бидејќи имам силен збор и моќ на убедување, ќе ѝ објаснам дека баш е океј да правиме тројка, јас, она и сопругот на сестра ѝ, на четворка нема да инсистирам, оти глупо е да ја воведувам во инцестуозна приказна. А? Доволно ли е ова перверзно за да ги задоволи апетитите на оние што во недостиг од своја, мора да слушаат туѓа интима? А не се малку таквите на кои туѓата интима, особено онаа сексуалната, им е единствена животна енергија. За многумина туѓите воздишки се поважни од што знам, од роденденот на нивните деца. На крајот на краиштата, за што да прават муабет, ако не за туѓите авантури (свои немаат) што некој ги пласирал јавно, додека децата во игротека прославуваат? Јас сум стварно убеден дека барањето да се објави јавно она што самите го прислушувале не е само за да дефокусира од фактот дека се фатени во небрано, туку дека во суштина станува збор за луѓе што туѓата интимност ја сметаат за сопственост со која можат да си ги задоволат страстите, но и со неа да тргуваат. Затоа повторувам, ова ни е последната шанса да завршиме со пишување нови чинови од трагедијата, ние да продолжиме да се бориме да си ја вратиме Македонија, а тие да останат во историјата, како фарса што веќе не ни се повторува.